03/07/2006
За почетни цени од 9 евра, студентите од Белград наскоро ќе можат да ја посетат фамилијата во Келн, да ја разгледаат Венеција или да видат зошто Будимпешта се нарекува „Париз на Истокот“. Малите стопанственици ќе можат да си дозволат патување на запад со цел да ги промовираат своите производи или да склучуваат договори. Ниските цени на авиопревозот доаѓаат во Србија, предизвикувајќи ја доминацијата на националниот авиопревозник ЈАТ и отворајќи нови хоризонти за патување. Сепак, за најголем број Срби, визите и немањето пристап кон Интернет сеуште претставуваат пречка.
Од Ѓорѓи Митев-Шантек за Southeast European Times во Белград – 03/07/06
![]() Туристи стојат пред една античка парна локомотива на станицата Мокра Гора во Србија. Наскоро, ова место би можело да стане дестинација за чартер летови доколку воениот аеродром што се наоѓа во близина биде расчистен и оспособен за цивилна употреба. [Гети Имиџис] |
Договорот за отвореното небо неодамна потпишан во Салзбург од страна на министрите за транспорт од неколку балкански земји и нивните колеги од Исланд и Норвешка ќе биде од голема корист за Србија. Првата авионска компанија со летови по многу ниски цени која ќе работи во Србија, Џерманвингс, планира свечено да го пушти летот Белград-Келн на 2 септември, а домашната авионска компанија со летови по многу ниски цени, Центавиа (Централноевропска авиокомпанија) аплицираше за лиценца.
Линиите на Германвингс ќе чинат помеѓу 9 и 49 евра, неколку пати поевтини од линиите на националната авионска компанија, ЈАТ. Центавиа, пак, планира летови за Атина, Франкфурт и Истанбул по преполовени цени од тие на големите авионски компании. Ова српска компанија е регистрирана во Белград, а нејзините пилоти веќе се на обука во Англија.
Во светот, компаниите со многу ниски цени на авионските линии се повеќе и повеќе остваруваат поголем профит. Минатогодишниот профит на Рајанеар изнесуваше 268,9 милиони евра, додека пак Изиџет оствари профит од 99,8 милиони евра. Американскиот авиопревозник Саутвест Еарлајнс оствари ни помалку ни повеќе туку 435,1 милион евра.
Помина долго време за ова да се случи во Србија. Потфатот на српскиот магнат Мирослав Мишковиќ и неговата фирма Делта Холдинг, Еар Макси, заврши неславно минатата година пред компанијата да успее да набави еден единствен авион. Главната личност во тој потфат, поранешниот генерален директор на ЈАТ Предраг Вујовиќ, исто така е вмешан во Центавиа. Сепак, иднината на оваа нова авионска компанија ветува повеќе. Таа обезбеди банкарска гаранција од 400 000 евра за осигурување и веќе изнајми еден британски авион.
И покрај тоа што, авиопревозот по многу ниски цени и понатаму е во зачетна фаза, тој веќе претставува извор за загриженост во ЈАТ и кај нејзиниот директор, Небојша Старчевиќ. Тоа и може да се очекува, имајќи предвид дека овој национален авиопревозник регистрираше загуба од 19 милиони евра минатата година. Таа се надева дека тој износ ќе биде намален на 3,7 милиони евра годинава, но тоа достигнување не треба да предизвика еуфорија. Истовремено, долгоочекуваната линија на ЈАТ за Канада и Соединетите Американски Држави е попречена поради недобивање на лиценца.
ЈАТ се соочува со конкуренција и од Монтавиа, филијала на Монтенегро Еарлајнс. Регистрирана во Ниш како српска фирма, таа веќе забележува профит со летовите за Цирих.
Старчевиќ смета дека сеуште нема услови за пазар на авиопревозот по многу ниски цени во Србија. Сепак, ЈАТ го нема повеќе луксузот да работи како обично. Зголемениот притисок од конкуренцијата е прашање на време, а не е знак прашалник.
За обичните граѓани, патувањето по пристапни цени е повеќе од добредојдено. Сепак, радувањето на можноста да се патува во Европа за 30 евра е нарушено од две нешта -- политиката и несоодветната технологија. И понатаму е тешко да добиеш виза за на запад доколку имаш српски пасош. Иако има надежи за олеснет визен режим за студентите и бизнисмените, просечниот човек ќе треба да почека подолго за подобрување на ситуацијата.
Друг проблем е Интернетот. Фирмите со ниски цени на авионските линии ги продаваат своите билети исклучиво преку Интернет, а деловната употреба на компјутерите во Србија е сеуште на нездоволително ниво.
Сепак, Србите можат на најдат утеха во фактот дека процесот започна. Штом е веќе започнат, нема да биде лесно да се запре. Многу е појасно ако погледнеме преку границата, каде сега функционираат многу компании. На пример, Романците можат да патуваат евтино од Букурешт до Палермо со Виндџет, или со Цимбер Еар до Копенхаген, додека пак Хрватите патуваат од Загреб до Лондон со Визеар за само 40 евра, а за таа цена Албанците патуваат од Тирана до Венеција со Алпи Иглс.
Празнините во домашниот авионски превоз можат да бидат пополнети од страна на поевтината конкуренција. Градот Ниш, со помош на норвешката влада, вложи пари и напори за реконструкција на вториот по големина аеродром во Србија -- аеродром кој ЈАТ планираше да го надгледува. Според директорот на аеродромот Радисав Радојковиќ, државната авионска компанија се колеба да развие транспорт помеѓу центрите во Србија. Како резултат, аеродромот во Ниш се повеќе и повеќе се потпира врз чартер летовите, како што се летовите на Томсон Ски кои превезуваат британски туристи до планината Копаоник.
Всушност, авионскиот превоз по ниски цени освен што ветува поголема меѓународна мобилност за граѓаните на Србија, тој, исто така, може да помогне за да се привлечат туристи од светот. Во блиска иднина, чартер компаниите кои им нудат услуги на странските посетители би можеле да работат за аеродромот Лаѓевци, кој се наоѓа во близина на две главни туристички дестинации -- планината Златибор и бањата Врњачкабања. Локалните власти очекуваат од министерството за инвестиции да го отвори воениот аеродром за цивилна употреба.
Друг воен аеродром, Поникве, се наоѓа во близина на Мокра Гора и познатото село создадено од режисерот Емир Костурица. Поникве ја има една од најдолгите писти на Балканот, во најголем дел од годината нема магла и може да се справи со сите видови на авиони.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's