Косовскиот јавен сервис ги зближува етничките заедници

28/07/2008

Во Радио-телевизија Косово, албанските новинари работат заедно во иста просторија како и нивните колеги од малцинствата.

Фотографии и текст од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 28/07/08

photo

РТК е една од главните мулти-етнички институции на Косово.

Јавниот сервис Радио-телевзија Косово (РТК) е една од главните мулти-етнички институции на Косово. Околу 26 отсто од нејзините дневни вести се емитуваат на јазиците на малцинствата: српски, турски, босански и ромски. Оваа станица, исто така, објавува неделни весници на овие јазици.

Основана по завршувањето на конфликтот во 1998-1999-та година, РТК се состои од еден телевизиски сервис и две радио станици -- Радио Косово и Радио Блу Скај. Таа работи според одредбата 2001/13 на УНМИК како самостојна организација, а нејзиниот генерален директор е одговорен пред неполитички борд на директори.

„Обврската на РТК да им служи на сите заедници е клучен дел од нејзините обврски како јавен сервис“, вели генералниот директор Агим Затриќи.

„Ние работиме заедно во истата просторија за новинари“, вели турската уредничка Фатма Хоча која има три новинари во нејзината екипа, како и дописници од Призрен и други градови. „Имаме многу добра соработка, особено со албанските колеги. Понекогаш, кога обработуваме некој настан за турското малцинство, нашите албански колеги соработуваат со нас и ние го земаме нивниот камерман. Или, кога ќе дојде некоја делегација од Турција, ние ги снабдуваме со слики и вести“.

Ненад Радомировиќ, српски новинар, исто така укажува на атмосферата на соработка. „Емитуваме програми на пет јазици“, вели тој. „Работиме заедно и постои атмосфера на разбирање“.

Политиката на РТК е сите новинари, без оглед на кој јазик пишуваат, да работат заедно во радио и телевизиските студија, делејќи ги информациите и просториите. „Мило ми е што работам во една ваква средина каде луѓето од различни етнички заедници работат заедно за една заедничка, корисна цел“, вели албанскиот новинар Шкумбин Ахметџекај, кој ги обработува политичките прашања. „РТК е пример за тоа како луѓето, без оглед на нивното етничко потекло, се согласуваат за изградба на едно мирно Косово“.

photo

Турската уредничка Фатма Хоча (десно) има три новинари во нејзината екипа, како и дописници од Призрен и други градови.

Односите помеѓу сите новинари во РТК се одлични, според уредникот на албанската програма Ментор Шала. „Во РТК нема етнички поделби. Ние работиме како граѓани на Косово“, вели тој.

За да го поттикне напредокот на својата уникатна програма, РТК има извршен продуцент за програмите за малцинствата. „Малцинските прашања редовно се објавуваат во традиционалната албанска програма и гости од малцинствата учествуваат во студиските програми“, вели главниот уредник Сулејман Шаќири, кој претходно беше продуцент за програмите за малцинствата.

Овој јавен сервис е, исто така, дом на косовската верзија на „Улицата Сезаме“, која се емитува на албански и српски. Во продукција на работилницата Сезаме во соработка со локалниот партнер СМБ, „Руга Сезам“ и „Улица Сезам“ се емитуваат низ Косово, а исто така се пренесуваат регионално од двата сервиси на српски јазик, ТВ Мост во Звечан и ТВ Херц во Стрпче.

Овие локални адаптации на „Улицата Сезаме“ имаат значително влијание врз тоа како децата гледаат на другите малцинства во нивните заедници и ја зголемуваат нивната писменост и социо-културното знаење, вели Сала Битучи, наставник во основното училиште во Сухарека.

Според Битучи, децата кои ја гледаат оваа емисија покажуваат попозитивен став кон децата од другите етнички заедници. Меѓувремено, 12 годишниот ученик Агрон Морина вели дека повеќе му се допаѓа една друга понуда на РТК -- цртаните филмови „Том и Џери“, кои исто така се емитуваат и на албански и на српски. „Ова е мојата омилена емисија“, вели тој.

Во февруари 2005-та година, РТК стана единствениот јавен сервис на Косово кој емитува вести на јазикот за глувонеми. Оваа услуга, овозможена со поддршка на ОБСЕ и Здружението за глувонеми на Косово е „единствената врата за глувонемите да добијат пристап во јавниот живот на Косово“, вели преведувачот на јазикот за глувонеми Селман Хоти.

photo

„Во РТК нема етнички поделби. Ние работиме како граѓани на Косово“, вели уредникот на програмата на албански јазик Ментор Шала.

РТК е лидер на пазарот и ја гледаат 92,1 отсто од населението. Меѓутоа, оваа телевизиска станица се соочува со сериозни финансиски проблеми. Од 2003-та година, таа добиваше значителен дел од средствата преку месечна такса која ја плаќаа граѓаните на Косово.

Според договорот со Косовската енергетска корпорација (КЕК), потрошувачите на енергија мораа да плаќаат по 3,5 евра месечно за поддршка на јавниот сервис. Но, неодамна КЕК престана да го почитува договорот и месечните такси повеќе не пристигнуваат.

Многумина веруваат дека одлуката на КЕК е дел од обидот РТК да се стави под владина директива. Според актуелните договори РТК има особено независна, неполитичка улога -- но, и проблем при плаќањето на своите сметки.

Ако продолжи сегашната ситуација, РТК можеби ќе мора да се реорганизира. „Не верувам дека некој работи во телевизија без плата“, вели албанскиот новинар Пранвера Муниши-Морина.

Иднината на овој јавен сервис, како и на новата држава Косово, останува неизвесна. Сепак, тој ја продолжува својата дневна мисија да понуди една современа алтернатива за нетолеранцијата -- еден пример, како што еднаш кажа поранешниот претставник на ОН Бернард Кушнер, на „медиум кој одразува демократски принципи“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading