„Планот А“ повторно актуелен за Косово

26/11/2007

Со новата влада на Косово и последната фаза од преговорите која се ближи кон крајот, ЕУ се обидува да го најде најмалку непријатниот начин за решавање на Косовскиот проблем.

Анализа на Роберт К. Остин за Southeast European Times – 26/11/07

photo

Младо момче ја придружува својата мајка на гласањето на едно избирачко место во селото Фераје. Граѓаните на напнато Косово на 17-ти ноември избираа влада која ќе ја одведе покраината до независност како што бараат мнозинството Албанци, но на што жестоко се спротивставуваат Србите. [Getty Images]

Во една политичка клима значително засенета од прашањето за конечниот статус, на 17-ти ноември луѓето на Косово излегоа на гласање за избор на нови водачи. И покрај сеприсутноста на изборните плакати, телевизиските дебати и статиите во печатените медиуми, ентузијазмот беше низок. Многумина едноставно не гледаа корист воопшто да бидат одржани избори во време кога се наближува крајот на решавањето на прашањето за статусот. Одзивот на гласачите, околу 45 отсто, беше најнизок од сите одржани избори од конфликтот 1998-1999-та година.

Ниското ниво на доверба што Косоварите го имаат во нивните лидери беше премногу очигледно. Најголем број од граѓаните се потполно свесни за големиот јаз помеѓу ветувањата за време на изборната кампања и суровата економска реалност со која се соочува Косово. Малку партии беа во состојба да привлечат посериозно внимание -- дури и новата Алијанса за ново Косово, предводена од Беџет Паколи, не успеа да ги импресионира гласачите разочарани од главните партии и нивната корумпираност и неспособност. Паколи, всушност предизвика одбивност кај многумина со неговата изјава дека е „премногу богат за да биде корумпиран“.

Демократската Лига на Косово (ЛДК), која под водство на покојниот претседател Ибрахим Ругова доминираше во политичкиот живот во покраината, немаше ништо ново да им каже на гласачите. Место тоа, таа ја водеше кампањата со страшни слики на Ругова и нејасни ветувања за евро-атлантска интеграција. Гласачите ја казнија ЛДК и ја наградија Демократската Партија на Косово на Хашим Тачи. Бидејќи долго време не успеваше да се наметне за премиер, Тачи конечно се наоѓа пред избор за таа функција во еден критичен момент во историјата на Косово. Но, иако победи на изборите, формирањето коалиции на Косово никогаш не е лесно и во наредните денови се очекуваат сериозни преговори помеѓу најразлични партии. Речиси секој сака да биде на власт кога ќе дојде независноста.

Либералните реформисти ќе бидат длабоко разочарани од лошите резултати на партијата ОРА на Ветон Сурои. Сурои, досега најдобриот државник на Косово, најверојатно изгуби гласови заради новата партија на Паколи, како и заради тоа што ги оддалечи своите традиционални гласачи во урбаните центри. Не му помогна ни необмислениот предизборен плакат, на кој Сурои, прикажан заедно со американскиот претседател Џорџ В. Буш, вети дека ќе им помогне на Косоварите да станат „газди во својата куќа“.

Кај меѓународната заедница, изборите предизвикаа вознемиреност. Рекордно нискиот одзив на гласачи -- и разочараноста што тој ја покажува -- предизвикува страв дека се што беше направено во текот на изминатите години за да се изгради едно граѓанско општество на Косово е незавршено бидејќи процесот за решавање на статусот предолго трае. Речиси целосниот бојкот од страна на Косовските Срби покажува дека мнозинството од оваа заедница сеуште очекуваат од Белград да ја спречи независноста, наместо да гледаат иднина и политички живот во суверено Косово. И додека Тачи веќе вети дека нема да прави ненајдени чекори, јасно е дека гласачите очекуваат од него да го направи она што неговите претходници не успеаа: да го одведе Косово до државност, на било кој начин.

photo

Хашим Тачи е најголемиот победник на изборите на кои гласачите го изразија своето незадоволство од актуелното раководство. [Getty Images]

Преговарачкиот процес е развлечен најмногу што е можно. После многуте последователни рунди, Белград и Приштина и понатаму имаат противречни ставови, додека пак заканата за регионалната стабилност станува се поконкретна. Не само што на Косово повторно се појавија милитантни групи, туку и во соседна Македонија се покажаа потенцијални знаци за немири. Меѓувремено, косовските водачи веќе го предупредија светот дека после 10-ти декември, кога завршува последната рунда од преговорите, може да се очекува прогласување на независност. Западот ги повика на воздржаност, предупредувајќи ги дека непризнаениот суверенитет ќе создаде повеќе проблеми отколку што ќе реши. Но, за да ги запре Косовските Албанци да ги преземат работите во свои раце, меѓународната заедница ќе мора да дејствува одлучно -- и брзо.

На Косово, анкетите покажуваат дека народот би се согласил за независност без широка поддршка на ОН, се додека ги поддржуваат Соединетите Американски Држави и поголемите европски сили. Некои дури би прифатиле и декларација поддржана само од страна на Вашингтон -- и покрај тоа што ова претставува проблем бидејќи ЕУ, а не Америка, е таа што треба да започне мисија за замена на УНМИК. Иднината на Косово треба да се реши во поширок контекст на европска интеграција. За ова да се случи, секој чекор на Приштина мора да биде поддржан од страна на солиден број земји на ЕУ, иако во овој момент тешко може да се постигне едногласност.

Белград, во меѓувреме, ги поднесе сите нови предлози за широка автономија, вклучувајќи го и „Хонгоншкиот модел“ и оној инспириран од Аланд, автономен дел од Финска во кој се зборува шведски. Беа спомнувани дури и двете Германии во текот на 1970-те години кога Западна Германија помалку или повеќе ја признаваше Источна Германија. Сите овие предлози беа одбиени од страна на Албанците, овозможувајќи и на Србија да добие реторички поени жалејќи се на нефлексибилност на Приштина. Но, овие поени на политичката сцена се јалови. Останува конкретниот факт дека мнозинството на етничките Албанци на Косово нема да прифатат управување од Белград во никаква форма. Србија не може да го задржи Косово; најмногу што може да направи е да ја попречи неговата стабилност. Ако го одбере тој пат, може да се соочи со немири во јужните српски покраини Бујановац, Прешево и Медвеѓе.

photo

Преговорите во кои посредува меѓународна тројка не успејаа да го премостат јазот помеѓу различните ставови на Белград и Приштина. [Getty Images]

За ЕУ, главен приоритет е да ја одбегне заканата за регионалната стабилност. Многу енергија, а и да не зборуваме за пари, беа вложени во изминативе години за опоравување на Балканот по катастрофите од 1990-те години. Претпоставувајќи дека постои можност Босна и Херцеговина да се спречи повторно да западне во етнонационализам, Косово е последниот нерешен проблем во регионот. Сега предизвик е да се најде најмалку непријатното решение, кое има потенцијал да донесе долгорочна стабилност и да го отвори патот за интеграција со Европа.

Поврзани написи

Loading

Беше предложен само еден изводлив компромис -- планот за надгледувана независност на поранешниот фински претседател Марти Ахтисари, предложен во март. Предлогот беше веднаш прифатен од мнозинството Албанци и покрај предвидените значителни отстапувања на овластувања на Србите и другите малцинства. Тој беше одбиен од Србите и попречен меѓународно од Русија.

Планот на Ахтисари и понатаму е предлог кој е најблиску до решение кое ќе воспостави рамнотежа помеѓу независноста на Косово -- прашање за кое Албанците не сакаат да преговараат -- српското барање за автономија и поделба на власта. Властите во Приштина ветија дека ќе се придржуваат до неговите принципи дури и ако одлучат сами да прогласат независност. Тоа е фин гест, но тешко изводлив -- за тоа ќе им биде потребна поддршка од ЕУ.

На многу начини, последниот круг од дипломатијата на Косово беше исцрпна вежба за да се покаже дека не постои друга алтернатива -- нема магична формула која некако ќе го реши непремостливиот јаз помеѓу Белград и Приштина. Во наредните недели, дипломатите ќе мора или веднаш да смислат нешто екстремно креативно или да се вратат на Планот А на поранешниот фински претседател. Се друго, во најдобар начин, би било обид да се купи време -- а, во најлош, рецепт за дестабилизација.

Роберт К. Остин предава на Центарот за европски, руски и евроазиски студии во центарот Манк за меѓународни студии на Универизтетот во Торонто.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Гласаj

Loading

Енергија: Прашања и трендови

Енергија: Прашања и трендови
Loading
Loading
Loading
Loading

Анкета

Која социјална мрежна алатка ја користите најчесто?

Facebook
Poznanici
Hi5
Ibox
Друго



Види ги резултатите Додадете коментар (16)

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's