17/10/2005
Низата неодамнешни скандали ја нагласија важноста да се реши проблемот со корупцијата во Србија-Црна Гора. Судијата од Врховниот Суд кој за пари ослободи група криминалци, високите воени офицери кои набавија воена опрема по „напумпани“ цени и докторите кои профитираа со продавање на инвалидски пензии се само неколку примери за мито, измама и злоупотреба на функцијата - карактеристичен проблем за едно општество во транзиција. Најавувајќи „одлучна борба против корупцијата“, се чини дека властите се обидуваат да го сменат општиот впечаток дека им недостасува политичка волја за да го решат овој проблем. Досега, известува дописникот на SETimes Ѓорѓи Митев-Шантек, реториката е поимпресивна од резултатите.
Од Ѓорѓи Митев-Шантек за Southeast European Times – 17/10/05
![]() |
Извештајот на Советот на Европа од 2005-та година за корупцијата во Западен Балкан ја критикува Србија-Црна Гора, како и Македонија и Босна и Херцеговина, дека не вложува доволно пари, како и дека не покажува доволно политичка волја за решавање на проблемот со корупцијата. Се чини дека српската влада се обидува да ги побие овие заклучоци, но и покрај тоа експертите, како и граѓаните, остануваат скептични.
Се разбира дека корупција има. Судијата од Врховниот суд обвинет за земање мито во замена за блага казна за група криминалци, високите воени офицери кои се под истрага за набавка на воена опрема по „напумпани“ цени и докторите кои наводно заработувале со продавање на инвалидски пензии се само неколку примери за мито, измама и злоупотреба на функцијата - карактеристичен проблем за едно општество во транзиција.
Досега се преземени одреден број добро "изрекламирани" чекори. Министерот за правда Зоран Стојковиќ вети дека ќе ги гони корумпираните судии. Инспекторатите ги проверуваат сите договори за набавка на воена и полициска опрема во последниве неколку години. Бројот на уапсени доктори расте секоја недела. Сепак, политичката реторика сеуште води пред конкретните мерки. Весниците постојано известуваат за загуби вредни милиони евра и шокантни корупции, но случаите неретко исчезнуваа во текот на истрагата.
„Сите наведени случаи се различни и поради ова не би тврдел дека постои драматична промена во политичката волја и атмосферата во борбата против корупцијата... Без вистинска стратегија на државата се ќе остане на ниво на спорадични случаи“, вели Немања Ненадиќ, извршен директор на Транспарентност Србија.
![]() Српскиот министер за правда Зоран Стојковиќ вети дека ќе ги гони корумпираните судии. [Фајл] |
Српската влада има посебно тело, Анти-корупциски совет, кое има задача да ги предводи обидите за да се стави проблемот под контрола. Но, според претседателот на советот, Верица Бараќ, властите главно го сметаат советот за закачка, занемарувајќи ги неговите препораки и затворајќи ги очите пред случаите кои тој јавно ги изложува .
„Во ниту еден случај аргументите што ги наведовме не беа побиени. Таму каде што владата одговори, тоа беше само за да ги компромитира членовите на Советот“, вели Бараќ.
Од последните случаи, скандалот околу набавката на воена опрема привлече најголемо внимание. Српскиот Директорат за борба против организираниот криминал и Агенцијата за воена безбедност настојуваат да бидат покренати кривични обвиненија за злоупотреба против набавувачот на воената опрема и тројца воени офицери, од кои еден е генерал-мајор. Сепак и покрај тврдењето дека се украдени милиони евра од државниот сеф, досегашната истрага резултираше со едно обвинение за овозможување на изнајмувањето на еден автомобил кој дури и не е од некоја повисока класа. Главниот исход од овој скандал беше оставката на министерот за одбрана Првослав Давиниќ, кој се бранеше себе си нарекуваќи го „политички“.
Апсењето на судијата од Врховниот Суд не предизвика многу голема врева. Љубомир Вучковиќ е обвинет за земање мито од половина милион евра во замена за прифаќање на жалбата поднесена од група криминалци во еден град во централна Србија. Можеби една од причините што јавноста не покажа голем интерес е тоа што Србите веќе имаат причина да претпостават како ќе биде разрешен овој случај. Пред две години, покрај се, судијата Живота Ѓоинќевиќ беше уапсен под слични обвиненија и доби само симболична казна - еднаква на времето поминато во притвор.
![]() Претседателот на српскиот анти-корупцискиот совет Верица Бараќ (десно) вели дека властите главно го сметаат советот за закачка, игнорирајќи ги неговите препораки и затворајќи ги очите пред случаите кои тој јавно ги изложува .[serbia.sr.gov.yu] |
Сепак, Србите кои се залагаат за правда можат да најдат утеха во фактот дека корумпираните доктори одат во затвор. Околу 20 доктори беа вмешани во шемата со која сосема здрави граѓани добиваа инвалидски пензиии - во замена за надоместок од 1.000 до 3.000 евра. Докторите составувале лажни медицински досиеја и ги поднесувале барањата за пензија, искористувајќи ја дупката во српскиот закон кој дозволува медицинските комисии да ги одобруваат ваквите барања без прегледување на пациентот. Како награда за нивните напори, докторите се соочуваат со затворски казни од 5 до 15 години - казна која беше воведена за виновниците во еден слична мрежа откриена во 2002-та година. Иако инвалидските пензии во Србија се далеку од високи, лажните барања доведоа до проневери на државата за значителни суми.
Барем на хартија, Србија има постигнато напредок, усвојувајќи низа клучни антикорупциски законски регулативи за јавните набавки, финансирањето на кампањите, спречувањето на конфликтите од интерес и слободниот пристап до информациите од јавен интерес. Меѓутоа, нивното спроведување е сосема друга работа. Аналитичарите констатираат дека се уште постојат дупки во законите, особено што се однесува до истрагата, поведувањето на судски постапки и казните за криминалните дела поврзани со корупцијата.
На сите нивоа и понатаму има голем отпор на спроведувањето на вистински промени. Група домашни и странски експерти приготвија стратегија за борба против организираниот криминал и корупцијата, но таа моментално е заглавена во долга парламентарна процедура. Иако постојано труби за својата ангажираност во борбата против корупцијата, владата има вложено само симболична сума во овој обид. Досега е употребен само половина износ од кредитот од 15 милиони долари одобрен од страна на Светската Банка во 2002-та година за борба против криминалот и недозволената трговија во српскиот царински систем.
Барем во блиска иднина битката за транспарентност изгледа дека, во најдобар случај, ќе напредува спорадично. Граѓаните ќе мора да соберат повеќе храброст - со идеја дека можеби повремениот напредок е подобар од ништо.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's