Дејтонски Мировен Договор

12/12/2005

Договорот постигнат во Дејтон, Охајо, на 21-ви ноември 1995-та година со посредство на Америка, а официјално потпишан на 14-ти декември истата година стави крај на најкрвавиот конфликт во Европа од Втората Светска Војна и повторно воспостави мир во Босна и Херцеговина.

(Разни извори -- 21/11/95 - 20/11/05)

photo

Документот, кој на крајот стана познат под името Дејтонски Мировен Договор(ДМД) беше официјално потпишан од страна на трите балкански претседатели на 14-ти декември 1995-та година во Париз. [АФП]

По отцепувањето на Словенија и Хрватска од Федерална Република Југославија (ФРЈ) во 1990-та и 1991-та година, Босна и Херцеговина (БиХ) одржа референдум за независност на 29-ти февруари и 1-ви март 1992-та година. Босанските Муслимани и Хрвати, кои во најголем дел учествуваа во плебисцитот, го поддржаа отцепувањето на републиката од федерацијата, додека пак мнозинството од Босанските Срби го бојкотираа референдумот. На 5-ти април 1992-та година, националниот парламент прогласи независност на БиХ. Конфликтот кој следеше беше најкрвавиот во европската историја од завршувањето на Втората Светска Војна, во кој загинаа стотици илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Околу три и пол години по избувнувањето на конфликтот и после неколку неуспешни меѓународни обиди за мировен договор, Америка отпочна нова иницијатива во есента 1995-та година. Блиски преговори помеѓу завојуваните страни, претставувани од тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, хрватскиот претседател Фрањо Туѓман и босанскиот претседател Алија Изетбеговиќ, започнаа во воздухопловната база Рајт-Петерсон во Дејтон, Охајо на 1-ви ноември 1995-та година. Преговорите ги водеше Ричард Холбрук, кој во тоа време беше помошник-државен секретар на Америка. Претставници на ЕУ и Контакт Групата -- Велика Британија, Франција, Германија и Русија -- исто така, учествуваа во доста напнатите преговори во американската воздухопловна база.

Три недели по отпочнувањето на преговорите, Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ конечно постигнаа договор и одобрија Општ рамковен договор за мир во БиХ на 21-ви ноември. Документот, кој на крајот стана познат под името Дејтонски Мировен Договор (ДМД) беше официјално потпишан од страна на тројцата балкански претседатели на 14-ти декември 1995-та година во Париз.

Меѓу меѓународните лидери кои присуствуваа на церемонијата на потпишувањето беа Генералниот секретар на ОН Бутрос Бутрос-Гали, Генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана, американскиот претседател Бил Клинтон, францускиот претседател Жак Ширак, британскиот премиер Џон Мејџор, германскиот канцелар Хелмут Кол и рускиот премиер Виктор Черномирдин. Претставник на ЕУ беше поранешниот шведски премиер и копретседавач на Дејтонската мировна конференција, Карл Билд.

„Во овој хор за мир денеска ги слушаме и светите гласови на жртвите -- децата чии игралишта беа гранатирани на бојните полиња, младите девојки жртви на брутални силувања, мажите убиени во масовни гробници, оние кои гладуваа во логорите, оние кои ги загубија животите во битките, милионите луѓе одведени од нивните домови и оттргнати од своите семејства“, рече Клинтон на церемонијата. „Дури и од гробовите жртвите ја пеат песната на мирот денес“. Нека нивниот глас остане во нашите глави и срца засекогаш“.

ДМД содржи 11 анекси кои ги покриваат воените, политичките и цивилните страни од мировниот договор, како и оние за стабилизација на регионот.

Со Договорот БиХ стана самостојна држава составена од два главно автономни ентитети -- муслиманско-хрватска федерација, наречена Федерација БиХ и една малку помала мини држава на Босанските Срби, наречена Република Српска. Во него, исто така, беа одредени меѓународните, како и границите меѓу ентитетите. Уставот на БиХ беше вклучен во ДМД, како Анекс 4.

ДМД ги обврза БиХ, Хрватска и она што беше останато од ФРЈ целосно меѓу себе да го почитуваат суверенитетот, како и да ги решаваат споровите на мирен начин. Со потпишувањето на Договорот, спротивставените страни, исто така, се обврзаа да ги почитуваат човековите права и правата на бегалците и раселените лица. Исто така, се согласија целосно да соработуваат со сите релевантни ентитети и организации во имплементирањето на мировниот договор, како и да поведат истрага за извршените воени злосторства и останатите прекршувања на меѓународниот хуманитарен закон.

Еден ден по официјалното потпишување на ДМД во Париз, Советот за безбедност на ОН ја објави Резолуцијата 1031, со која му додели мандат на НАТО да ги спроведува воените одредби од договорот. На 20-ти декември 1995-та година, во БиХ беа ангажирани мултинационални воени сили предводени од НАТО, составени од 60000 војници, како дел од најголемата воена операција на Алијансата, наречена Операција на здружени сили. ИФОР, на кои им беше доделен мандат од една година, во декември 1996-та година беа заменети од страна на Силите за стабилизација (СФОР). На почетокот броејќи околу 32000 војници, бројот на СФОР со тек на време беше намален на 7000 трупи до почетокот на декември 2004-та година, кога мисијата за имплементирање на воените одредби од договорот премина во ЕУФОР, сили предводени од ЕУ.

Задачата да ги имплементира цивилните страни од ДМД му беше назначена на Канцеларијата на Високиот претставник (КВП) во БиХ. Работејќи под управа на Советот за безбедност на Обединетите Нации, Високиот претставник е највисок дипломатски претставник во оваа балканска земја и има најголема моќ, како и овластување да отпушта функционери и да донесува закони. Неговите задачи вклучуваат потпомагање и координирање на активностите на меѓународните организации и агенции вклучени во цивилните страни од мировниот договор.

Дејтонскиот договор успеа во постигнувањето на својата непосредна цел, односно да стави крај на крвопролевањето во БиХ и повторно да воспостави мир. Меѓутоа, со тоа беше воспоставена и најсложената владина структура во светот -- за која многумина во БиХ, како и надвор од неа, сметаат дека нема да опстои подолгорочно. Со слаби централни институции, постојана поделба помеѓу двата ентитети, зависност од меѓународната управа, земјата сеуште неможе да се опише како земја која функционира. На 22-ти декември, за време на одбележувањето на Дејтонскиот договор во Вашингтон, Д.Ц, претставниците на трите составни групи на БиХ дадоа историско ветување дека ќе продолжат напред, како и дека ќе отпочнат сеопфатни реформи за поставување на темелите за иден мир и просперитет.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading