31/07/2006
Не така одмна, Романија се соочи со опасност од одложување на нејзиното пристапување во ЕУ заради несоодветните антикорупциски мерки, но оттогаш оваа земја ги промени работите. Според многумина министерката за правда Моника Маковеј е заслужна за започнување на решителна борба против корупцијата.
Од Гелу Трандафир за Southeast European Times во Букурешт – 31/07/06
![]() Романија се надева на притапување во ЕУ на 1-ви јануари 2007 година. [Фајл] |
„За прв пат во историјата на оваа земја, никој не е над законот“. Изјавата на еврокомесарот за проширување Оли Рен можеби им звучеше чудно на некои пратеници на Европскиот Парламент. Пред само две години, Унијата бараше од Европската Комисија да ги прекине преговорите со Романија заради сеприсутната корупција. А сега, еврокомесарот за проширување им кажува една поинаква приказна.
Тоа е приказна за успех, и покрај тоа што и понатаму постојат огромни предизвици. Поминаа неколку години откако властите во Романија го презедоа првиот неопходен чекор, односно ја сфатија и признаа големината на овој проблем. „Пресвртен момент беше прифаќањето дека корупцијата е реалност“, вели Џонатан Шил, шеф на делегацијата на ЕК во Букурешт. „Кога прв пат дојдов овде, владата едноставно ја негираше оваа појава“. Ако го одрекувате постоењето на некој проблем, тогаш немате шанси да го решите. Тоа се промени во 2002-2003-та година“, вели Шил.
Меѓутоа признанието дека еден проблем постои е само еден чекор. За да се одржи борбата против корупцијата во живот неопходна е политичка волја. Претходната власт, предводена од страна на Социјал Демократската Партија (СДП), ги кажа сите прави нешта, но немаше волја да ги преземе неопходните мерки. Како резултат, продолжи постоењето на раширената корупција, судството остана неефикасно и послушно на политичките господари, а Брисел почна да се сомнева во преданоста на владата.
Том Галагер, професор на Универзитетот во Брадфорд, ја нагласува пресудната улога која ја одиграа невладините организации и незвисните медиуми. „Тие го привлекоа вниманието на ЕУ за флагрантните случаи на корупција и ја подигнаа свеста на гласачите против кандидатите кои не беа „чисти“. Нивните имагинативни тактики помогнаа да се предизвика огорченост кај народот кон доминантната посткомунистичка сила, СДП, која се до губењето на власта во 2004-та година, изгледаше непобедлива“, вели тој.
Во меѓу време, оваа прилика успеа да ја искористи една значајна партија од опозицијата позната по својот прагматизам. Демократската партија, тогаш предводена од Трајан Башеску, започна болни реформи. Помала, но почиста, таа се покажа способна да започне успешен напад врз политичкиот естаблишмент која не се грижеше многу поради корупцијата.
Башеску стана претседател на една земја чиј обид за влез во ЕУ беше сериозно загрозен поради заштитната клаузула чие активирање би значело одложување на пристапувањето - доклку романската влада би продолжила да се задоволува со ветувањата на хартија.
„Тоа беше огромен предизвик“, вели Шил. „И беше одличен потег тоа што Моника Маковеј беше назначена за министерка за правда, бидејќи не носи никаков политички багаж“. Башеску го имаше мандатот на граѓаните да направи промени. И имаше вистинска личност за таа работа. Време беше за дејствување.
![]() Моника Маковеј, министерка за правда. [Гети Имиџис] |
47-годишната Маковеј, поранешна обвинителка која стана борец за човекови права, се соочи со силен отпор од судскиот естаблишмент со силни врски од комунистичкото минато. Сепак, таа успеа да го реформира тоа судство, користејќи „лекови“ како транспарентност, одговорност и конкуренција за врвните позиции. Нејзини најефикасни техники се: јавни и детални пријави за имотот и формирање на Антикорупциска комисија (ДНА).
Пријавите за имотот направија „нешто невидено во Романија“, вели Маковеј. „Многу важни политичари, кои никогаш не беа под истрага, беа сослушувани откако не успеаа да го објаснат потеклото на нивното богатство. Деновите на неказнување конечно завршија.
Маковеј ја зајакна независноста на обвинителите, истовремено правејќи редовни извештаи за нивната ефикасност и грижејќи се за нивната одговорност. “Сега постои еден синџир на одговорности“, објаснува таа. „Доколку ДНА не успее да ја заврши својата мисија, јас ќе бидам принудена да побарам повлекување на нејзиниот шеф. Ако не, јас ќе бидам сменета“.
ДНА се покажа ефикасна и непристрасна. Таа го обвини поранешниот премиер Адријан Настасе за земање мито, но исто така поведе истрага и покрена обвиненија против некои водечки личности од актуелната владејачка коалиција. Наоѓањето на соодветни луѓе се покажа тешко. „Малку обвинители се подготвени да го понесат товарот. Не може да се каже дека постои ентузијазам за да се работи до ДНА“, признава Маковеј.
Според министерката она што загрижува е политичката неодлучност. „На самиот почеток, не постоеше политички отпор“, се сеќава таа. Но, политичката одговорност се намали кога антикорупцијата се покажа реална. Отпорот се префрли од судските кругови во парламентот. Високите политичари од владејачката коалиција се обидоа да го сменат начинот на кој се назначува шефот на ДНА.
„Оваа промена се случи окако сфатија дека ДНА е навистина една автономна институција која не можат да ја контролираат. Постои страв кај политичарите од ова независна, оперативна ДНА“, вели Маковеј.
![]() ДНА поведе истрага против поранешниот премиер Адриан Настасе (десно) и други функционери. [Гети Имиџис] |
Дури и нејзините негогашни верни застапници од Демократската Партија почнаа да се држат на растојание и Маковеј сега има потешкотии да го „провне“ усвојувањето на последните делови од законот за антикорупција: Законот за финансирање на политичките партии и формирање на Агенција за интегритет, задолжена за пријавување на имотот.
Потребна е железна решителност за завршување на процесот. А, во нејзините 18 месеци на функцијата, Маковеј покажа дека ја поседува. Покрај тоа, таа ужива поддршка од моќни сојузници од надвор.
„Голем дел од успехот за пристапување на Романија во ЕУ ќе биде постигнат благодарение на г-ѓа Маковеј“, изјави комесарот за правда Франко Фратини. И покрај овие честитки, не е време Романија да лежи на своите ловорики. Рен го одложи за септември последниот збор за тоа дали пристапувањето во ЕУ ќе се случи на 1-ви јануари 2007-та година, како што е планирано, или ќе биде одложен според заштитната клаузула. Најпосле, не е доволо еден министер да води борба против корупцијата. Романија ќе мора да го убеди Брисел дека има цврст рецепт.
Би можел ли приодот на Романија да се примени во Западен Балкан? Според Галагер, има значајни разлики. „За разлика од Романија, овие земји имаат традиција на насилна мафија која е релативно одвоена од големите партии. ЕУ треба да ги зајакне антимафијашките операции, бидејќи во прашање е нејзината сопствена безбедност. Па затоа, ЕУ треба да биде поангажирана.
Сепак, искуството на Романија ја истакнува важноста на зајакнување на реформистите на Западен Балкан. „ЕУ треба ефикасно да се здружи со локалните реформистички актери. Ова единствено се случи кога СДП ја загуби власта во 2004-та година и објаснува зошто стратегијата на Романија за пристапување беше полна со проблеми“, вели Галагер.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's