18/07/2005
Македонија треба да добие значаен пакет-помош од ЕУ во рамките на програмата КАРДС. На 5-ти јули, потпретседателката на македонската влада Радмила Шеќеринска и шефот на делегацијата на Европската Комисија во Скопје, Донато Кјарини, потпишаа договор за активирање на пакетот-помош, кој ќе биде наменет за четири клучни сфери: стабилизација на демократијата, добро управување и изградба на институциите, економски и социјален развој и учество во програмите на Европската Заедница.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 18/07/05
![]() Потпретседателката на македонската влада Радмила Шеќеринска (лево) и шефот на делегацијата на Европската Комисија во Скопје, Донато Кјарини, се ракуваат по потпишувањето на договорот со кој се активира пакетот-помош. [Томислав Ѓеорѓиев] |
Потпретседателката на македонската влада Радмила Шеќеринска се сретна со шефот на делегацијата на Европската Комисија (ЕК) во Скопје, Донато Кјарини, на 5-ти јули за да потпишат финансиски договор кој ќе активира 34,5 милиони евра помош од ЕУ за Македонија во рамките на програмата КАРДС.
Помошта, најпрво најавена во април, треба да и помогне на Македонија да ги исполни главните цели од Договорот за стабилизација и асоцијација со Унијата, како и да ја помогне имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Средствата ќе бидат искористени во четири приоритетни сфери, одредени од страна на ЕУ и Македонија: стабилизација на демократијата, добро управување и изградба на институциите, економски и социјален развој и учество во програмите на Европската Заедница. Еден дел од средствата (1,4 милиони евра) ќе оди во Единицата за генерална техничка помош, која ги потпомага подготовките и раното спроведување на активностите, како и процесот на планирање на идните програми.
![]() Програмата КАРДС беше развиена од страна на ЕУ со цел да се обезбеди помош за земјите вклучени во Процесот на стабилизација и асоцијација. [ЕУ] |
„Во доменот на стабилизација на демократијата, помошта за имплементација на Рамковниот Договор продолжува“, рече Шеќеринска. „На полето на добро управување и развој на институциите, поголем дел од средствата се наменети за помагање на канцеларијата на јавниот обвинител во борбата против перењето пари и организираниот криминал, како и потпомагање на процесот на децентрализација преку развој на локалната инфраструктура“.
Напорите да се стабилизира демократијата во земјата преку реализирање на Охридскиот Договор ќе бидат потпомогнати со приближно 2 милиони евра од КАРДС средствата. Акцентот ќе се стави на две полиња: зголемување на степенот на застапеност на етничките заедници во државната администрација и развој на нов владин сектор одговорен за имплементација на договорот.
Областа на добро управување ќе добие вкупно 18, 5 милиони евра. Од овој износ, 15 милиони евра се наменети за реформи во државната администрација, од кои 6,7 милиони евра ќе одат за развој на инфраструктурата во локалната самоуправа, 3 милиони евра за реформи во царинската служба и имплементација на европските стандарди и 2 милиони евра за процесот на децентарлизација.
Останатите 3,5 милиони евра од средствата за изградба на институциите се наменети за реформи во правосудството и внатрешните работи, меѓу кои и реформи во канцеларијата на јавниот обвинител (1,5 милиони евра), борбата против перењето пари (1,5 милиони евра) и зајакнување на борбата против организираниот криминал и тероризмот (0,5 милиони евра).
![]() За подобрување на патната инфраструктура наменети се 2,4 милиони евра од пакетот-помош на КАРДС. |
Околу 7,6 милиони евра ќе бидат доделени за економски и социјален развој. Од нив, 1,2 милиони евра ќе одат за подобрување на инвестиционата клима во Македонија. 2,4 милиони евра ќе бидат наменети за развој на малите и средните претпријатија, додека пак за подобрување на патната инфраструктура и заштита на околината наменети се 2,4 милиони евра, односно 2 милиони евра. Програмата ТЕМПУС на ЕК за подобрување на високото образование ќе продолжи, а ќе биде обезбедена дополнителна помош за реформи во политиката на вработување.
Во согласност со агендата утврдена на Самитот во Солун, програмите на Европската Заедница се отворени за земјите од Западен Балкан, а помошта на КАРДС може да покрие поголем дел од трошоците за учество. Се очекува Македонија да учествува во неколку од тие проекти во текот на идната година, а Брисел ќе издвои околу 2 милиони евра за таа цел.
Експертите велат дека е од големо значење тоа што се издвоени 1,3 милиони евра за развој на капацитетот на Македонија да изгради еден децентрализиран систем за управување со средствата на ЕУ. Со овие средства, кои треба да и помогнат на земјата да изгради сопствен капацитет за распределба на помошта добиена од ЕУ, ќе управува Европската Комисија. Пред тоа, оваа задача ја имаше Европската агенција за реконструкција (ЕАР). Но, мандатот на ЕАР завршува во декември, а Инструментот за пред-приклучување (ИПА) започнува во јануари 2007-та година. Доколку Македонија добие статус на земја-кандидат, таа ќе почне сама да управува со помошта, а ова бара развој на институциите. Процесот на развој веќе започна.
Програмата КАРДС беше развиена од страна на ЕУ со цел да се обезбеди помош за земјите вклучени во Процесот на стабилизација и асоцијација. Помошта КАРДС е доделена на сите четири земји потенцијални кандидатки во Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија-Црна Гора (вклучувајќи го и Косово). Хрватска на која и беше доделен статус на земја-кандидат ќе добива пред-акцесиона финансиска помош, а ќе може да учествува и во регионалната програма КАРДС.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's