Слободата на медиумите на Балканот се уште ограничена

29/10/2007

Новинарите во регионот се соочуваат со бројни пречки -- вклучувајќи и насилство и судско гонење -- кои ја отежнуваат нивната работа.

Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 29/10/07

photo

Новинарите во регионот се соочуваат со пречки при извршувањето на нивната работа. [Getty Images]

Ако слободата на медиумите е огледало на демократските процеси, одразот на регионот во огледалото не е добар. Повеќето мониторинг организации го потврдуваат ова. Одредени примери покажуваат колку е незадоволителна состојбата.

Неодамна, новинарите во Македонија организираа едноставен но драматичен протест. Во текот на една прес конференција тие ги спуштија своите камери и заминаа, оставајќи ги сите министри од македонската влада да стојат на бината.

Овој потег беше во знак на протест против инцидентите кои се случија неколку дена претходно во и околу парламентот. Еден новинар беше удрен, еден камерман беше претепан, лентите беа одземени, а новинарите беа попречени да ја извршуваат својата работа.

Законите за клевета често се користат против новинарите со цел да ги обесхрабрат да се мешаат во областите за кои властите би сакале да останат прикриени. Според Организацијата за медиумите од Југоисточна Европа (СЕЕМО), во периодот од 2003 до 2005 година во Македонија се започнати 450 судски процеси за навреда и клевета. Осумдесет и две обвиненија беа покренати само против еден новинар. Најголем дел од нив се поднесени од страна на високи функционери.

Состојбата во Косово е слична. Сами Кастрати, член на Асоцијацијата на професионални новинари на Косово, вели дека властите често сакаат да ја контролираат слободата на изразување. Најлошите примери, вели тој, се однесуваат на дискусиите за статусот на Косово и планот на Ахтисари.

„Во Косово постои законски дуализам; закон кој предвидува пристап до официјалните документи и, паралелно, закон кој го спречува ова“, вели Кастрати. „Во овој момент Косово не очекува да биде рангирано на прво место во однос на транспарентноста како Исланд, но не би сакале ни да се најдеме на 158-то место како Република Чад“.

Седум години по падот на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, новинарите во Србија, исто така, се соочуваат со потешкотии. Во март 2006 година поддржувачите на Социјалистичката Партија на Србија нападнаа екипа на радиото и телевизијата Б92. Подоцна истата година, министерот за религија Милан Радуловиќ и се извини на новинската агенција Фонет за нападот од страна на управата на Сава центарот врз новинарите кои беа дојдени за да известуваат за меѓуверскиот дијалог помеѓу Православната и Католичката црква.

Во Грција, новиот закон за медиуми содржи одредби кои би можеле да го попречат развојот на локалните медиуми и ги исклучуваат малцинските групи од пристапот до информации. Според овој закон, сопствениците на радио станиците кои емитуваат вести треба да имаат минимален капитал за исплата од 100,000 евра. Според писмото што Меѓународниот прес институт (ИПИ) го испрати до претседателот и премиерот на Грција, многу локални радио станици нема да можат да го исполнат овој услов.

photo

Министрите од македонската влада шокирани откако новинарите, фотографите и камерманите заминаа од просторијата за прес конференции во знак на протест на 27-ми септември. [Getty Images]

Во една друга одредба од законот се наведува дека главен јазик за пренесување мора да биде грчкиот. „ИПИ смета дека ова е спротивно на обврската на грчката влада да ги брани правата на малцинствата и ги крши меѓународните обврски на оваа земја во оваа област, поточно Членот 27 од Меѓународниот договор за цивилни и политички права“, пишува организацијата.

Во извештајот за 2006 година ИПИ наведе десет случаи во Грција кои вклучуваат судски процеси или пресуди против новинарите. Еден типичен случај се случи на 16-ти ноември, кога екипа од државната телевизија беше нападната со молотови коктели од страна на група луѓе со маски.

СЕЕМО забележа два случаи во Хрватска кои колку што се необични толку се и алармантни. Во март 2006 година директорот на верските програми на државната телевизиска мрежа ХТВ отпушти еден преведувач за глувонеми затоа што се развел. Не е прв пат преведувачите за глувонеми да добијат отказ заради необични причини. Според Нови Лист, една преведувачка добила отказ во 2002 година -- повторно од директорот на верските програми -- поради тоа што била „премногу непривлечна за на телевизија“.

Во Хрватска забележани се и многу посериозни случаи кои вклучуваат смртни закани. На 12-ти јули еден новинар на Нови Лист во Риека добил заканувачко писмо од една група која се нарекувала себеси Млади бојници. Писмото следело по два извештаи напишани од новинарот. „Нема да останеш жив ако продолжиш да биеш шега со нас“, пишувало во писмото.

Во Црна Гора, директорот на дневниот весник Вјести беше нападнат и претепан на 1-ви септември. Три лица го извршија нападот врз Жељо Ивановиќ, кој се случи за време на церемонијата по повод десетгодишнината од формирањето на весникот. Во меѓу време, убијците на Душко Јовановиќ, уредник и издавач на дневниот весник Дан, се уште не се пронајдени и изведени пред суд. Јовановиќ беше застрелан на 27 мај 2004 година пред канцелариите на весникот.

Според СЕЕМО, новинарите во Босна и Херцеговина (БиХ) се често принудени на самоцензура преку економскиот притисок врз медиумите и заканата од судски постапки. Учесниците на семинарот организиран од страна на Асоцијацијата на новинари во БиХ минатиот мај констатираа дека се поведени 49 постапки за клевета во Главниот суд на Република Српска, во Бања Лука. Во Кантонскиот суд на Федерацијата БиХ поднесени се 143 обвиненија за клевета. Само во 2006 година судовите во Федерацијата претресле околу 200 различни случаи во кои биле вклучени медиумите.

photo

Стотици луѓе излегоа во Истанбул во знак на протест против убиството на Хрант Динк. [Getty Images]

Поради ладнокрвното убиство на новинарот и издавачот Хрант Динк на 19-ти јануари во Турција илјадници лица излегоа на улиците во Истанбул да протестираат против атентатот извршен врз него од страна на еден екстремен националист. Пред да биде застрелан, Динк го навлече врз себе бесот на турските власти, кои го тужеа за покренување на прашањето дали масакрот врз Ерменците на почетокот од 20-от век претставува геноцид. Актуелниот закон овозможува луѓето да бидат обвинети за „навредување на турската националност“, а Динк беше еден од многуте писатели, новинари и академици против кои беше покрената судска постапка врз основа на оваа одредба. Заедно, заканата од насилство и веројатноста за судско малтретирање наметнаа сериозни ограничувања врз слободата на размислување. Кратко по убиството на Динк, нобеловиот лауреат Орхан Памук ја напушти Турција, велејќи дека се плаши за својот живот.

Сега Бугарија и Романија се членки на ЕУ, но ова не значи дека сите прашања поврзани со слободата на медиумите се решени. Подземното насилство останува голем проблем во Бугарија и насилството на мафијата, особено на оние кои се обидуваат да го прикријат криминалот, има влијание и врз новинарите. Во април 2006 година една бомба експлодира пред куќата на еден анкетен новинар за телевизискиот канал Нова ТВ. Неговиот стан беше уништен, но никој не беше повреден. Според СЕЕМО, нападот би можел да биде поврзан со неговото анкетно известување.

Во Романија, Уставниот Суд ја прогласи за неуставна одлуката за исфрлање на навредата и клеветата од кривичниот законик. Како и во многу други земји, категориите се доволно широки со што се овозможува судско гонење на новинарите чие известување се судрува со високите функционери.

На крајот, Албанија неодамна постигна напредок со усвојувањето на нов закон за етиката за новинарите. Сепак, негативно е тоа што новинарите и понатаму се соочуваат со заплашување. На пример, како што се дознава, еден новинар од Газета Шкиптаре бил претепан од локалната полиција во Лушња.

Во септември, Светската асоцијација на весници и Светскиот форум на уредници побара од земјите во регионот да “обезбедат една средина во која новинарите ќе можат да ги извршуваат своите професионални обврски без да бидат заплашувани. Ваквите инциденти создаваат една клима на страв која го попречува истражувањето на новинарите и може да предизвика самоцензура“.

Иако соопштението беше упатено посебно до црногорските лидери, во врска со нападот врз Ивановиќ, потписниците беа јасни дека нивното барање се однесува на владите на сите земји на Балканот.

„Имам порака за напаѓачите“, рече еден уредник. “Тие не можат да не запрат или заплашат“. Ние ќе продолжиме да ја информираме јавноста на професионален начин“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading