14/04/2008
Романскиот режисер Кристијан Мунгију ја доби престижната Златна палма на фестивалот во Кан за својот филм „4 месеци, 3 недели и 2 дена“. Во интервјуто со дописникот на SETimes Алина Бандила, Мунгију зборува за неговиот пристап кон филмот и реакцијата на светскиот успех.
Од Алина Бандила за Southeast European Times во Букурешт – 14/04/08
![]() Романскиот режисер Кристијан Мунгију. [Getty Images] |
Southeast European Times: Помина речиси една година откако ја добивте наградата во Кан. Оттогаш за вас се пишува многу. Која е тајната на тој успех?
Кристијан Мунгију: Промислени луѓе. Сакавме да направиме една емотивна приказна, која ќе го задржи внимание до крајот и се надевавме дека, откако ќе ја погледнат таа приказна, луѓето ќе размислуваат поинаку за работите што ќе ги видат во филмот.
SETimes: Како ја примивте веста за тоа дека филмот не беше номиниран за најдобар странски филм на доделувањето на Оскарите? Дали ве изненади оваа одлука?
Мунгију: Да.
SETimes: Не го очекувавте тоа?
Мунгију: Имавме исклучително поволни критики во Соединетите Американски Држави и жалам што не можам лично да им се заблагодарам на сите оние кои пишуваа за филмот -- не затоа што имаа пофални зборови, туку затоа што беа искрени. И тоа создаде еден вид очекување. Немајќи никакво искуство во однос на Оскарите, очекувавме тие поволни критики да се совпаднат со наклонетоста на членовите на Американската филмска академија. Не испадна така и јас ја почитувам таа одлука. Ако тоа е одлука на 6000 членови на Академијата, тогаш немам што да коментирам. Само ќе забележам дека имаме многу различни вкусови.
SETimes: Минатата година, во Романија, вашиот филм беше најдобро рангиран од сите домашни остварувања и трет меѓу сите филмови прикажани во кино салите. Како американската публика го прими филмот?
Мунгију: На проекциите на кои учествував, почувствував дека луѓето го примија токму онака каква што е и пораката на филмот. Го сфатија како приказна, како емоција, како филм кој поставува прашања. За среќа, не го сфатија како политички филм со порака за или против абортусот. Филмот е многу повеќе од една обична приказна за абортусот за време на комунизмот.
Сега, кога веќе не одам на проекциите на мојот филм таму, мило ми е што можам да слушнам дека многу од нив се целосно распродадени. Убаво е да се слушне дека се распродадени картите за еден романски филм во Соединетите Американски Држави, филм со буџет помал од милион долари и без холивудски ѕвезди.
Американската публика, само две недели по премиерата на 25-ти јануари, беше далеку побројна од романската, која имаше можност да го погледне филмот во кината уште од септември 2007 година.
Во Романија работат само 30 кина. Не сум разочаран од бројот на романската публика која го гледаше мојот филм. За нас е исклучителнo да собереме 75 000 луѓе за еден филм, имајќи ги предвид условите во Романија. Ако ги погледнете резултатите на романските филмови во последните пет години, најдобрите привлекле околу 15 до 20 илјади гледачи.
SETimes: Дали бројот на публиката ќе беше ист ако не ја добиевте наградата?
![]() Романскиот режисер Кристијан Мунгију ги претставува своите награди за најдобар европски режисер во 2007 година и најдобар европски филм за 2007 година за својот филм „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ на доделувањето на европските филмски награди во Берлин. [Getty Images] |
Мунгију: Јасно е дека доколку не добиеше Златна палма, судбината на филмот ќе беше поинаква.
SETimes: Што е со вас? Како вие гледате на овој филм?
Мунгију: Кога правам филм, се обидувам да го направам што е можно поискрено во однос на мојата цел, a моја крајна намера е приказната да тече онака како што мислам дека е најдобро и да бидам задоволен кога ќе го гледам.
SETimes: И дали сте задоволен?
Мунгију: Потполно сум задоволен и мислам дека нема момент во филмот кој можев да го направам подобро. Мислам дека секоја одлука, дури и оние кои морав да ги донесам во последен момент, беа вредни за филмот. Тоа не ми се случува често. Сега засега, се уште живеам со чувството дека повеќето мои одлуки беа исправни и корисни за филмот.
SETimes: Иако Американската филмска академија не ви оддаде признание за филмот, ја добивте наградата за најдобар странски филм од Европската филмска академија. Може ли да се каже дека тука постои конфликт помеѓу културите?
Мунгију: Не верувам дека постои конфликт -- станува збор за различни вкусови и различни сфаќања. Во Америка има разни видови филмови. Неправедни сме кон многу луѓе кои прават одлични филмови кои уживаме да ги гледаме.
За нас е многу важно да имаме што да кажеме, да имаме мислење, да имаме приказна и да бидеме искрени во својата порака, без оглед на финансиските резултати на филмот. Тоа не се филмови кои се прават со цел да привлечат многу гледачи. И заради тоа изгледаат потполно поразлично од некои филмови чија главна идеја е нивниот успех да се мери по бројот на продадени карти.
Нормално, создавате еден систем на филмски ѕвезди и се обидувате да го искористите и продадете имиџот на тие луѓе. И тука нема ништо лошо; ние само различно расудуваме. Бидејќи ова е мојата идеја за вистината -- сакам моите ликови да личат на луѓето од улица. Но, погрешно е да се каже дека постои конфликт помеѓу културите. Не може да постои. Што се однесува до филмската индустрија, во поглед на заработувачката и глобализацијата на интересите, Америка одамна ја оствари својата доминација.
SETimes: Сепак, вашиот филм профитираше од досега најупорната и најуспешната кампања во романската продукција.
Мунгију: Верувам дека филмот кој го правите заслужува да допре до колку што е можно повеќе луѓе. За да се постигне тоа, мора да имате најинвентивни, неконвенционални и чесни промотивни методи. Немам ништо против промоцијата, се додека не го менува филмот. Меѓутоа, не го прифаќам компромисот да вклучам актер во кој не верувам само затоа што луѓето го знаат; ги правам моите филмови како што мислам дека е најдобро. И секако, после правам се за да го промовирам.
За нас, во целиот овој маркетинг, приоритет не е успехот во кино благајните во Романија, бидејќи не постои такво нешто. Промоцијата на мојот филм во Романија чинеше повеќе отколку што заработивме од 70 000 продадени карти. Значи, не заработивме ништо. Сакавме филмот да го гледаат што е можно повеќе луѓе. Тоа е разликата. Се обидувам да предизвикам еден вид внатрешен конфликт кај луѓето откако ќе го погледнат филмот. Тоа е мојата цел, без оглед на тоа колку пари сум заработил во Романија. Немам шанси. Мило ми е што еден филм во кој беа вложени помалку од 1 милион долари досега заработи седум милиони во светот, бидејќи беше прикажан во многу градови во Европа, Америка и Азија. Тоа значи дека, од аспект на позиционирање, пораката беше јасна. Тоа е филм кој, иако независен, има што да пренесе.
SETimes: Што е следно за вас?
Мунгија: Пред се, мораме да ги завршиме останатите филмови во серијата „Сеќавања на златната ера“, за што најверојатно ќе ни биде потребна една година. Има уште шест епизоди, од околу 30 минути, кои треба да бидат групирани или во еден многу долг филм или во два пократки. Дури откако ќе го завршиме тоа може да се запрашаме што е следно. По завршувањето на овој проект, се надевам дека ќе имам време да размислувам за мојот следен авторски филм, бидејќи на него ќе работам и како продуцент и сценарист.