Изборите во Србија решавачки за европската иднина на земјата

04/12/2006

Изборот со кој се соочува Србија пред претстојните избори на 21-ви јануари е тежок. Поради веројатноста ултранационалистите, предводени од обвинет од Хашкиот трибунал, да освојат најголем дел од гласовите, демократските партии се под притисок да ги надминат нивните разлики.

Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 04/12/06

photo

Лидерот на СРП Воислав Шешељ се наоѓа пред судски процес во Хаг. Според една неодамнешна анкета, неговата партија има добри изгледи да освои над 34 отсто од гласовите во јануари. [Getty Images]

Претстојните парламентарни избори во Србија, кои треба да се одржат на 21-ви јануари, би можеле да бидат решавачки за европската иднина на земјата. Според спроведените анкети, партиите од демократскиот блок имаат само незначителна предност пред Српската Радикална Партија (СРП) и Социјалистичката Партија на Србија, кои претставуваат политичко наследство од поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ.

Шест години по падот на Милошевиќ, кој почина од срцев удар во затворска ќелија во Хашкиот трибунал на 11-ти март, демократските партии се соочуваат со три големи предизвици. Статусот на Косово, јужната српска провинција која е под управа на ОН од 1999-та година, најверојатно ќе биде решен по изборите. После тоа, ако е на власт нова демократска влада, таа ќе мора да го испорача во Хаг поранешниот генерал на Босанските Срби Ратко Младиќ, обвинет за геноцид во Босна и Херцеговина. Истовремено, новата влада ќе мора да вложи големи напори за продолжување на преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ. Тие беа прекинати во мај годинава, како резултат на неуспехот да се екстрадира Младиќ.

Според една неодамна спроведена анкета од агенцијата Медиум Галуп, најверојатно најголем дел од пратеничките места во новиот парламент ќе освои крајно десничарската СРП, чиј лидер Воислав Шешељ се наоѓа пред судски процес во Хаг. Анкетата укажува на тоа дека радикалите ќе освојат 34,9 отсто од гласовите, со што би добиле 102 пратенички места од вкупно 250.

photo

„Очекувам победа на демократските сили, победа на политиката која има една цел -- членство во ЕУ и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, рече претседателот Борис Тадиќ за изборите. [Getty Images]

Втора по популарност е Демократската Партија на српскиот претседател Борис Тадиќ, со околу 22,9 отсто од гласовите. На трето место е Демократската Партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, со 13,9 отсто. Социјалистите, кои ќе го избираат својот прв претседател по Милошевиќ на конгрес на почетокот од месецов, имаат 5,6 отсто. Партијата Г17 Плус на поранешниот министер за финансии Млаѓан Динкиќ има околу 5,2 отсто. Другите партии кои ги претставуваат етничките малцинства исто така имаат шанси да го поминат парламентарниот праг.

Поради ваквата рамнотежа на силите, демократските партии би можеле да формираат влада само ако договорат коалиција со сите претставници кои ќе влезат во новата влада, освен со оние од радикалните и социјалистичките партии. Со цел да ги зајакнат нивните позиции, демократите формираа коалиција со регионалната бошњачка партија во Србија, Демократската Партија на Санџаците. Меѓувремено, ДПС формираше коалиција со неколку регионални партии од централна Србија.

Бидејќи овие избори се потенцијално толку значајни, меѓународната заедница презеде чекори за да обезбеди поддршка за демократските партии. Марти Ахтисари, специјалниот претставник на ОН за статусот на Косово, го одложи соопштувањето на решението за статусот откако ќе биде одржано гласањето. Според многу западни аналитичари и медиумски извори, Ахтисари најверојатно ќе предложи еден вид на условна независност за Косово. Ова би можело да предизвика политички неред во Србија; оттаму произлегува и одлуката на Ахтисари да го одложи откривањето на неговиот рецепт за иднината.

Поврзани написи

Loading

ЕУ, исто така, испраќа сигнали. Новинската агенција Танјуг со седиште во Белград ги соопшти деталите од еден неофицијален документ подготвен од страна на финското претседателство на ЕУ во кој се наведува дека во деновите што доаѓаат српските граѓани ќе добијат јасна порака за нивната европска иднина.

photo

Србија беше поканета да се приклучи во програмата Партнерство за мир на НАТО на самитот во Рига минатата недела. [Getty Images]

Документот предвидува засилување на средбите помеѓу политичките и економските лидери, забрзување на преговорите за олеснување на визниот режим, како и започнување на реализирањето на финансиските програми од предпристапните фондови на ЕУ -- сето тоа дел од обидот да се зајакнат односите помеѓу ЕУ и Белград.

Во последните случувања, НАТО го заврши својот самит во Рига со покана до Србија -- како и до Црна Гора и Босна и Херцеговина -- да се приклучи во Партнерството за мир, прв чекор кон евентуално членство во Алијансата. Долго време, членството во Партнерството за мир беше експлицитно поврзувано со соработката со Хашкиот трибунал, а особено со фаќањето и предавањето на Младиќ. Драматичната промена на политиката, која го шокираше главниот јавен обвинител на ОН Карла дел Понте, испраќа силна порака дека Западот е загрижен за одржување на демократскиот процес во Србија. Реформистички ориентираните политичари постојано предупредуваа дека политичката иднина ќе биде мрачна ако испраќаат само лоши вести на надворешниот политички фронт. Се чини дека меѓународната заедница го игнорира ова предупредување.

Кога ги објави изборите, Тадиќ рече дека на 21-ви јануари Србија ќе избира помеѓу една европска иднина и враќање кон едно не толку далечно „мрачно минато“ од ерата на Милошевиќ. „Очекувам победа на демократските сили, победа на политиката која има една цел -- членство во ЕУ и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, рече тој. За помалку од два месеци, гласачите ќе покажат дали тој бил во право или не. А, светот ќе гледа.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading

Гласаj

Loading

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Косово: Ќор-сокак на границата

Косово: Ќор-сокак на границата

Енергија: Прашања и трендови

Енергија: Прашања и трендови

Променети сфаќања: Жените на Балканот

Променети сфаќања: Жените на Балканот

Балканот: Акцент на екологијата

Балканот: Акцент на екологијата
Loading
Loading
Loading
Loading

Анкета

ЕУ неодамна одлучи да го одложи доделувањето кандидатски статус за Србија, уништувајќи ги надежите дека ќе се случи пресвртница оваа година. Колку сериозна е политичката штета за претседателот Борис Тадиќ и владејачката коалиција?

Многу сериозна
Сериозна
Средна
Незначителна
Нема штета



Види ги резултатите Додадете коментар