21/04/2008
Надежите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ зависат од евентуалниот компромис со Грција и исполнувањето на осумте услови кои ги постави Брисел. Но, бидејќи Македонија се наоѓа во политичка неизвесност, напредокот на двата фронта би можел да се оддолжи.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 21/04/08
![]() Македонци вејат знамиња на протестот заради можната промена на името во Скопје минатиот месец. [Getty Images] |
После првичниот шок и неверувањето заради недобивањето покана за членство во НАТО, Македонците се подготвуваат да излезат на избори на 1-ви јуни. Премиерот Никола Груевски одлучи да го прифати предлогот на Демократската Унија на Албанците (ДУИ) за предвремени парламентарни избори. Тој рече дека сака нов мандат и постабилен парламентарен состав и на тој начин да ги реши проблемите за кои многумина очекуваат дека ќе се натрупаат до летото.
Меѓутоа, овој потег предизвика критики дека изборите ќе го одвратат вниманието од главниот проблем, решавањето на спорот со името со Грција. Овој спор не беше само пречка за добивање на покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт, туку би можел да влијае и врз започнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
Во Букурешт, лидерите на НАТО се согласија дека доколку Атина и Скопје можат да постигнат компромис, одлука за испраќање покана до Македонија може да се донесе на амбасадорско ниво, без потреба да се чека уште еден самит. На состанокот со Груевски и претседателот Бранко Црвенковски, американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд повика на решавање на спорот со името „во наредните денови и месеци, а не недели“. Таа побара од Скопје да ја „искористи шансата“ и да се обиде да постигне компромис додека вниманието на НАТО е се уште насочено кон тоа прашање.
Меѓутоа, за време на маратонската расправа за распуштање на парламентот, опозиционите Социјалдемократи тврдеа дека Груевски им го врти грбот на своите сојузници и се одлучил за домашна политичка битка. Во неговото обраќање до пратениците, Црвенковски рече дека тој и Груевски претходно се договориле за потребата да се најде компромис со Грција и дека во Букурешт заминале подготвени да го прифатат името Република Македонија (Скопје) -- последниот предлог на меѓународниот посредник Метју Нимиц.
Во секој случај, изгледите на Македонија за интеграција, како во НАТО, така и во ЕУ, денес ги усложнуваат неколку фактори.
![]() Американскиот амбасадор во НАТО Викторија Нуланд (лево) и македонскиот премиер Никола Груевски на прес конференција по нивната средба. [Getty Images] |
ЕУ постави осум услови кои Македонија мора да ги исполни ако сака Европската Комисија (ЕК) воопшто да ја разгледа можноста за започнување на преговори. Но, бидејќи изборите се закажани за јуни, ќе биде тешко да се исполнат тие услови на време пред ЕК да го објави својот извештај во септември. Новата влада нема да биде формирана пред средината на летото.
Во меѓувреме, бидејќи парламентот е распуштен, можностите за понатамошни преговори со Грција се ограничени. Владата сега функционира како техничка, со ограничени овластувања и забрана за донесување на важни одлуки. Иако Вашингтон силно се залагаше за членство на Македонија во НАТО, можно е интересирањето на Соединетите Американски Држави за Балканот да се намали заради наближувањето на претседателските избори.
Членството во НАТО се смета не само како важен настан, туку и како настан од пресудно значење за стабилноста на Македонија. Иако етничкиот конфликт во 2001 година беше смирен со Охридскиот договор, се уште треба да се работи на мултиетничката демократија во земјата. Институциите се се уште слаби, а неизвесноста околу интеграцијата не и помагаат на слабата македонска економија. Оваа земја има трговски дефицит од 113 милиони евра, растечка инфлација и стапка на невработеност од околу 35 отсто.
За решавање на овие проблеми потребни се повеќе странски инвестиции, но неизвесноста после самитот во Букурешт не ја зголеми привлечноста на Македонија кај инвеститорите. Економските и институционалните проблеми заедно би можеле да бидат плодна почва за будење на национализмот, особено по прогласувањето на независноста на Косово. Границата помеѓу Македонија и Косово не е обележана и случувањата во регионот би можеле да ги охрабрат сецесионистичките групи.
„Ако Македонија не влезе во НАТО сега морам да ви кажам дека сериозно се сомневам дека вашата земја воопшто ќе постои после една деценија“, предупреди Едвард Џозеф од Меѓународната кризна група во интервјуто на 21-ви март. „Сериозно сум загрижен бидејќи македонскиот идентитет е загрозен од соседите, кои се плашам дека имаат нечесни намери“.
![]() Опозиционите Социјалдемократи и Либералните демократи ја напуштаат седницата на парламентот на 12-ти април по гласањето за предлогот за распуштање на собранието во Скопје. [Getty Images] |
Албанскиот премиер Сали Бериша, исто така, изрази загриженост дека во Македонија би можело да дојде до радикализација ако земјата остане надвор од НАТО. „Прашањето за името мора да биде решено и може да се реши“, изјави неодамна Бериша за BBC.
Се очекува изборите во Македонија да бидат остро оспорувани, со жолчна и поларизирана реторика. Дебатата за распуштање на парламентот беше само најава за она што може да следи, бидејќи Социјалдемократите ја обвинуваат владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека ја „предалa“ Македонија. Опозицијата, исто така, тврди дека владата на Груевски ќе се обиде да ги намести изборите, бидејќи владејачката партија не дозволи да бидат донесени некои клучни изборни закони -- вклучувајќи го и назначувањето на нов претседател на Државната изборна комисија и законот за еднаков пристап на државните медиуми.
Во ситуација во која Македонците се ужаснати од грчкото вето и загрижени заради етничките тензии дома, тешко ќе биде политичарите да избегнат да играат на карта на националистичките чувства.
„Имам чувство дека и двата политички табори во Македонија меѓусебно ќе се конфронтираат во однос на тоа кој е поголем, а кој помал патриот, што е апсолутно непотребно во овој момент“, вели Тања Каракамишева, професор по право на Универзитетот во Скопје. „Важно е да се остане во чекор со Европа“.