Српскиот филм претставува …

04/09/2006

И покрај долгогодишната политичка и економска криза, сјајот на Холивуд се уште ја нема привлечено имагинацијата на обичниот човек во Србија. Според податоците на кино благајните, Србите и понатаму ги сакаат српските филмови, и покрај повремените нискобуџетни торпеда.

Од Ѓорѓи Митев-Шантек за Southeast European Times -- 04/09/06

photo

Според кино благајните, филмската индустрија расте. [Гети Имиџис]

Минатата година, најголема заработувачка во кино благајните во Србија оствари филмот “Ние не сме ангели 2“. Оваа лесна комедија за еден остарен градски фраер кој сфаќа дека неговата ќерка пораснала и дека е спремна да излегува со момчиња, ги победи сите странски филмови со 660,000 гледачи, иако пиратската дивиикс копија се најде на улиците веднаш по кино премиерата.

Серијата филмови, започнувајќи со „Ние не сме ангели“ во 1992, ја лансира кариерата на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ. Тој штотуку ја започна продукцијата на неговиот трет филм.

Следен најуспешен домашен филм е „Ивкова слава“ - комедија за српскиот менталитет. Него го гледаа седум пати повеќе луѓе отколку третиот дел на Хари Потер.

Овогодишен домашен хит е „Шејтановиот војник“ -- филм на режисерот и сценарист Стеван Филиповиќ заедно со ко-сценаристот Мирослав Момчиловиќ. Не се очекува иста заработка како во случајот со филмовите за „ангелите“, бидејќи овој филм е хорор комедија за „истерување на лошите духови“. Домашните љубители на филмот претпочитуваат класични комедии.

photo

„Ние не сме ангели“ и неговото продолжение ја лансираа кариерата на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ. [Wikipedia]

Еден од најголемите проекти во кои соработувале режисери од поранешните Југословенски републики е „Караула“. Овој филм на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ е базиран на романот од Анте Томиќ, кој исто така е Хрват. Тоа е приказна за група млади кои го отслужуваат воениот рок во 1987 година во изолирана караула на југословенската граница помеѓу Македонија и Албанија. Сценариото, кое исто така го напиша Томиќ, го прикажува минатото без омраза, со трошка носталгија. Во филмот, помеѓу останатите, глумат Хрватот Тони Гојановиќ, Србите Сергеј Трифуновиќ и Богдан Дилиќ, Босанецот Емир Хаџихафисбеговиќ и Македонката Верица Недеска-Трајкова.

Регионалната соработка во филмовите им дава на сите земји кои учествувале во нив право на сопственост -- љубителите на филмот го сметаат за домашен и соборуваат рекорди во кино благајните.

Филмскиот центар на Србија (ФЦС) работи напорно за да ја извлече филмската српска индустрија од ситуацијата во која снимањето филмови е сведено на ентузијазам на филмските екипи и поединечни иницијативи. Центарот секоја година ги повикува режисерите да конкурираат за кофинансирање на нивните филмови. Се одбираат пет филмови, а оваа година вкупно се пријавени четириесет и два филма. Заради ограничените средства, буџетите за филмовите во Србија се мали. Вкупниот буџет на центарот е 1,25 милиони евра.

photo

„Седум и пол“ беше прикажан на овогодинешниот Филмски фестивал во Сараево. [Фотографија поклон од Ѓорѓи Митев-Шантек]

ФЦС, исто така, работи на промоција на српскиот филм во странство. Овогодишниот Сараевски филмски фестивал топло го пречека филмот „Седум и пол“, кој го напиша и режира ко-сценаристот на „ангели“, Момчиловиќ. Филмот освои четири Златни мимози на фестивалот во Херцег Нови во Црна Гора. Оваа црна комедија се состои од седум приказни за секојдневниот живот на граѓаните на Белград и ги опишува седумте смртни гревови.

Други српски филмови се имаат појавено во Кан и на другите меѓународни фестивали. Според извештаите и повратните информации, на тие настани се остварени значајни контакти со продуценти од Велика Британија, САД и Холандија.

Странските продуценти се заинтересирани за снимање на филмови во Србија, затоа што во таа земја постои долга традиција, добро обучени и евтини филмски екипи и многу убави локации, вели директорот на ФЦС Ѓорѓе Миличевиќ. Тоа што недостига се пониски даноци, како оние во соседна Романија, каде минатата година државата од филмските копродукции заработила 150 милиони евра.

Српската кинематографија е меѓу најстарите во Европа. Југословенската кинотека официјално е рангирана како трета најважна филмска институција на светот, која неодамна прослави 110 години на филмот во Србија. Првиот српски, и Балкански, филм беше прикажан во сега прочуениот кафе-бар Златен крст на 6-ти јуни 1896 година -- помалку од шест месеци по првото јавно прикажување на “подвижни слики“ во Париз.

Индустријата која брзо се развива, филмовите, режисерите и глумците ги освојуваат срцата и вниманието на љубителите на седмата уметност не само во сопствената земја, туку и надвор од нејзините граници.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading