Подеми и падови на туризмот во Албанија

12/05/2008

Албанија, која се нарекува „последната тајна на Европа“, на посетителите им нуди гостопримство и одлична кујна, но не толку добри патишта.

Од Мањола Хала за Southeast European Times во Тирана – 12/05/08

photo

Голем број туристи на плажите во Албанија. [Getty Images]

Со наближувањето на летото, Албанците имаат добра причина за оптимизам што се однесува до туристичката индустрија во оваа земја. Не само што овој сектор доживува постојан раст, туку и владините и индустриските лидери работат со цел да развијат заедничка стратегија.

Но, и покрај овие позитивни знаци, постојат некои клучни проблеми кои мора да се надминат. Посетителите можат да бидат поколебани од несоодветната патна инфраструктура и состојбата на албанските хотели.

Властите пофално зборуваат за потенцијалот на оваа земја. „Туризмот има клучна улога за успех на Албанија“, вели министерот за туризам Јели Панго. Во овие рамки, ние работиме со цел да имаме посебен регионален модел кој ќе го направи туризмот во Албанија водечка сила и ќе придонесе за разбирање меѓу културите, расите, религиите и цивилизациите“.

Тоа се високи цели и потребни се многу години за нивно остварување. Сепак, бројот на посетителите навистина брзо се зголемува. Според официјалните статистички податоци минатата година оваа земја привлекла 2 100 000 туристи -- 19 отсто повеќе од 2006 година и 46 отсто повеќе од 2005 година.

Според податоците, авантуристичкиот и планинскиот туризам се најголема атракција, а по нив следи културниот и историскиот и на крајот доаѓа морскиот туризам. Ова можеби изгледа невообичаено за една мала земја со долго крајбрежје -- до 362км, поголемиот дел незагадени плажи. Една причина, според Кристи Анадони, е презаситениот регионален пазар; луѓето имаат огромен избор ако сакаат да поминат една недела на сонце.

Андони, советник во министерството за туризам, култура и спорт, истакнува дека побарувачката за првите два вида на туризам е во раст. Покрај тоа, тие овозможуваат туристичка сезона која трае преку целата година, а не е концентрирана само на летните месеци. „Албанија има многубројни и единствени можности за да се издвојува од своите соседи“, вели тој.

photo

Посетителите на Албанија можат да уживаат во голем број атракции, вклучувајќи и културни и историски места. [File]

И покрај тоа што се наоѓа на трето место, морскиот туризам има големо значење, особено за етничките Албанци од Косово, Македонија и од целиот свет. За овие групи, Албанија, односно плажите во Албанија се омилена дестинација за летните одмори

„Понатамошниот развој на туризмот во нашата земја е факт“, вели Андони. Оваа земја, истакнува тој, има голем природен потенцијал, како и голем избор на историски и културни атракции интересни за странските посетители. Албанија станува побезбедна и таа, исто така, има извесна мистичност како еден релативно непознат дел од Европа. За време на комунистичкиот режим, Албанија беше практично изолирана.

Првата официјална туристичка стратегија во Албанија беше направена во 2004 година со помош на Германската агенција за техничка соработка (ГТЗ). Целта на оваа стратегија беше да ја промовира Албанија како „последната тајна на Европа“. Бидејќи бројот на посетителите се зголеми, албанската влада одбра нов слоган: Албанија -ваша за откривање: Таа одлучи да се фокусира на великодушноста како главна историска и културна доблест на албанскиот народ.

Во поглед на културните споменици по глава на жител, Албанија можеби е најбогатата земја во Европа. Министерството се обиде да го истакне овој факт, повикувајќи се на една постара демографија.

Без сомнение, Албанија е незаборавно место за посета. Посетителите често си заминуваат со добри впечатоци за културното наследство, природниот пејсаж, топлината на луѓето и особено за храната.

Но, во исто време, тие, исто така, не ја забораваат лошата состојба на многу патишта и хотели.

photo

Патиштата во Албанија се пречка за туризмот. [Getty Images]

„На еден турист од Јапонија му се чини бесмислено да патува 11 часа од Охрид до Саранда, растојание од само 353 км, кога тоа не треба да трае повеќе од 4 часа“, вели Ставри Чифлигу, произвотствен менаџер во „Албанско искуство“.

Во исто време, според Андони, „најголем предизвик е околината да се одржи чиста“ и да се натера општеството да ја сфати важноста на ова и да соработува. На институционално ниво, краткорочното решение се состои од работење со заедниците и училиштата со цел да се зголеми свеста. На долгорочен план, министерството подготвува стратегија.

Друг проблем кој треба да се реши е подобрувањето и збогатувањето на услугите кои им се нудат на туристите. „Најдовме решение за нашите туристи со истакнување на оние малку места кои нудат квалитетни услуги, но ако еден турист самостојно ја посети земјата тој ќе го почувствува постоењето на оваа празнина“, вели Чифлигу.

Претставниците велат дека поранешните проблеми поврзани со недостатокот на вода и електрична енергија се решени за претстојната сезона. Во меѓувреме, министерството за животна средина ја следи безбедноста на плажите. Според последниот извештај на ова министерство, 11 од вкупно 72 плажи не ги задоволуваат стандардите. Тоа ги советува луѓето да се држат понастрана од нив.

Владата ја означи 2008 година како година на туризмот, потег кој би можел да поттикне понатамошно зголемување на бројот на посетители. Се прават посебни напори за промовирање на потенцијалот на оваа земја. За прв пат, околу 340 милиони гледачи на CNN ќе можат да видат што нуди Албанија.

Денес, вели Чифлигу, „албанскиот туризам“ и „растот“ се синоними. Но, само понатамошните подобрувања, заедно со збогатувањето на услугите, ќе и овозможат на Албанија да ги одмине пречките со кои овој сектор би можел да се соочи подоцна.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading