07/04/2008
КФОР продолжува да го чува мирот на Косово, но во тек се планови кои ќе и помогнат на оваа земја да ја преземе безбедноста во свои раце.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 07/04/08
![]() Дете поминува покрај шпанските војници на КФОР кои чуваат еден од трите моста кои го поврзуваат албанскиот и српскиот дел на Митровица. [Getty Images] |
Во текот на оваа година се очекува Косово да воведе сопствена војска, која ќе се вика Косовски безбедносни сили (КБС). Во споредба со другите воени сили во Европа, КБС ќе биде мала и опремена со лесно вооружување; нејзиниот број ќе биде ограничен на 2500 активни припадници и 800 резервисти. Таа главно ќе биде задолжена за реагирање во кризните ситуации, отстранување на експлозивната муниција и заштита на цивилното население.
Се планира оваа војска да се развие од постоечката структура за реагирање во вонредни ситуции, Косовскиот заштитен корпус (КЗК). Основан пред осум години под контрола на УНМИК и КФОР, КЗК учествува во активности како гасење на пожари, потрага и спасување и медицинска помош. Финансиската помош доаѓа од донатори како Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција и Европската Комисија.
КЗК е главно невооружен и само 200 негови припадници имаат дозвола за носење оружје. Сепак, многу во КЗК дојдоа од расформираната Ослободителна војска на Косово (ОВК) и нивното воено искуство би можело да постане стожер на она што еден ден ќе биде војска на Косово.
„Многу скоро, во текот на периодот на транзиција, Косово ќе има министерство за одбрана, кое ќе го надгледува процесот на трансформирање на КЗК во КБС“, објасни потпретседателот на владата Хајредин Куќи за Southeast European Times.
Според претседателот на Косово Фатмир Сејдиу, КБС ќе биде формирана имајќи ги на ум долгорочните цели на влезот во НАТО. „Овој процес е веќе започнат и за една година ќе бидат формирани новите безбедносни сили на Косово според стандардите на НАТО“, вели тој.
Трансформацијата на КЗК во КБС е предвидена со планот за статусот на поранешниот пратеник на ОН Марти Ахтисари. Иако Советот за безбедност не успеа да се согласи во однос на неговите предлози, косовските лидери ветија дека ќе ги употребат како основа за изградба на една мултиетничка демократија. Според планот на Ахтисари, КБС ќе биде заеднички потфат на Косово и меѓународната заедница, која ќе ги обезбеди потребните средства.
Во интервју за Southeast European Times, командантот на КЗК Сулејман Селими зборуваше за планираната еволуција на КБС и нејзината улога во независно Косово.
„Владата и парламентот на Косово ја подготвуваат законската инфраструктура. После тој период ќе започне фазата на имплементација“, вели Селими. „2008-та ќе биде година на транзиција, одговорности и предизвици и верувам дека владата ќе ги исполни своите обврски. Ние како КЗК имаме свои краткорочни и долгорочни должности“.
Да се воспостави безбедност на Косово не е лесна задача. Меѓуетничките тензии заедно со економските проблеми претставуваат експлозивна комбинација, а актуелната напнатост со Косовските Срби -- кои одбиваат да ја признаат независноста на Косово и власта на неговите институции -- се заканува да доведе до ескалација на тензиите.
![]() Припадници на Косовскиот заштитен корпус (КЗК) чуваат стража за време на една церемонија во Приштина. КЗК ќе биде трансформиран во нови безбедносни сили кои еден ден ќе станат војска на Косово. [Getty Images] |
И покрај заканите за поделба, Селими верува дека новите сили ќе успеат да го воспостават своето присуство во сите делови на Косово. „Тоа нема да биде предизвик“, вели тој. „КБС ќе биде во близина на трупите на НАТО. Верувам дека КБС ќе делува на целата територија на Косово и тоа нема да биде предизвик, туку должност“.
Во КЗК има многу припадници од малцинствата и слично ќе биде и со новите сили, вели Селими, додавајќи дека со време Србите ќе сфатат дека е во нивен интерес да бидат дел од КБС. „Сега имаме своја држава. Треба да работиме за ново Косово. Заедно со сите етнички заедници, ќе го изградиме Косово“, вели тој.
Меѓутоа, сега засега ќе биде потребно силно меѓународно присуство. НАТО очекува долго да остане на Косово, се додека тоа не биде доволно стабилно за да може самостојно да ги преземе сите безбедносни улоги.
„КФОР има мандат да ја одржува безбедноста на Косово. Тоа е мисијата според Резолуцијата 1244“, повеќе пати повтори командантот на мултинационалните сили Хавиер де Марнак.
Тоа значи дека треба да помине некое време додека КБС не стане вистинска државна војска. Сепак, вели Селими, не треба да постои сомнение во поглед на крајната цел -- создавање на вооружени сили на една суверена земја. „И покрај тоа што косовската војска ќе се вика „Косовски безбедносни сили“, сепак таа ќе биде војската на Косово“, вели тој.
На состанокот во Словенија во февруари, министрите за одбрана на европските земји се согласија дека 16 000 мировници на НАТО се од пресудно значење за одржување на стабилноста пред прогласувањето независност на Косово. Насилните протести во Митровица ја нагласија потребата од КФОР, кој беше повикан да воспостави ред по нападите врз полицијата на ОН.
Сепак, велат лидерите на ЕУ, Косово не може бесконечно да се потпира врз меѓународните сили. „Сакаме да го зајакнеме Косовскиот заштитен корпус и Косовските безбедносни сили така што Косово ќе може да се грижи за сопствената безбедност“, агенцијата АП ја пренесува изјавата на германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг по самитот во февруари.
Воспоставувањето на вооружени сили оди рака под рака со напорите да се изградат косовските институции и да се воспостави владеењето на правото. Сите тие напори се прават со помош на меѓународната заедница под покровителство на планот на Ахтисари.
Планот на Ахтисари предвидува распуштање на КЗК после едногодишен период на транзиција, што кај некои предизвика вознемиреност. Бројот на новите КБС треба да биде за половина помал од КЗК, кој во моментов има над 5000 луѓе.
Имајќи ја предвид големата невработеност на Косово, која меѓу младите изнесува и до 70 отсто, никој не сака илјадници луѓе, од кои многу издржуваат фамилии, да останат без работа.
„Очигледно е дека припадниците на КЗК се загрижени, затоа што се подразбира дека нема сите припадници на КЗК да бидат припадници на КБС“, признава Селими. „Се обидуваме да пронајдеме подобар начин“, вели тој. Косовските лидери, како и меѓународните претставници, се надеваат дека независноста ќе донесе напредок во обновувањето на косовската економија, која многумина ја истакнуваат како најголемиот проблем за иднината на оваа нова држава.