01/05/2006
Предупредувајќи ги земјите од Централна Европа до Централна Азија дека заостануваат зад најголем дел од развиениот свет во инвестирањето во полето на истражувањето и развојот, новиот извештај на Светската Банка бара од нив да преземат чекори за подобрување на условите за поголеми инвестиции во комерцијалните иновации како метод за поттикнување на економскиот раст и намалување на сиромаштијата. Според експертите на Светската Банка, тоа е значајно за зголемување на улогата на приватниот сектор, како и за воведување на економски стимуланси, подобрување на информациската инфраструктура и спроведување на реформи во образованието.
Од Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија - 01/05/06
![]() Регионот моментно троши помалку од 1 отсто од БДП за истражување и развој, што е значително помалку од нормата на ЕУ од 3 отсто. [Гети Имиџис] |
Според последниот извештај на Светската Банка, земјите од Централна Европа до Централна Азија заостануваат зад најголем дел од развиениот свет во инвестирањето во полето на истражувањето и развојот.
Регионот моментно во просек троши помалку од 1 отсто од БДП за истражување и развој, што е значително помалку од нормата на ЕУ од 3 отсто, според студијата „Јавна финансиска поддршка за комерцијалните иновации“. Покрај тоа, околу две третини од инвестициите во полето на истражувањето во овие во најголем дел пост-комунистички земји се покриени од јавните средства, додека пак во Западна Европа 65 до 70 отсто од вкупниот износ доаѓаат од приватниот сектор. Во Јапонија, уделот на приватниот сектор изнесува 80 отсто.
Целта на авторите на извештајот беше да им понудат на креаторите на политиката во Европа и Централна Азија опции за поттикнување на продуктивноста и економскиот раст преку создавање на поволна клима за примена на знаењето во економијата преку иновации и учење. Тие извршија анализа на разни финансиски инструменти за поттикнување на иновациите во регионот и препорачаа реформи кои треба да се спроведат пред да бидат применети тие инструменти.
Седум земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ) -- Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Бугарија, Хрватска, Романија, Србија-Црна Гора и Турција -- се меѓу 25-те ЕЦА земји оценети во извештајот. Тука спаѓаат и 13 бивши Советски републики, меѓу кои и актуелните членки на ЕУ Естонија, Латвија и Литванија, како и пет други поранешни комунистички земји -- Република Чешка, Унгарија, Полска, Словачка и Слевенија -- кои, исто така, станаа членки на Унијата во 2004-та година.
Користејќи група Показатели за економијата на знаење (КЕИ) -- економските стимуланси, образованието, системот на иновации и информациската инфраструктура -- студијата ги рангира земјите според нивната способност за ефикасно инвестирање во иновации. На секоја земја и е дадена оценка од 1 до 10 за секој показател и генерална оценка за КЕИ, кои го одредуваат нејзиното рангирање.
Од 25 земји, првите три во поглед на КЕИ се Естонија со 8,26 поени, Словенија со 7,88 поени и Литванија со 7,17 поени. После нив доаѓаат останатите пет нови земји-членки на ЕУ. Веднаш зад нив доаѓаат Хрватска со 6,22 поени и Бугарија со 6,19 поени, на 9-то и 10-то место. Од другите земји од ЈИЕ, Романија е на 12-то место со 5,27 поени, Турција е на 16-то место со 4,73 поени и Србија-Црна Гора 17-та со 4,55 поени. Со 3,02 поени БиХ се најде на 23-то место, пред Албанија која е предпоследна со 2,99 поени.
Споредбено, Финска -- една од најиновативните земји во светот -- има генерална оценка од 9,02 поени за иновациите и 9,21 поени за образованието.
![]() „Државните средства се ограничени и треба да се користат за финансирање на истражувањето само кога ќе се обезбедат услови тие истражувања да вродат со плод“, истакна главниот автор на студијата Ицак Голдберг. [Светска Банка] |
Земјите од Југоисточна Европа добија различни оценки за секој показател. Највисоката оценка на Хрватска од 7,12 поени е за иновациите, ставајќи ја на 4-то место меѓу 25 земји, пред шесте земји-членки на ЕУ. Но, оваа земја доби само 4,31 поени за економските стимуланси, наложувајќи потреба за подобрување во оваа сфера.
Најдобрата оценка на Бугарија, 6,73 поени, е за образованието, со што таа е подобро рангирана во однос на овој показател од останатите земји од Југоисточна Европа, но две места под нејзиното генерално рангирање.
Романија, на пример, е 12-та во генералното рангирање, но само 20-та во образованието поради ниската јавна потрошувачка во овој сектор. БДП по глава на жител во Турција е на исто ниво со Литванија и Словачка, но таа се наоѓа зад овие две земји во генералното рангирање, што се должи на ниските оценки за просечните години на школување и достигнувањата во математиката. Таа се наоѓа на 24-то место во поглед на образованието.
Оценка помала од 2,50 поени за било кој показател е знак за потешкотии во таа област. На пример, БиХ и Албанија добија само 1,02 и 1,65 поени за иновациите, додека пак Србија-Црна Гора доби најлоша оценка, 2,15 поени, за економските стимуланси.
Доколку владите обезбедат дополнителни средства за поттикнување на иновациите без притоа да ги зголемат економските стимуланси, да ја подобрат информациската инфраструктура и да извршат реформи во образованието, парите ќе бидат залудно потрошени, се истакнува во извештајот. Покрај тоа, постои мала веројатност зголемувањето на трошоците да доведе до подобрување доколку приватниот сектор не започне да има поголема улога во тој процес.
И покрај големиот број на истражувачи и наследството на достигања во образованието од комунистичкиот период, на земјите од поранешниот Источен блок нема да им биде лесно да ги претворат овие потенцијални сили во комерцијално успешни иновации доколку универзитетите и институциите за истражување не работат хомогено со приватниот сектор, велат од Светската Банка.
![]() Светската Банка беше домаќин на Форумот за економијата на знаење во Прага од 28 до 30 март. Тридневниот настан собра на едно место претставници на 27 земји од регионот. [Светска Банка] |
„Државните средства се ограничени и треба да се користат за финансирање на истражувањето само кога ќе се обезбедат услови тие истражувања да вродат со плод“, истакна главниот автор на студијата, Ицак Голдберг.
Расположливоста на стимуланси за промовирање на соработката помеѓу истражувачите и приватнио сектор, како и широкиот пристап до компјутерите и интернетот се дел од потребните услови. Владеењето на правото е, исто така, значајно, според Голдберг, како што е и заштитата на правата на интелектуалната моќ и напорите за борба против корупцијата.
Со цел да ги разгледа начините на кои ЕЦА земјите можат да ги подобрат нивните иновативни системи, како и да поттикнат поголема употреба на знењето од страна на фирмите, Светската Банка беше домаќин на Форумот за економијата на знаење во Прага од 28 до 30 март. Тридневниот настан ги собра на едно место претставниците на 27 земји од регионот.
„Да се претворат истражувањето и развојот во комерцијален успех е клуч за постигнување на одржлив, долгорочен економски раст“, рече Шигео Катцу, потпретседател на Светската Банка за регионот, на отворањето на конференцијата. „За ова владите во Источна Европа и Централна Азија ќе треба да престанат да ги трошат ресурсите на архаични иновативни системи и да започнат да ги поттикнуваат приватните претпријатија да се вклучат во процесот, како што е случај на Запад.
Ова не значи дека владите треба потполно да престанат да го финансираат истражувањето, туку кога вршат распределба на јавните ресурси за вакви активности, вниманието треба да биде врз истражување преку или за приватните претпријатија. „Позначајна улога на владата е да ги спроведе потребните структурни реформи, така што инвестициите во истражувањето да вродат со плод“, рече Кацу. „ Канализирањето на средствата заштедени од директното истражување во образованието, здравството и социјалната сигурност ќе доведе до зголемување на продуктивноста. Покрај тоа, државите треба го олеснат пристапот до интернет, да поттикнат прецизно финансиско известување од фирмите, како и да го поддржат владеењето на правото. Истото важи и за борбата против корупцијата, како и за примена на прописите за заштита на правата на интелектуална моќ“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's