28/01/2008
Земјите-членки на ЕУ остварија само една од петте цели во образованието кои ги постави ЕУ до крајот од деценијата. Напредокот во остварувањето на останатите четири е бавен, заклучи Европската комисија во неодамнешниот извештај.
Од Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија -- 28/01/08
![]() Само 1,3 отсто од работното население во Романија учествува во образованието и обуката. [AFP] |
Во следните три години потребни се дополнителни напори со цел земјите-членки на ЕУ да ги остварат сите пет цели во образованието кои беа договорени во 2002-та година, стои во извештајот на Европската комисија (ЕК), објавен во октомври. Констатирајќи дека е остварена само една цел, Брисел предупреди дека исполнувањето на останатите цели останува сериозен предизвик за системите на образованието и обуката во Европа.
На состанокот во март 2000-та година во Лисабон, лидерите на ЕУ усвоија стратегија чија цел беше Унијата да стане „најконкурентната и најдинамичната економија заснована врз знаење до 2010-та година“. Како дел од напорите за остварување на таа цел, во 2002-та година беа поставени заеднички цели за подобрување на системите на образованието и обуката во Европа.
Петте цели вклучуваат намалување на стапката на напуштање на училиштето на 10 отсто, намалување за најмалку 20 отсто на процентот на слаби ученици во областа на писменоста и да се обезбеди најмалку 85 отсто од младите да завршат вишо средно образование. Другите две цели се зголемување за најмалку 15 отсто на бројот на дипломирани студенти по математички, природни и технички науки (МПТ), како и мерки за намалување на половата нерамнотежа и создавање услови за 12,5 отсто од возрасната популација да учествува во доживотното учење.
Составен главно врз основа на статистичките податоци од 2005-та година, годишниот извештај на ЕК за напредокот во остварувањето на Лисабонските цели во образованието заклучува дека Унијата успеала да ја оствари целта во однос на дипломираните студенти по математички, природни и технички науки, чиј број се зголемил за повеќе од 170 000, односно повеќе од 25 отсто во однос на 2000-та година.
„Ако сегашниот тренд продолжи, над еден милион студенти ќе дипломираат математички, природни и технички науки во ЕУ во 2010-та година, во споредба со сегашните (2005-та година) 860 000 годишно“, вели ЕК.
Најуспешни земји во однос на дипломираните студенти по математички, природни и технички науки на 1000 луѓе на возраст од 20 до 29 години се Ирска (24,5), Франција (22,5) и Литванија (18,9), додека пак Словачка, Полска, Португалија и Италија покажаа најголем раст, кој се движи од околу 70 отсто до скоро 100 отсто.
Но, постигнат е мал напредок во намалувањето на половата нерамнотежа меѓу тие дипломирани студенти, стои во извештајот. Во него се наведува зголемување од само 0,4 отсто во пропорцијата на женски дипломци -- од 30,8 отсто во 2000-та година на 31,2 отсто во 2005-та година.
Четирите најуспешни земји во однос на половата рамнотежа беа Естонија, Бугарија, Грција и Романија, во кои жените сочинуваат над 40 отсто од вкупниот број на дипломирани студенти по математички, природни и технички науки. Овој однос е највисок во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ, со 46,9 отсто во 2005-та година.
![]() Во образованието нема полова еднаквост, се вели во извештајот. [ЕУ] |
Меѓутоа, бидејќи напредокот во останатите четири области е сеуште бавен, ЕК предупреди дека доколку не бидат вложени поголеми напори, „голем дел од идната генерација ќе ризикува да биде исклучен од општеството, за што голема цена ќе платат самите тие, економијата и општеството“.
Постојаниот напредок резултираше со намалување за 2,3 отсто на бројот на учениците кои предвреме го напуштаат училиштето во однос на 2000-та година. Но, со просек од 15,3 отсто на ниво на ЕУ, нивниот процент е сеуште висок и покажува дека е потребен побрз напредок со цел не повеќе од 10 отсто од учениците предвремено да го напуштаат училиштето до крајот од деценијава.
„Европска цел е да ги охрабриме младите луѓе да останат во образованието или обуката по завршувањето на задолжителното образование и да завршат барем вишо средно образование“, стои во извештајот. „Овој степен на образование се смета за минимумот кој е потребен за активно учество во економијата заснована на знаење“.
Словенија (5,2 отсто), Република Чешка (5,5 отсто), Полска (5,6 отсто), Словачка (6,4 отсто), Финска (8,3 отсто) и Австрија (9,6 отсто), заедно со Норвешка, која не е членка на ЕУ, ја исполнија или надминаа целта за 2010-та година. Хрватска, која се надева на членство во ЕУ до таа година, исто така е меѓу најуспешните во Европа, со стапка на предвремено напуштање од 5,3 отсто во 2006-та година.
Малта и Португалија се наведени како најнеуспешни земји во Унијата во однос на овој показател, со стапки од 41,7 отсто односно 39,2 отсто.
Не е постигнат напредок во остварување на целта да се намали процентот на петнаесетгодишници кои имаат слаби резултати во однос на читањето и писменоста. Всушност, процентот на слаби ученици порасна од 19,4 отсто во 2000-та година на 19,8 отсто во 2003-та година, што покажува дека на повеќето членки на ЕУ им претстои многу работа со цел, до крајот од деценијата, помалку од 15,5 отсто од нивните петнаесетгодишници да припаѓаат на таа група. Според статистичките податоци од 2003-та година, најуспешни земји во Унијата се Финска (5,7 отсто) и Ирска (11 отсто).
„Стекнувањето на основни квалификации е прв чекор за учество во општеството засновано врз знаење“, забележа ЕК во октомври. „Меѓутоа, околу 1 милион од 5 милиони ученици во ЕУ, на возраст од 15 години, покажуваат слаби резултати кога станува збор за читањето и писменоста.
![]() Бројот на дипломци по математички, природни и технички науки се зголеми за 25 отсто од 2000-та година. [Getty images] |
Извештајот на ЕК, исто така, покажа дека не е постигнат доволен напредок во остварувањето на целта најмалку 85 отсто од 22-годишниците во ЕУ да завршат барем вишо средно образование до 2010-та година. “Процентот на млади луѓе кои имаат завршено вишо средно образование во ЕУ е под 80 отсто и незначително се подобрил од 2000-та година“, вели Комисјата.
Со стапка од приближно 90 отсто, Република Чешка, Полска, Словачка и Словенија се најуспешни земји во Унијата, додека пак Португалија, Малта и Шпанија се најнеуспешни.
Во 2002-та година, земјите од ЕУ се договорија процентот на населението на возраст од 25 до 64 години кое учествува во доживотното учење да достигне 12,5 отсто во 2010-та година, сметајќи дека ова е неопходно за конкурентност и економски просперитет на Унијата, како и за вклучување во општеството, вработување и лично задоволство на луѓето.
Во овој поглед, Данска, Вританија и Финска се далеку пред другите земји-членки. Процентот на работното население кое учествува во образованието и обуката минатата година изнесуваше 29,2 отсто, 26,6 отсто, односно 23,1 отсто, што е значително над просекот во ЕУ од 9,6 отсто. Бугарија и Романија се најнеуспешни со стапка од 1,3 отсто, зад Грција со стапка од 1,9 отсто.
„Врвното образование и обука се од витално значење ако Европа сака да се развие како општество засновано врз знаење и ефикасно да се натпреварува во глабализраната светска економија“, рече високиот претставник на ЕУ за образование, обука, култура и младина Јан Фигел кога ЕК ја објави својата годишна оценка. „За жал, овој извештај покажува дека земјите-членки треба да ги удвојат напорите со цел образованието и обуката во ЕУ да ги исполнат предизвиците на 21-от век. Пораката до креаторите на политиката во земјите-членки е јасна: потребни ни се поефикасни инвестиции во нашиот човечки капитал“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's