26/05/2008
Соединетите Американски Држави побараа од европските сојузници да ја поддржат Турција во борбата против терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК), критикувајќи одредени престолнини дека и дозволуваат на групата да одржува големи мрежи за изнуда, собирање на средства и пропаганда.
Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 26/05/08 Фотографии: Американски стејт департмент
![]() ПКК и понатаму го користи северен Ирак како база за терористички напади врз цели во Турција. |
Во неодамна објавениот американски Извештај за тероризмот во земјите за 2007 година се наведува дека мнозинството од европските земји ја подобриле својата способност да се справат со тероризмот, но заради разни недостатоци, присуството на мрежите за поддршка на тероризмот, вклучувајќи ја и ПКК, и понатаму претставуваат извор за загриженост.
„Напорите за спротивставување на терористичките закани во Европа понекогаш беа забавувани од правната заштита коja го отежнуваше преземањето на одлучна судска акција против осомничените за тероризам, законите за азил кои содржеа правни дупки, немањето на соодветен закон или стандардите поврзани со доказите кои го ограничуваа користењето на доверливи информации за фаќање на осомничените за тероризам“, се вели во извештајот. „Терористите, исто така, ја искористуваа едноставноста на преминување на границите помеѓу шенгенските земји.“
Турција долго време критикуваше неколку од своите НАТО сојузници заради неуспехот во борбата против активностите на ПКК и ги обвини дека им дозволуваат на припадниците на ПКК да формираат здруженија, па дури и телевизиски канали на нивните територии. Соединетите Американски Држави и поголемиот дел од меѓународната заедница ја сметаат ПКК, позната и како Конгра-Гел, за терористичка организација.
Насилството на курдската сепаратистичка група однесе повеќе од 37.000 животи од 1984 година. ПКК и понатаму го користи северен Ирак како база за терористички напади врз цели во Турција. Најголемите финансиски извори и пропагандата на ПКК доаѓаат од Европа, од страна на Курдите од дијаспората; групата е позната по својата структура која личи на октопод, а нелегалните активности вклучуваат собирање на средства и криумчарење на дрога и луѓе.
Минатата година американскиот претседател Џорџ В. Буш се обврза дека Турција ќе добие „правовремени, разузнавачки податоци за делување“ против присуството на ПКК во северен Ирак и побара од европските сојузници да и го отсечат пристапот на групата до логистичките и пропагандните бази.
Меѓутоа, американскиот извештај за тероризмот во земјите за 2007 година покажа дека само неколку европски земји презеле поостри чекори против ПКК, додека пак некои дури ги ослободиле од притвор клучните милитанти на ПКК.
„Германија ја предводеше Европа во напорите да се делува против курдската сепаратистичка група Конгра Гел/Курдистанската работничка партија (ПКК), која собираше средства, често преку незаконски активности, за финансирање на насилството во Турција, но проблемите со прекуграничната координација во Европа им наштетија на некои успешни апсења“, се вели во извештајот.
Критикувани Австрија, Белгија и Данска
Во извештајот се критикува Австрија, членка на НАТО, заради неуспехот целосно да го координира делувањето на своите органи на извршната власт со другите земји кои делуваат против ПКК. Минатиот јули Австрија го притвори, а потоа брзо го ослободи оперативецот на КГК/ПКК Риза Алтун и му дозволи да се качи на авион за северен Ирак, и покрај тоа што имал лажни документи и против него било покренато обвинение во Франција, а Турција издала барање за екстрадиција. Во ноември, Австрија, исто така, не успеа да го фати Ремзи Картал, уште еден водач на КГК/ПКК, а за кого се знаело дека патува во Австрија и дека го бара Интерпол.
Друга европска земја која е критикувана заради благото постапување кон КГК/ПКК е Белгија.
„Присуството на КГК/ПКК е јавно познато, има студија за телевизиска продукција во Брисел. КГК/ПКК и понатаму ја искористува Белгија за собирање на незаконски средства со кои го финансира насилството во Турција и своите кампови во северен Ирак“, се наведува во извештајот.
Данска, клучниот сојузник на НАТО, е пофалена за блиската соработка со Америка и ОН против терористичките закани во светот, но во извештајот се истакнува дека медиумската куќа ТВ Рој, поврзана со ПКК, и понатаму работи во оваа земја.
Според извештајот, организации поврзани со ПКК и понатаму се присутни во Италија и се смета дека имаат врски со здружени добротворни организации кои имаат ограноци во Италија.
![]() Стотици луѓе демонстрираат на улиците во Истанбул. |
Активностите на ПКК во Европа и понатаму се еден од главните фактори кои во Турција придонесуваат за подигање на чувството на отуѓеност од Западот. Студијата на трансатлантските трендови за 2007 година спроведена од страна на Германскиот маршалов фонд (ГМФ) утврди опаѓање од 14 отсто на турската поддршка за членство во ЕУ, од 54 отсто на 40 отсто, и покажа раст на скептицизмот кон ЕУ.
Турската владејачка партија, Партијата за правда и развој (АКП), вети политичко и социоекономско отворање кон етничките Курди во земјата, но непрекинатото насилство на ПКК резултира со силен отпор кај јавноста, што ја ограничува можноста за делување во тој правец. Турската војска продолжува со воздушните напади врз базите на ПКК во северен Ирак, а во февруари турската војска изврши ограничен копнен упад преку северната граница на Ирак. Во извештајот на Стејт Департментот се изразува надеж дека блиската соработка помеѓу Турција, Ирак и курдската региоанлна влада во северен Ирак, ќе биде ефективна во отстранувањето на заканата која ја претставува ПКК.
Во извештајот се истакнува дека ирачката курдска управа презела нови конкретни мерки против делувањето на ПКК во регионот, вклучувајќи “отсекување на патиштата за снабдување преку дополнителни контролни точки, зголемен надзор на аеродромите и издавање на налози за затворање на канцелариите поврзани со КГК/ПКК“.
Исламистичкиот тероризам закана за Турција
Во американскиот извештај, исто така, се истакнува дека покрај сепаратистите, исламистичкиот тероризам е еден од главните извори за загриженост во Турција. Турската национална полиција (ТНП) и Националната организација за разузнавање (МИТ) спроведоа агресивна противтерористичка кампања и уапсија голем број осомничени за тероризам во низата рации спроведени минатата година. Во јануари, рацијата спроведена во повеќе градови резултираше со апсење на 47 лица осомничени за тероризам, поврзани со Ал-каеда. Во март, во Коња беа уапсени 48 осомничени исалмистички терористи, а во јуни акцијата фокусирана на Бурска резултираше со 23 апсења. Во ноември, на барање на Германија, властите во Коња уапсија еден германско-турски државјанин осомничен за вмешаност во разоткриена терористички заговор.
Со овие рации групите беа прекинати пред да извршат терористички акции, но после апсењата не секогаш следеше правно гонење.
Според извештајот, дефиницијата за тероризам во турските закони ја спречува Турција да ги забрани групите кои делуваат против „цивилите на глобален план“.
Според турскиот закон, „терористичките“ активности главно се состојат од злочини наведени во Кривичниот законик, извршени во контекст на активностите на терористичките групи и чија цел е државната структура, менувајќи ги или уништувајќи ги начелата на државата и кои создаваат паника и терор во општеството. Законот го дефинира тероризмот како напади врз турските државјани и турската држава.
Друг извор на загриженост наведен во американскиот извештај беа релативно слабите мерки против перењето на пари и финансирањето на тероризмот. Во 2006 година на сила стапи нов закон, со кој МАСАК - Турскиот истражен одбор за финансиски криминал -- во целост ја презема одговорноста за финансиските истраги поврзани со перење на пари и финансирање на тероризмот.
Во својот извештај во февруари, Посебната група за финансиска акција (ФАТФ) ги оцени турските стандарди во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Во тој извештај се наведува дека „бројот на пресуди за перење на пари бил релативно низок; мерките за конфискување сеуште не дале значајни резултати; а бројот на известувања за сомнителни трансакции бил исто така релативно низок“.
Турција и понатаму ги пушта во циркулација имињата на сите лица означени како терористи од страна на ОН до сите полициски и разузнавачки агенции и финансиски институции. На овој правен механизам за спроведување на санкциите според УНСЦР 1267 пред турскиот суд приложена е жалба од страна на Јасин ал-Кади, кого ОН го сметаат за финансиер на тероризмот. Нискостепениот суд ја поништи одлуката, но апелациониот суд го потврди овластувањето на Советот да замрзнува средства. Во меѓувреме, средствата на ал-Кади остануваат замрзнати.
Поддршката на Турција на операциите кои ги водат Соединетите Американски Држави
Извештајот за тероризмот во земјите за 2007 година има пофални зборови за поддршката на Турција на антитерористичките операции во Авганистан и Ирак. „Турција даде значителна логистичка поддршка за операциите на Коалицијата во Авганистан и Ирак, дозволувајќи употреба на воздушната база Инчирлик за дополнување на гориво“, се наведува во извештајот. „Воспоставувањето на оваа база за дополнување на гориво овозможува шест авиони Ц-17 да пренесуваат количина на добра за чиј транспорт од Германија инаку би биле потребни девет до десет авиони, што за Америка значи заштеда од речиси 160 милиони долари годишно“.
Турција е, исто така, активна во напорите за реконструкција, кои вклучуваат снабдување на Ирак со електрична енергија. Турција испрати свој персонал во НАТО Мисијата за обука во Ирак, помогна во обуката на ирачките дипломати и политичките партии, а во Турција спроведе обука за 90 ирачки офицери како дополнителен придонес за мисијата на НАТО.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's