02/06/2008
Грците често чувствуваат дека важноста на нивната земја во регионот не води до дипломатско влијание. Можеби обидот да се стекне влијание стои зад одлуката на владата да се приклучи кон „Јужниот поток“.
Христос Рингас за Southeast European Times во Атина -- 02/06/08
![]() Грчките медиуми ја истакнаа важноста на гасоводот за осигурување на стратешка позиција на Грција во регионот. [Getty Images] |
Договорот за гасоводот „Јужен поток“, кој беше потпишан помеѓу Грција и Русија кон крајот на минатиот месец, беше дочекан со голем ентузијазам во земјата. Дневните весници во Грција пренесуваа триумфални наслови кои ја истакнуваа важноста на гасоводот за осигурување на стратешка позиција на Грција на Балканот.
Меѓутоа, овој договор можеби ја отвори Пандорината кутија во однос на трансатлантската дипломатија. Иако од американскиот Стејт Департмент немаше официјална реакција, грчките медиуми известуваа за неофицијални коментари, кои упатуваат на неспокој. Многу експерти веруваат дека „Јужниот поток“ има потенцијал да ја зацврсти руската доминација при снабдувањето со природен гас, префрлајќи ја во Западна Европа преку Грција.
Владата на Костас Караманлис се обидува да ги подобри своите односи со Соединетите Американски Држави. Зошто тогаш грчките политички лидери толку силно настојуваат да се продолжи со „Јужниот поток“?
На почетокот од месецов грчкиот министер за развој Христос Фолиас за локалните медиуми изјави дека односите помеѓу Грција и Соединетите Американски Држави не се затегнати со потпишувањето на овој договор. „Не постојат разлики, ниту пак нашите односи се затегнати. Ние апсолутно се согласуваме со Соединетите Американски Држави чија цел е да не се создаде монопол или ситуации на еден единствен снабдувач. Ако зависите од еден извор, тогаш сте осудени уште од самиот почеток“, рече Фолиас.
Караманлис го опиша овој проект како „придонес за енергетската ефикасност на нашата земја и ба Европа ... вклучен во нашата општа политика за разновидност на енергетските извори, прикажувајќи ја Грција како важен центар за енергетски ресурси. При својот избор во полето на енергијата Грција пред се ја зема во обѕир својата енергетска сигурност, како и таа на нашите европски партнери преку взаемно корисна соработка помеѓу снабдувачите, транспортерите и потрошувачите на енергија“.
![]() Рускиот претседател Владимир Путин (десно) и грчкиот премиер Костас Караманлис одржуваат прес конференција по потпишувањето на договорот за проширување на предложениот руско-италијански гасовод „Јужен поток“ на грчка територија. [Getty Images] |
Грчките внатрешни и надворешни агенди, исто така, одиграа голема улога. Долгоочекуваниот договор беше постигнат во еден тежок период за владата. Сега во текот на својот втор мандат, владата на Караманлис се соочува со сложени прашања, особено од почетокот на оваа година.
Таа, исто така, беше тешко погодена од секс скандалот во кој беше вмешан Христос Закопулос, поранешниот генерален секретар во министерството за култура.Закопулос беше одговорен за распределбата на големи домашни и средства на ЕУ и беше главниот преговарач во кампањата за враќање на мермерите од Елгин. Меѓутоа, во декември се појави снимка со неговите сексуални односи со неговата помошничка и тој беше принуден да даде оставка. После кратко време, тој се обиде да изврши самоубиство, скокајќи од балкон.
Целата трагична сага им даде материјал на медиумите, а рејтингот на владата опадна. Партијата Нова демократија сега има мала предност пред главниот соперник, ПАСОК.
Во полето на внатрешната политика, владата се соочи со проблеми при спроведувањето на реформите во системот на социјалното осигурување. Нејзините напори предизвикаа штрајкови во многу сектори, на кои заложник беше економијата речиси еден месец. Засегнати беа сите сектори од берзата до снабдувањето со електрична енергија.
Во меѓувреме, во областа на надворешните работи проблем број еден беше спорот со името со Македонија. Долготрајниот спор се разгори повторно, кога НАТО се подготвуваше за самитот во Букурешт на кој се очекуваше три балкански земји да добијат покани за членство. Врз Атина и Скопје се вршеше силен притисок да постигнат договор, но напорите беа залудни. На крајот Грција го искористи своето право на вето во НАТО, но со тоа во извесна смисла се стави во изолација.
Според Грците, нивната позиција во регионот е дека тие претставуваат доминантна политичка, економска и воена сила. Меѓутоа, тие сметаат дека оваа моќ не е изразена во областа на меѓународната дипломатија -- нешто што го нервира просечниот грчки граѓанин. Во текот на годините, различните влади мораа да ги модифицираат своите ставови во однос на многу прашања, вклучувајќи го и спорот со името.
![]() Беа организирани многу штрајкови против владиниот план за реформи во социјалното осигурување. [Getty Images] |
Грција е полноправна членка, како на НАТО, така и на ЕУ. Но, многумина во земјата чувствуваат дека не ја добиваат поддршката што ја посакуваат од нивните сојузници. Во меѓувреме, владата е нетрпелива да им покаже на гласачите дека ефективно се држи до националните интереси. Многу често фрустрирана во дипломатијата, Грција мораше да ја пружи својата рака во алтернативни насоки, кои би и го осигурале неопходното меѓународно признание на нејзиниот геополитички статус.
Се појави можност во енергетскиот сектор. Зголемувањето на цените на нафтата, во комбинација со зголемената побарувачка од Азија, ги натера земјите сериозно да размислуваат за нивната енергетска иднина. Покрај тоа, нафтата не е единствениот ризичен ресурс. Поранешниот Советски Сојуз има огромни ресурси на природен гас и вода, кои според многу аналитичари се следните индустриски добра.
Рускиот лидер Владимир Путин не задоцни да ги истакне енергетските средства на неговата земја и да го потсети светот дека Москва е се уште клучен геополитички играч. Димитри Медведев, кој раководеше со Газпром во времето кога се роди идејата за „Јужниот поток“, сега го наследи Путин како претседател.
Русија одрекува дека целта на „Јужниот поток“ е да му конкурира на гасоводот „Набуко“, кој треба да транспортира касписка нафта до Западот преку Турција и Источна Европа. ЕУ, која се обидува да внесе разновидност во своите енергетски ресурси рече дека „Набуко“ е главен приоритет. И покрај тоа, реализацијата на овој проект не забележува напредок и многу аналитичари тоа го објаснуваат со конкуренцијата на „Јужен поток“. Во меѓувреме, критичарите укажуваат на високата цена и други потенцијални проблеми на проектот, потпомогнат од Москва. Тие тврдат дека политиката, а не економијата, е движечката сила која стои зад него.
И покрај тоа, за грчките лидери проектот за гасоводот, потпомогнат од Москва, на Атина и нуди можност да ја изгради својата сопствена улога. Тоа ќе биде вториот гасовод за природен гас во кој ќе биде вклучена Грција. Другиот е турско-грчко-италијанскиот проект (ТГИ). Се планира тој да биде завршен до 2012 година и да има капацитет од 11,5 милијарди кубни метри годишно.
Меѓу „Јужниот поток“ и ТГИ, можеби Атина сега има средство да добие поцврста геополитичка позиција, која толку многу ја посакува. Според домашните аналитичари, Грција сега има два адута во своите карти.