09/10/2006
Две балкански земји влегоа во листата на првите десет реформатори во последниот извештај за бизнисот подготвен од страна на Светската Банка. Бугарија и Романија, кои наскоро треба да станат членки на ЕУ, исто така добија добри оценки за олеснување на бизнисот.
Од Ѓорѓи Митев-Шантек за Southeast European Times -- 09/10/06
![]() Една жена поминува покрај излогот на еден луксузен бутик во Софија. Во извештајот за водење бизнис за 2007 година на Светската Банка Бугарија и Романија добија високи оценки за олеснување на условите за водење бизнис. [Гети Имиџис |
Најголем број од луѓето на Балканот би се согласиле дека привлекувањето на странски инвестиции е клучно за долгорочен економски раст и просперитет, а за да се направи тоа потребно е создавање на погодна бизнис-клима. Една мерка за тоа колку напреднал регионот е последниот извештај за бизнисот на Светската Банка.
Подготвен од страна на Светската Банка и нејзината филијала за приватниот сектор, Меѓународната финансиска корпорација, извештајот ја разгледува бизнис-климата низ светот и ги рангира земјите врз основа на воведените реформи, како и олеснувањето на условите за водење бизнис.
Две земји -- Хрватска и Романија -- се наоѓаат на списокот на првите десет реформатори, додека пак и Бугарија и Романија добија добри оценки за олеснување на условите за водење бизнис.
Романија го зазеде второто место на глобалната листа на реформатори, имајќи постигнато институционален напредок во шест од вкупно десет категории. Оваа земја „ги упростила процедурите за добивање на дозволи за градење и основала единствена канцеларија за обработка на апликациите“, констатира Банката. „Претходно, бизнисмените требаа да поминат низ пет различни агенции“.
Покрај тоа, Романија го намали времето потребно за добивање на документи за градење, усвои нови законски регулативи за работа со цел да се охрабрат фирмите да најмуваат работниции без работно искуство, а и ги олесни условите за меѓународна трговија“, вели Банката.
Хрватска, исто така, беше рангирана високо (на седмото место) што се однесува до реформите. Владата го намали времето потребно за регистрирање на имотот од 956 на 399 дена, компјутеризирајќи ги податоците и доделувајќи им поголеми овластувања на службениците. Таа воведе единствен шалтер за регистрирање на новите фирми. Овие промени и го обезбедија второто место во регионот и седмото глобално во поглед на реформите.
Србија не успеа да влезе во листата на првите десет реформатори годинава, и покрај тоа што минатата година беше прва во светот. Меѓутоа, Извештајот за бизнис ја издвои за постигнување на една од „најхрабрите реформи“ во 2007 година -- имено, олеснување на процедурите за извоз и увоз во нејзината нова царинска норма. Времето потребно за увезување на стока е намалено од 44 на 12 дена. За извоз на стока сега потребни се 11 дена наместо цел месец. Преку границата, во Македонија, за извоз потребни се 35 дена, а за увоз 32 дена.
![]() Извештајот беше подготвен од страна на Светската Банка и нејзината филијала за приватниот сектор, Меѓународната финансиска корпорација. [Гети Имиџис] |
Втората серија на рангирања вклучени во Извештајот за бизнис за 2007 година го оцени олеснувањето на условите за бизнис во 175 економии во светот. И во овој случај Романија помина добро, пласирајќи се на 49 место. И Бугарија помина добро (54). Овие две земји, кои се наоѓаат на прагот на членство во ЕУ, се најдоа пред актуелните земји-членки на ЕУ Словенија (61), Унгарија (66), Полска (75), Италија (82) и Грција (109). Последнава, Грција, беше само неколку места пред Албанија (120), а неколку места под Босна и Херцеговина (95) и Македонија (92).
И покрај добрите резултати во однос на реформите, Хрватска се најде последна на листата за олеснување на бизнисот од сите земји од ЈИЕ, покажувајќи ја комбинацијата од добри и лоши новини кои го карактеризираат регионот како целина.
Како посебни индикатори, Извештајот за бизнис за 2007 година ги оценува регулативите кои влијаат врз бизнис-активноста во 10 области: отворање на бизнис, издавање на лиценци, вработување на работници, регистрирање на имот, добивање на кредит, заштита на инвеститорите, плаќање даноци, меѓународна трговија, спроведување на договорите и затворање на бизнис. Заедно, индикаторите се користат за анализирање на економските резултати, како и за донесување одлуки за ефикасноста на реформите.
Повторно, земјите во транзиција покажуваат добри резултати во поглед на некои индикатори, а полоши во однос на останатите. На пример, Хрватска се покажа лошо во категоријата за Заштита на инвеститорите. На 156-то место, таа е рангирана само 19 места пред Албанија. Регионални победници во оваа категорија се Романија и Бугарија, и двете рангирани на 33-то место.
Сепак, Хрватска покажува добри резултати во однос на спроведување на договорите, за што се потребни 22 чекори и 561 ден по цена од 10 отсто од долгот. Ова се разликува од Босна и Херцеговина, каде за да наплатиш еден долг мора да потрошиш една петтина од истиот.
Извештајот, исто така, ги разгледа процедурите за отпочнување на бизнис. Утврдено е дека овие процедури се едноставни и лесни во Романија: потребни се пет чекори и 11 дена и не е потребен депозит за добивање на регистарски број. Трошоците за започнување на бизнис во Романија „јадат“ само 4,4 отсто од Бруто националниот доход (БНД) по глава на жител.
За разлика од ова, во Албанија за да започнеш бизнис потребни се 344 чекори и 22 дена, по цена од 287 отсто од БНД по глава на жител.
Македонија, пак, заостанува во процедурите за увоз/извоз, но има постигнато напредок во друга област: кодексот за работа. Таа ги има олеснето регулативите за условите на договорите, надоместокот за прекувремена работа и технолошки вишок. Времето потребно за да се отвори нова фирма е намалено за повеќе од половина, од 48 на 18 дена. Бугарија, исто така, изврши рационализација на процедурите за отпочнување на нов бизнис и го намали данокот за фирмите.
Даночните стапки се пониски во Србија и Турција од било кое друго место во регионот, на пример Романија. Во Србија, бизнисмените мора да направат 41 исплата и да платат 38,9 отсто од бруто добивката во даноци. Во Романија пак, фирмите плаќаат 49 отсто од бруто добивката, со 89 различни даноци.
Општо земено, извештајот утврди дека водењето бизнис низ светот е олеснето во 2005-2006-та година, со вкупно 213 регулаторни реформи во 112 економии, со кои е намалено времето, трошоците и бирократијата. „Реформите треба да го намалат товарот врз сите претпријатија: мали и големи, домашни и странски, урбани и рурални“, рече еден од авторите на извештајот, Симеон Ѓанков.
„На овој начин нема да има потреба да погодуваме од каде ќе дојде следниот бум во работните места“. Секоја фирма ќе има шанса да напредува.