Процесот на евроинтеграција е „неопходна национална цел“ за Албанија

14/07/2008

Албанија е на возбудлив пат кон евро-атлантска интеграција -- со покана за членство во НАТО добиена на почетокот од годинава и напори за европски реформи. Бидејќи земјата оди напред, една јасна владина визија ќе ги отвори вратите за целосна интеграција и согласност со организациските стандарди, вели албанскиот министер за надворешни работи Љуљзим Баша во интервјуто со дописникот на Southeast European Times Сами Неза.

Од Сами Неза за Southeast European Times во Тирана -- 14/07/08

photo

Љуљзим Баша, министер за надворешни работи на Албанија. [Getty Images]

Southeast European Times: Кои се главните предизвици со кои се соочува Албанија во нејзините напори за европска интеграција?

Љуљзим Баша: Албанија го започна своето патување кон европска и евро-атлантска интеграција пред неколку години. Одлучивме. Денес сме сведоци на резултатите. Беше потребна политичка храброст, јасна визија и цврста одлучност. Ги имавме сите овие нешта тогаш, а ги поддржуваме и денес.

Во изминатите две децении, Албанија активно го започна патот на преобразба кон слобода, демократија, владеење на правото и пазарна економија. Се соочивме со разни предизвици, но две цели остануваат во суштината на целиот процес: полноправно членство во НАТО и интеграција во ЕУ.

Албанската влада го смета процесот на европска интеграција за неопходна национална цел. Ние работиме многу напорно за да ги исполниме Копенхагенските критериуми и другите услови со цел да ги реализраме потребните европски стандарди.

Во моментов Албанија се наоѓа во една пресудна фаза од процесот на европска интеграција. Го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) пред две години и наскоро тој ќе биде ратификуван од сите земји-членки на ЕУ. ДСА претставува основен показател за процесот на реформи во Албанија. Сите напори што ги направивме за да ја забрзаме евроинтеграцијата се вклучени во реформите што ги направи албанската влада.

Целта на реформите е борбата против организираниот криминал и недозволената трговија, намалување на корупцијата и зајакнување на административните капацитети, привлекување на повеќе директни странски инвестиции и создавање на пријателска бизнис средина, зајакнување на владеењето на правото и подобрување на судскиот и изборниот систем.

SETimes: Ќе побара ли Албанија статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и кога?

Баша: Статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ ќе дојде како природна фаза во нашиот пат кон евроинтеграција. Тоа може да се види од видливиот напредок што Албанија го постигна при спроведувањето на реформите за интеграција. Нашиот приод кон ЕУ не е само поврзан со датуми и тајминг, иако тие преставуваат важен елемент од него, туку пред се тој се темели врз квалитетот, ширината и ефикасноста на реформите.

Моментот на апликација за членство е решавачки момент во целиот процес на интеграција...сметаме дека апликацијата ќе биде поднесена во блиска соработка и консултации со ЕУ. Ќе ја примениме истата филозофија на соработка, консултации и партнерство што ја користевме во изминатиов период.

photo

Изборниот процес има потреба од реформи како дел од патот кон интеграција.[Getty Images]

SETimes: Може ли Албанија да си дозволи брза интеграција и дали административните капацитети на земјата ќе го дозволат тоа?

Баша: Од самиот почеток, Албанија се залагаше за евроинтеграција. Според нас, таа е единствената земја која има широка јавна поддршка и целосна поддршка од сите политички партии. Свесни сме за проблемите и не забораваме дека европската интеграција е процес.

Владата се обврза да ги поткрепи административните капацитети потребни за евроинтеграција и соодветно постапува во однос на ова прашање. Реформите во администрацијата се реформи на кои владата е сериозно посветена. Овие реформи се пресуден столб во процесот на реформи, а резултатите се веќе видливи.

Евроинтеграцијата и целосната согласност со европските стандарди бараат јасна владина визија за главните адиминистартивни структури, кои се одговорни за исполнување на обврските одредени во Аквисот. Реформите во администрацијата се разгледуваат во полза на имплементацијата на националните обврски и во рамка на процесот на интеграција.

SETimes: Каков е ставот на Албанија во однос на името на Македонија и дали Албанија ќе влијае врз решавањето на спорот помеѓу двата соседи?

Баша: Албанија води една добро-соседска политика.

Што се однесува до името, сакаме да истаккнеме дека тоа не е дел од нашите билатерални односи со Македонија. Сакаме да се најде решение што е можно поскоро, кое ќе биде прифатливо и за двете земји, преку билатерлани преговори потпомогнати од страна на ОН.

Се надеваме дека решението ќе го зајакне мирот, стабилноста и просперитетот на регионот. Суштинско начело на нашата надворешна политика е да ги поддржиме сите иницијативи кои носат мир и стабилност во нашиот регион и кои помагаат за евро-атлантска интеграција на сите земји во регионот.

SETimes: Албанија тукушто доби покана за членство во НАТО. Каква корист има Албанија од ова членство? Се чувствува ли фактот дека Албанија доби покана во земјата?

photo

Албанија доби покана за членство во НАТО во април. [Getty Images]

Баша: Тоа што се случи на самитот во Букурешт во април годинава, кога Албанија доби покана, заедно со Хрватска, да ги започне преговорите за пристапување е награда за напорите на Албанија и мотив да продолжи со реформите.

Одлуката на самитот во Букурешт е историски момент кој го обележува крунисувањето на 15-годишните напори на Албанија кон евро-атлантска интеграција и почетокот на една нова ера во нејзините односи со сојузниците сега и во иднина.

Овој настан е исклучително достигнување за Албанија и во исто време признание за новата конкретна албанска реалност, реалност постигната благодарение на позитивните промени и трансформации, кои често се макотрпни, во сите сфери на економскиот, политичкиот, социјалниот и воениот живот, човечките права и правата на малцинствата.

Ова директно ќе придонесе за зголемување на стабилноста дома и во регионот; проширувањето ќе има влијание и врз слободното движење на луѓето и културите, економски развој преку зголемување на инвестициите и трансфер на капиталот и развој на транспортната инфраструктура; последново ќе има значително влијание врз промоцијата на туризмот, бидејќи Албанија поседува огромен и се уште неискористен потенцијал.

SETimes: Какви се односите на Албанија со Косово и со останатите балкански земји?

Баша: Соработката со Косово е важен дел од нашата регионална политика. Во моментов односите помеѓу Албанија и Косово се одлични. Тие се темелат врз принципите на добро-соседство, соработка и почитување на меѓународно признатите граници. Над 33 договори и меморандуми за разбирање ги поткрепуваат овие билатерални односи. Очекуваме понатамошно продлабочување и институционализирање на оваа рамка во иднина.

Односите помеѓу Албанија и другите земји од регионот се, исто така, добри. Тие се темелат врз принципот на соработка, добро-соседство и взаемно почитување на територијалниот интегритет. Албанија нема некакво нерешено прашање со соседите.

Регионалната политика на Албанија е водена од препораките на ЕУ и одредбите на ДСА. Нивното исполнување е предуслов за европска интеграција на Албанија и на регионот во целина.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading