20/11/2006
Според официјалните статистички податоци, Ромите опфаќаат околу 2,5 отсто од вкупното население во земјата, а вистинскиот број би можел да е многу поголем. Тие, исто така, се една од најобесправените групи во Романија, а 74 отсто од нив живеат во сиромаштија. Како дел од подготовките за приклучување кон ЕУ, се прават напори за подобрување на квалитетот на нивните животи.
Од Пол Чочоиу за Southeast European Times во Букурешт – 20/11/06
![]() Според пописот на населението од 2002 година, во Романија живеат 535.140 Роми, но според одредени проценки нивниот број над милион. [Гети Имиџис] |
Европа е дом на најмалку осум милиони Роми, од кои шест милиони живеат во централна и источна Европа. Последниот попис на населението во 2002 година покажа дека во Романија живеат 535.140 Роми -- 2,5 отсто од вкупното население во оваа земја -- но, според неофицијални проценки нивниот број достигнува до 2,5 милиони.
Експертите по ромска историја се согласни дека ова население потекнува од Индија, а оттаму најверојатно заминало не подоцна од 10-ти век. Меѓутоа, многу е тешко да се утврди кога точно тие се населиле на територијата на Романија. Првиот документиран доказ за постоењето на Ромите во Романија датира од 1374 година, кога Дан Први му понудил на манастирот Водита 40 Роми како робови. Тоа беше статусот што тие го имаа со векови. Во 1424 година, според Уставот, Ромите од Трансилванија беа водени од војвода, но таа одредба беше укината во 1588 година од страна на собранието на провиницијата.
Во 1785 година, австрискиот император Јозеф II го укина ропството во Трансилванија. Четири години подоцна, првите Роми беа прифатени во училиштата и црквите во оваа покраина. Но, работите беа поинакви во другите две романски покраини, Молдова и Влашко, кои се уште беа под османлиска власт и се противеа на модерните идеи на Западот. Во 1855 и 1856 година, двете покраини целосно го укинаа ропството под притисок на писателите и интелектуалците.
По вековното ропство следеа прогонувања и депортирања за време на нацистичкиот режим на Јон Антонеску во Втората Светска Војна. Според податоците на романската Комисија за воени злосторства, приближно 38.000 романски Роми загинаа во Холокаустот. Подоцежната комунистичка диктатура вршеше насилно раселување на цели ромски заедници и ги конфискуваше нивните имоти за да создаде хомогено романско општество.
Половина век комунизмот се обидуваше да ги прикрие овие проблеми и да ја потхранува илузијата за утопија. Меѓутоа, со падот на комунизмот и започнувањето на периодот на транзиција избувнаа социјални тензии, кои беа разгорени од романските медиуми. Во 1991 година еден ромски селанец од Болинтин Деал, село во близина на Букурешт, уби Романец. Убиството предизвика гнев кај романската заедница во селото, која возврати со палење на ромските куќи. Две години подоцна, на 23-ти септември 1993 година, тројца Роми беа убиени во Хадарени, областа Мурес, од гневни селани. Еден од убиените претходно прободел еден Романец. Неговиот злочин резултираше со колективна казна -- 14 ромски куќи беа спалени, а 175 Роми кои живееа во Хадарени околу 70 години беа протерани од селото.
![]() Во јули 2003 година во Будимпешта, лидерите на осум земји од централна и источна Европа одлучија да започнат проект „Деценија на вклучување на Ромите 2005-2015“. [Romadecade.org] |
Во периодот помеѓу 1990 и 1993 година, најмалку осум Роми беа убиени, а многу други беа сериозно ранети за време на изливот на колективно насилство, според еден извештај објавен од страна на Европскиот центар за права на Ромите. Чести беа и случаите на насилство врз Ромите од страна на полицијата. Што се однесува до случаите на домашно насилство, тие често остануваат неказнети, а понекогаш за нив не се води ни соодветна истрага.
Лидерот на екстремистичката опозициона партија Корнелиу Вадим Тудор има дадено неколку расистички изјави. Според еден извештај на ОБСЕ, во август 1998 година тој објавил програма од десет точки, меѓу кои и „изолирање на ромските криминалци во посебни колонии“ со цел да се „спречи трансформацијата на Романија во цигански камп“.
Во меѓувреме, владата се повеќе станува свесна за потребата да се промовира и примени стратегија за ромското малцинство. Во февруари 1997 година, владата отвори Национална канцеларија за Ромите како дел од Националниот оддел за малцинствата. Во октомври 2004 година, канцеларијата беше трансформирана во Национална агенција за Ромите, со која раководи претседател кој има ранг на државен секретар.
Во 2001 година владата усвои национална стратегија за подобрување на животот на Ромите. Таа ги дефинира приоритетите во десет главни области, вклучувајќи ги социјалното осигурување, здравството, правдата, образованието, комуникациите и граѓанската активност. Како поткрепа на оваа стартегија, во април 2006 година финализиран е проект на ФАРЕ вреден 7,6 милиони евра. Во меѓувреме, романскиот Генерален полициски инспекторат започна програма за подобрување на односите помеѓу полицијата и ромската заедница, како и за зголемување на капацитетот на полицијата за ефикасно реагирање во ситуациите на тензија помеѓу ромските и неромските заедници. Програмата беше разработена со помош на Проектот за етнички односи и Катедрата за спроведување на правда на Универзитетот во Луизвил.
Во јули 2003 година во Будимпешта лидерите на осум земји од централна и источна Европа се согласија да започнат „Деценија на вклучување на Ромите 2005-2015“, проект инициниран од страна на Светската Банка и институтот „Отворено општество“. Негови главни цели се елиминирање на дискриминацијата и сиромаштијата кај оваа заедница. Романија претседателствуваше со програмата една година, од јули 2005 година до јули 2006 година.
Во јули 2006 година Светската Банка одлучи да и одобри на Романија заем од 58,5 милиони евра за проект за социјално вклучување. Тој е наменет за некои од најобесправените групи во земјата -- ромското малцинство, децата изложени на висок ризик и/или децата од социјални домови, инвалидите и жртвите на домашно насилство. Проектот е разработен според новите принципи на Стратегијата за партнерство, чија цел е да и помогне на Романија ги исполни обврските од Заедничкиот меморандум за вклучување потпишан со Европската Комисија.
За помалку од три месеци Романија ќе пристапи во ЕУ. Ова создава погоден момент за решавање на проблемите од социјалниот сектор, со цел добивките од реформите и пристапувањето во ЕУ да можат да бидат донесени до најосетливите сегменти на општеството. Со 74 отсто живеејќи во сиромаштија, со стапка на смртност на децата четири пати повисока од просечната и стапка на вработеност од 13 отсто, Ромите се особено изложени на ризик. Последниот попис на населението, спроведен во 2002 година, покажа дека една четвртина од Ромите се неписмени. Несакајќи да се откажат од традициите кои ги негуваат стотици години, меѓу кои и обичајот да ги женат децата многу млади, Ромите често се во контрадикција со властите и законот.
Невладината организација „Мајнорити Воч“, со седиште во Лондон, предлага Романија и Бугарија да искористат дел од нивните средства за регионален развој за подобрување на животот на Ромите. Доколку не се вложат непрекинати напори, подобрувањата ќе бидат само краткорочни. А, тоа е нешто што не може да си го дозволи ниту една од двете земји.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's