06/02/2006
Ако запреш такси во Белград, нема да добиеш само евтин превоз, туку целосен и детален кардиограм на политичкиот, економскиот и секој друг аспект на српското општество. Градските таксисти даваат се, од практични информации -- каде да јадеш или да се забавуваш -- до внатрешни информации за политичарите и другите јавни личности, додавајќи свој сопствен вид на аматерско филозофирање. Но, не очекувај да го добиеш сето ова без да вложиш труд, пишува дописникот на SETimes Јелена Тусуп. Во Белград, такси превозот не е само бизнис трансакција туку однос заснован врз взаемна доверба.
Од Јелена Тусуп за Southeast European Times во Белград – 06/02/06
![]() Жена во Белград запира такси. [АФП] |
Ако сакаш да дознаеш се што треба да се знае за жешките теми во Србија, обиди се да запреш едно од 7000 такси во Белград. Нема да добиеш само евтин превоз (приближно 2 евра за десет минути возење), туку и комплетен и детален кардиограм на политичкиот, економскиот и секој друг аспект на српското општество.
Оние што имаат искуство со белградските таксисти секогаш ги сметаат за пријателски расположени, мудри и добро информирани. Она што можеби изгледа само како уште едно муабетење може на крајот да се покаже како извор на неочекувана, вредна информација за било која тема: каде можеш да смениш пари или да јадеш на сред ноќ, каде можеш да најдеш нешто или некого, како да се однесуваш со полицијата и кога да бараш забава, кој пат е најкраток (или најдолг).
Исто така, можеш да дознаеш новости за политичарите и другите познати личности -- кој е најпопуларен, што наумила неговата жена, дали тој се обложува или не на фудбал, дали тој ја променил неговата адреса, како и други значајни информации. Се разбира, не можеш да веруваш во се што ќе чуеш. Сепак, треба да се има на ум дека „секој кој е некој“ во Белград користи такси. Ако не самите политичари, тогаш нивните помошници, членови на семејството, пријатели и соседи. Благодарение на сеуште ниските цени на такси услугите, често е возможно да дознаеш се што сакаш.
Покрај нивната улога на пренесувачи на информации, таксистите уште се сметаат за најталентирани аматерски филозофи, давајќи поговорки ("никогаш нема да го испуштите возењето кое ви е судено") и мудри совети. Тие се одлични, иако песимистични аналитичари: општата ситуација е секогаш „лоша“ или како што велат оптимистите „може да биде и полоша“. Поголем број од нив не гласаат, разочарани од нивните поранешни фаворити и политиката ја сметаат за гнасен бизнис.
Во ерата по Милошевиќ, нивното главно внимание се префрли од политиката на секојдневните важни теми -- транзицијата, платите, кредитите, каматните стапки, цените, локалната политика итн. Тие често имаат одговор на најсериозните проблеми во Србија. „Единственото решение за земјата е младите луѓе да „тргнат на политичарите“ да ги избркаат од парламентот, како и да ги повикаат сите „нерасипани“ од странство да се вратат и да волонтираат со цел државата да почне да функционира“, вели еден постар таксист.
![]() Во последните неколку години, велат некои, таксистите се помалку расположени за муабетење отколку порано. Можеби тоа е последица на промените во Србија, чекор кон западните вредности и губење на таа шармантна балканска особина. [АФП] |
Еден друг таксист има уште поекстремен став: „Сите млади луѓе кои се сеуште овде треба да ја напуштат оваа гнила земја.“
Тие често ги забавуваат патниците со живописни приказни за „подобрите времиња“ во комунистичката ера, на која таксистите се сеќаваат со достоинство и тага. Тогаш, малку од нив биле таксисти. Мнозинството имале некоја друга постојана работа, во производството, продажбата или услугите. Работата, како што велат тие, не била тешка и можеле „да си дозволат сешто -- одмори, коли, станови, облека од Италија“. Во нивните редови има доктори по филозофски науки, поранешни врвни виолинисти од белградската филхармонија, поранешни професионални планинари. Нивните судбини тргнале по некој чуден пат, а нивните теми за раговор се бескрајни.
Меѓутоа, на ред е едно мало предупредување. Никој автоматски не го стекнува правото на она што го знае еден таксист, и покрај тоа што вие сте оние што плаќате за превозот. Мора да се изгради взаемна доверба. Заради тоа многу луѓе избираат „свој“ таксист -- кој секогаш ги вози. Ако станете добри познајници, се е можно. Но, кога првпат ќе влезеш во едно такси, немој да се изненадиш или разочараш ако си пречекан со молчење. Ако си жена, може да помогне насмевка или неискусно однесување, но искрено. Ако си маж, една шега или две за да се скрши мразот е добар почеток. И бакшиш, се разбира.
Во последните неколку години, велат некои, таксистите се помалку расположени за муабетење отколку порано. Можеби тоа е последица на промените во Србија, чекор кон западните вредности и губење на таа шармантна балканска особина. Во времето на Милошевиќ, Србите чувствуваа дека имаат еден заеднички проблем, за кој сите неуморно разговараа. Сега, тоа чувство исчезна, а со него и чувството на заедништво. Луѓето се сами.
Постојат неколку правила што посетителите на Белград треба секогаш да ги имаат на ум. Никогаш не фаќај такси кое чека на аеродром, железничка или автобуска станица -- тие речиси сигурно ќе те одерат. Подобро е да повикаш такси; така ќе бидеш сигурен дека е редовен превоз, а ќе добиеш и попуст.
Ако сметаш дека ти наплатиле премногу, побарај сметка и запамти го бројот на таксито. Потоа јави се во неговата компанија. Меѓутоа, имај на ум дека таксистите се цврста заедница. Никогаш не започнувај кавга или не се обидувај да му се заканиш на возачот. За помалку од една минута, на помош ќе дојдат другите таксисти.
Кога повикуваш такси, секогаш можеш да побараш за пушачи или непушачи или таксист кој зборува англиски јазик. На крајот, не заборавај да провериш дали таксито има таксиметар.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's