Голем број туристи на одмор во Југоисточна Европа

08/10/2007

Туризмот е клучна компонента на економиите во земјите од Југоисточна Европа. И се додека Грција и Турција долго време беа магнети за посетителите, пост-транзициските земји како Бугарија, Хрватска и Македонија се обидуваат да го максимизираат својот потенцијал.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 08/10/07

photo

Туристи уживаат во погледот на Дубровник, позната дестинација на Јадранското Море. [Getty Images]

Секое лето сликите прикажани на националните вечерни вести се исти -- редици од автомобили на хрватската граница кои чекаат да го продолжат своето патување кон брегот. Новинарите едвај можат да ја прикријат својата возбуденост. Редиците се долги 8 километри, велат тие. Сите гранични премини се отворени и работат со полн капацитет.

Потоа слушаме што велат туристите: тие се уморни и не очекувале да наидат на ваков сообраќаен метеж и толку многу царински формалности. Приливот на туристи е ист на аеродромите, пристаништата и железничките станици. Понекогаш, изгледа како бројот на жителите на Хрватска да се удвојува во текот на јули и август.

Во земјите од Југоисточна Европа, туризмот е важна индустрија која ветува економски раст и просперитет. Регионот е необично богат во поглед на туристичките потенцијали, од крајбрежни до планински, како и историски и културни места. И туристите доаѓаат. Во време кога Балканот конечно излегува од посткомунистичката транизција и насилството на 1990-те години, земјите како Хрватска и Бугарија почнуваат да им стануваат конкуренција на традицоналните туристички дестинации како што се Грција и Турција.

Хрватска си постави за цел да стане европска туристичка суперсила. Се отвори за странските инвеститори и хотелските синџири. Со капацитети за сместувања со пет ѕвезди, изнајмување на јахти, терени за голф, часови за нуркање и луксузни апартмани со поглед на Јадранското Море, оваа земја се наоѓа на картата за елитен туризам.

Во исто време, туристичките власти се обидуваат да ги привлечат туристите кои бараат дестинации со разумни цени и пријателска атмосфера. Официјалниот туристички слоган ги кани посетителите да дојдат и да го почувствуваат „Медитеранот каков што некогаш беше“. Потенцијален предизвик за во иднина ќе биде да се зачува таквата атмосфера, а истовремено да се привлечат оние со длабоки џебови.

И покрај тоа што приливот на туристи носи приходи, тој исто така му создава проблеми на локалното население. Многу жители на Дубровник тешко можат да се справат со драматичното зголемување на цените во шпицот на сезоната. Кафето во главната улица на градот чини колку и на француската ривиера. Заради ова локалното население почнува да се чувствува исклучено од сопствениот начин на живот. Во текот на летото, речиси е невозможно да се најде место за паркирање во Дубровник, а локалното население главно избегнува да оди во ресторани и клубови во текот на сезоната.

Бугарија е уште една поранешна комунистичка земја која сега се обидува да го зголеми до максимум својот туристички потенцијал. Според бугарската Државна Агенција за Туризам (ДАТ), приближно 3 милиони странски туристи ја посетиле оваа земја во периодот од јануари до јули годинава --што е за 4,5 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Бројот на странците кои во 2006 година ја посетиле оваа балканска земја -- сега членка на ЕУ -- изнесува над 5 милиони.

photo

Плажа во близина на Варна, Бугарија. [Getty Images]

Над 70 отсто од оние што ја посетиле оваа балканска земја во првите шест месеци од 2007 година беа од други земји-членки на ЕУ; на прво место беа Грците, Романците, Германците и Британците. Истовремено, бројот на туристи од Македонија, Црна Гора и Србија значително се намали.

Исто како Хрватска, и Бугарија се обидува да извлече големи приходи од елитниот туризам. Последниве години по должината на црноморскиот брег изградени се стотици хотели, вклучувајќи ги и оние со пет ѕвезди во најголемите летувалишта како Албена, Златните Песоци и Сончев Брег. Гранд Хотелот Ермитаж во Кемпински на Златните Песоци и хотелот Кубан на Сончев Брег, исто така, привлекуваат посетители со своите казина.

Во исто време, оваа земја останува пристапна и за оние кои бараат поумерени аранжмани. Истите овие летувалишта нудат и многу хотели со 3 и 4 ѕвезди. Во моментов земјата можеби нуди преголем избор. На некои места изградени се премногу објекти во однос на вистинската потреба, па заради тоа инвеститорите можат да имаат финансиски проблеми.

Општо гледано, врвниот туризам се уште не дошол во соседна Македонија, и покрај нејзината извонредна природна убавина. Досега таа е главно дестинација за оние кои сакаат да истражуваат нови места или оние кои посебно се интересираат за религија или спорт. Оваа година, Охридското Езеро, кое под заштита на УНЕСКО, угости 250,000 туристи, со 1,100,000 ноќевања, но главно од домашни посетители.

Повеќето би се согласиле дека оваа земја досега не се рекламираше ефикасно. Сепак, во периодот од 2002 до 2006 година туристичкиот сектор забележа раст од помеѓу 6 и 9 отсто и се очекува овој тренд да продолжи. Еден важен настан се случи во март кога Аквапура, португалска компанија, ги соопшти своите планови за изградба на елитно летувалиште на Преспанското Езеро, вредно 50 милиони евра. Аквапура има слични комплекси во Бразил, Мексико, Тоскана, Будимпешта, Прага и на португалската река Дуро.

Јужниот сосед на Македонија, Грција долго време е магнет за светскиот туризам, но со текот на времето нејзината привлечност донекаде се измени. Пред неколку децении, оваа земја не беше скапа -- рај за камперите,студентите и авантуристите. Капацитетите за сместување беа скромни и не беа многу привлечни за врвните посетители.

Сето тоа се промени. И покрај тоа што се уште можат да се најдат евтини аранжмани, Грција денес е многу скапа. Островите и другите популарни места се пренатрупани со дречливи барови, дискотеки и летувалишта. Туризмот е еден од економските столбови во Грција и овој сектор носи 20 оттсо од БДП и му дава работа на секој петти човек.

photo

Туристи во посета на древниот град Ефес во западнотурскиот крајбрежен град Измир.[Getty Images]

Оваа година беше рекордна во поглед на бројот на туристи и приходите, и покрај летните пожари кои се ширеа низ Грција кон крајот на август, во шпицот на сезоната. „Над 17 милиони туристи ќе ја посетат нашата земја до крајот од годинава и ние веќе работиме на соборување на овогодинешниот рекорд во 2008 година“, рече грчкиот министер за туризам Фани Пали-Петралија. И покрај трауматичните пожари во август, министерот вели дека немало масовно откажување на аранжманите во големите летувалишта и туристичките објекти.

Тоа е добра вест за една земја која претрпе големи штети во другите сектори. Во пожарите изгореа околу 184,000 хектари вегетација. Уништени се најмалку 1,500 куќи, заедно со 72,000 животни и над 4,5 милиони маслинови дрвја. Владините проценки за загубите се движат помеѓу 1,5 и 1,7 милијарди евра, додека пак некои експерти сметаат дека таа бројка изнесува 3 милијарди евра, па дури и повеќе.

Поврзани написи

Loading

На другиот брег на Егејското Море, туризмот во Турција и понатаму сигурно напредува. Бројот на посетителите се зголеми за повеќе од 16 отсто во првите седум месеци од годинава. Според официјалните податоци, околу 13 милиони странски туристи ја поестиле земјата. Најпопуларното летувалиште во Турција, Анталија, угости над 5,5 милиони туристи во првите осум месеци од годинава. Германците и понатаму се најбројни, а по нив следат Русите.

Само во август над 700,000 туристи го посетиле Истанбул -- најголемиот културен, историски и бизнис центар во Турција. Некогаш престолнина на Визанитија, а потоа и на Отоманската Империја, овој град ги шармира посетителите со своите музеи, палати, џамии, цркви и чаршии.

По посетата на Папата Бенедикт XVI минатата година, градот Селчук се најде на туристичката карта бидејќи бројот на посетители се зголеми за 30 отсто во првите седум месеци од годинава. Во Селчук има многу остатоци од раното Христијанство, вклучувајќи и куќа за која многумина веруваат дека ја посетила Богородица, како и брдото Ајасолук каде свети Јован го напишал своето Евангелие.

Соработници: Светла Димитрова (Софија), Зоран Николовски (Скопје), Габриела Преда (Атина) и Ајхан Шимшек (Анкара)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading

Гласаj

Loading

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Косово: Ќор-сокак на границата

Косово: Ќор-сокак на границата

Енергија: Прашања и трендови

Енергија: Прашања и трендови

Променети сфаќања: Жените на Балканот

Променети сфаќања: Жените на Балканот

Балканот: Акцент на екологијата

Балканот: Акцент на екологијата
Loading
Loading
Loading
Loading

Анкета

ЕУ неодамна одлучи да го одложи доделувањето кандидатски статус за Србија, уништувајќи ги надежите дека ќе се случи пресвртница оваа година. Колку сериозна е политичката штета за претседателот Борис Тадиќ и владејачката коалиција?

Многу сериозна
Сериозна
Средна
Незначителна
Нема штета



Види ги резултатите Додадете коментар