06/06/2005
Очекуваниот влез на Романија во ЕУ во 2007 година е доказ за драматичниот напредок на земјата. Но, се уште постојат неколку загрижувачки сфери, една од кои е распространетиот проблем со корупцијата. Анкетите постојано покажуваат дека корупцијата -- особено во судскиот систем -- е меѓу главните фрустрации и грижи на граѓаните. Иако оптимистите веруваат во способноста на структурните и институционалните реформи да го намалат неморалното однесување, останатите алармантно укажуваат на проблемите околу „довербата“ и замките што произлегуваат од неразвиеноста. Самата ЕУ би можела да стане неопходниот катализатор за продор во проблематичните сфери, тврди Даниел Даиану, економист и поранешен министер за финансии на Романија.
Од Даниел Даиану за Southeast European Times во Букурешт -- 06/06/05
![]() [Фајл] |
Извештаите на ЕУ за земјата го нагласуваат напредокот на Романија во обидот да стане дел од ЕУ во 2007 година, но тие, исто така, ја истакнуваат корупцијата како штетна социјална и економска појава. Речиси и да не постои домашна анкета која не ја споменува корупцијата и лошото функционирање на судскиот систем како едни од главните фрустрации и грижи на Романците. Какви се, тогаш, изгледите за решавање на овие проблеми?
Можат да се забележат две шеми на размислување во поглед на објаснувањето на бихејвиористичките тенденции во периодот на транзиција. И двете се појавуваат во економиите во развој. Првата, пооптимистичната, ја истакнува слабоста на институциите во посткомунистичките општества, несигурното функционирање на меѓусебното контролирање и корумпирано судство комбинирано со слабиот капацитет за спроведување на законите. Теоретски гледано, со текот на времето сигурниот напредок на структурните и институционалните реформи ќе им овозможи на општествата во транзиција значително да го намалат неморалното однесување. Микро-неефикасностите, како и погрешната распределба на средствата, ќе се намалат, а економската перформанса постепено ќе се подобри. Владеењето на законот, исто така, ќе стане реалност.
Една верзија на ова надежно размислување посочува на силната перформанса на низа новонастанати економии -- особено во Југоисточна Азија -- кои имаа проблеми со разни видови на корупција и пропратните појави. Овие примери упатуваат на тоа дека корупцијата, со големи размери, може да биде еден неизбежен придружник на транзицијата поради сиромаштијата, додека пак нејзиното намалување е долготраен процес.
![]() Романскиот претседател Трајан Башеску (десно) и романскиот премиер Калин Попеску Таричеану (лево) по свечена заклетва на новата влада на 29-ти декември 2004 година. Промената на власта беше овозможена од копнежот на Романците за вистина и правда, но се уште не е забележан убедлив напредок. [АФП] |
Приклучувањето кон ЕУ може да се разгледа преку објективот на оваа оптимистичка логика. Членството, веројатно, ќе даде исклучителна поткрепа за системска трансформација и економски напредок. Пристапувањето би значело „голем напор“, она што економистот Пол Розенштај Роден го спомена пред шест децении во британскиот Економски Журнал, истакнувајќи што и треба на Југоисточна Европа со цел да ги победи замките на неразвиеноста. Всушност, граѓаните на Романија очекуваат членството во ЕУ да им помогне убедливо да се справат со социјалната и економската слабост на земјата, придружена од распространетото „барање мито“ и други форми на корупција. Влезот на осум земји во транзиција во Унијата на 1-ви мај 2004 година се чини дека го потврдува ова размислување.
Сепак, постои и едно попесимистично размислување кое ја истакнува „довербата“ и укажува на истрајноста на распространетата корупција, несигурните институции и лошото функционирање на пазарите во најголем дел од светот. Латинска Америка е јасен пример за ова. Како може да се објасни истрајноста на лошата социјална рамнотежа и слабата економска перформанса во текот на долг временски период? Зошто е толку тешко да се избега од магичните кругови и замките на неразвиеноста? Зошто економскиот пораст на низа азиски земји е повеќе исклучок отколку правило во современиот свет, и покрај тоа што нивниот напредок не е без корупција и она што доаѓа со неа?
Искуството на земјите од Латинска Америка им дава поука на помалку развиените земји во транзиција во Југоисточна Европа и поранешниот Советски Сојуз. На Балканот, на пример, синдромот слаба држава и слаби институции, како и големиот степен на криминал во економскиот живот треба да ги загрижува оние кои се надеваат дека ќе ја вратат довербата. Точно, ЕУ може да биде крајно моќна поткрепа и средство за трансформација за целиот регион, како што беше за Централна Европа. Но, постои сомнеж дека процесот може да биде подолготраен и болен поради специфичните локални околности, меѓу кои и политичките и меѓуетничките конфликти.
Влезот во ЕУ ќе и даде исклучителна можност на Романија да ја подобри својата јавна политика и, оттаму, својата економска перформанса; покрај тоа, таа ќе има можност поефикасно да се бори против корупцијата. „Социјалното манипулирање“ својствено за имплементацијата на Acquis сигурно ќе ги промени институциите (меѓу кои и судството) на подобро. Поголемата транспарентност, посилно владеење на законот, појасни правила на конкуренција (и државна помош) се составен дел од овој процес.
![]() Дури и по влезот во ЕУ, повеќето одлуки ќе останат во рацете на романските политичари. [АФП] |
Промената на власта во ноември 2004 година беше овозможена од копнежот на Романците за вистина и правда но, се уште не е забележан убедлив напредок. Неефикасноста на телата формирани за справување со корупцијата е ноторна, додека медиумските извештаи разоткрија непријатни врски помеѓу политиката и правдата. Просто кажано, романската политика изобилува со лицемерие, извртување на зборовите, ароганција и недостиг на одговорност. Поголемиот број врвни функционери се рамнодушни на конфликтите на интереси; некои ноншалантно ја користат својата функција за лични цели. Вревата и одолговлекувањето на објавувањето на личниот имот на законодавците открива многу. Повторно, влезот во ЕУ се смета за настан кој најверојатно ќе ги поттикне потребните промени во начинот на размислување.
Се разбира, на земјата и се потребни покомпетентни и поодговорни луѓе на самиот врв -- луѓе со чувство за неодложност на работите и предизвиците со кои се соочува Романија во обидот да пристапи кон ЕУ според најдобрите можни претпоставки. Влезот во ЕУ, се разбира, нема да ја предодреди иднината на Романија. Голем дел ќе остане во рацете на политичарите и многу нешта ќе зависат од одговорните политичари кои водат остроумна и ефикасна јавна политика; водењето на политиката не е безначаен концепт.
Западните колеги на Романија, било во државниот или во приватниот сектор, треба да бидат поискрени и да ги почитуваат истите правила на транспарентност и морално однесување на кои ги охрабруваат земјите во транзиција. Ако, на пример, еден романски политичар постојано ги одбегнува правилните тендерски постапки за управување со јавните пари, западните колеги не треба да се двоумат да го информираат дека таквиот пристап е неприфатлив. Иако корупцијата постои и во богатите земји од Западна Европа и во Соединетите Американски Држави, во овие општества владеењето на законот е цврсто, а меѓусебното контролирање на крајот функционира ефикасно.
Поради ова, Западот треба секогаш да ја користи „најдобрата пракса“ кога работи со романските функционери или фирми. Кога причината за државата ја попречува „најдобрата пракса“, тоа треба отворено да се каже, со оправдување. На тој начин, напредокот на Романија кон членство и она што следи ќе биде подобрен, за доброто на граѓаните. Оттаму, склоноста за играње на неморални игри ќе се стави под контрола. По 15 години транзиција, романскиот народ заслужува пофункционална демократија и економија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's