24/09/2007
Благодарение на еден голем инвестициски проект бродоградилиштето во Тиват со површина од 24 хектари ќе стане марина за мега јахти, а самиот град центар за екслузивен туризам.
Од Роберт К.Остин за Southeast European Times – 24/09/07
![]() Тиват е крајбрежен град во југозападниот дел од Црна Гора, кој се наоѓа во Которскиот залив. [MontenegroPhoto.com] |
Според сите проценки, Црна Гора имаше добро туристичка лето. Не беше без проблеми, како резултат на некои измачувачки проблеми со инфраструктурата, особено со патишатата и снабдувањето со вода.
И покрај тоа, оваа земја, која од неодамна е независна, продолжува да чекори кон нејзината цел да постане главна туристичка дестинација во Европа. Навратија дури и Ролинг Стоунс, привлекувајќи огромна толпа народ за нивниот јулски концерт во Будва. Мик Џегер и неговите колеги од групата не ја криеја нивната импресионираност од местото, брегот и раскошниот хотел Сплендид.
Црна Гора забележа огромно зголемување на приходите, како и на бројот на странски посетители во 2006-та и 2007-та година. Од министерството за туризам велат дека изминатава сезона беше најдобра во последните 20 години. За оние кои бараат ефтини имоти крај брегот, веројатно е многу доцна -- странските и домашните инвеститори се веќе таму, а се чини дека цените секојдневно растат.
Проектот Порто Монтенегро во Тиват, инициран од страна на канадскиот индустријалист и претседател на Берик Голд Питер Манк, е далеку најголемиот ваков потфат досега. Тој предвидува изградба на огромна марина за мега јахти во поранешното бродоградилиште Арсенал кое зафаќа околу 24 хектари.
Манк го има земјиштето под закуп на 90 години, а неговиот локален тим напредува со намерата да ја започне првата фаза на проектот во 2009-та година. Првата фаза опфаќа изградба на приближно 200 апартмани, 300 сидришта и многу ресторанти и продавници.
Инвестицијата ќе профитира од неверојатниот раст на индустријата за мега јахти. Многумина го сметаат патувањето од Венеција до Крф и Јонските острови за едно од најдобрите подрачја за крстосување во светот. Тиват е точно во средина.
![]() Бројот на вработените во бродоградилиштето Арсенал, кој во 1980-тите години беше 1500, се намали на помалку од 500. [State.gov] |
И покрај неговата надежна местоположба, досега Тиват никогаш не беше главно туристичко место. Бродоградилиштето Арсенал, со преку 100 години традиција, беше движечка сила на економијата во овој град и благодарение на тоа тој беше главно индустриски град. Други места по должината на брегот на Црна Гора како Свети Стефан, Будва и Котор се попознати. Историјата на Тиват е историјата на Арсенал. Но, променливиот геополитички контекст ја стави под знак прашање иднината на индустријата. Арсенал го намали бројот на вработените од 1500 во 1980-тите години на помалку од 500 пред да биде преземено од Манк.
Сега, потребна е целосна трансформација на секое ниво. Градоначалникот на овој град, Драган Канкарас, заклучи дека визијата на Манк многу се совпаѓа со неговото размислување за иднината на Тиват. Идејата е едноставна: трансформирање на Тиват од транзитна точка до крајна дестинација, како и да се направи многу поразличен од она што се нуди на било кое друго место на брегот.
„Малку може да се добие со удвојување на се што е на располагање во Црна Гора“, вели Канкарас. Според градоначалникот, градот може да биде предводник во поморскиот, културниот и еколошкиот туризам. Во него има празен простор за да се направи нешто ново и уникатно, избегнувајќи ги грешките од минатото.
Канкарас вели дека најголем проблем бил да ги убеди вработените во Арсенал дека промените ќе донесат долгорочни бенефиции. Ова не беше лесна задача бидејќи 13 000 луѓе кои живеат во Тиват се тесно поврзани со бродоградилиштето. Канкарас работеше напорно за да овозможи имплементација на социјална програма за луѓето кои останаа без работа со неговото затворање. Тој, исто така, соработуваше со државните и локалните преставници со цел да развие програми за луѓето да можат повторно да бидат обучени за кариери во туристичкиот сектор, а особено во капацитетите за поправка на јахтите предвидени со проектот.
Проектот на Манк, исто така, вклучува значајна иницијатива во високото образование, со издвоени средства за студентите од регионот со цел да студираат на универзитет и работилниците за обука во туристичкиот сектор во партнерство со Факултетот за туризам и угостителство во Котор, во склоп на црногорскиот универзитет.
Проектот Порто Монтенегро е многу поразличен од другите инвестиции во Црна Гора бидејќи се фокусира на врвниот, ексклузивен туризам. Канкарас очекува Тиват во целина да достигне нови стандарди, како и да претрпи целосно преуредување.
За Канкарас, проектот ги има сите елементи за успех. Тиват веќе има аеродром на далечина од 4км, овозможувајќи ниво на пристап кое не може да се најде на било кое друго место на брегот. Проектот на Манк, исто така, предвидува ексклузивна марина со комплетни услуги за поправка и сервис, како и терен за голф. Директорот на Порто Монтенегро Оливер Корлет вели дека проектот „ќе утврди една долгорочна, одржлива индустрија која ќе изгради стручна основа која ќе го направи Тиват глобален центар за поморски туризам“.