31/01/2005
Добрите и лошите страни на аутсорсингот (пренесување на некои операции од домашни претпријатија на извршители во странство) и офшорингот (целосно пренесување на операциите во странски земји) станаа предмет на жестоки дебати во многу земји. Многу економисти сметаат дека комбинацијата од фактори - меѓу кои високо образование, ниски локални плати и добро управување - им се неопходни на земјите за целосно да ги искористат предностите на глобалната економија. Земјите од Југоисточна Европа се во добра позиција во однос на вештините и платите, но потребна ни е мудра јавна политика со цел да се искористат бенефициите од аутсорсингот во рамките на Европа, тврди Даниел Даиану, економист и поранешен министер за финансии на Романија.
Од Даниел Даиану за Southeast European Times во Букурешт -- 31/01/05
![]() |
Последните години беа сведок на зголемена вознемиреност во напредните земји во поглед на влијанието на глобалната трговија врз нивните економии. Во Соединетите Американски Држави, водечките политичари од двете најголеми партии се противат на зголеменото селење на работни места аутсорсингот и офшорингот. Загриженоста е уште посериозна во Западна Европа; неколку француски и германски министри јавно ја искажаа својата загриженост околу индустриската реалокација. Посебно гласни беа поранешниот француски министер за финансии Николас Саркози и германскиот министер за економија Волфганг Клемент. Тие не се двоумеа да ги обвинат новите земји-членки на ЕУ за наводно практикување на нефер конкуренција преку пониски даноци. Како се случи напредните економии, кои традиционално се најверни поддржувачи на слободната трговија, да се двоумат?
Традиционално, помалку пријатната страна на глобалната слободна трговија се припишува на нејзините влијанија врз земјите кои или неможат најдобро да ги искористат своите компаративни предности или се соочуваат со силен протекционизам од страна на богатите економии во одредени сфери - на пример, земјоделските производи. Општо земено, вакви економии ќе се најдат во земјите во развој, каде лошото управување и неспособноста да се искористат новите технологии се широко распространети. Ваквата состојба го наведе Дани Родрик, економист од Харвард, да забележи дека слободната трговија не мора по секоја цена да го зголеми богатството кај слабите економии.
![]() Не сите земји профитираат од слободната трговија на земјоделските машини и производи. [АФП] |
Постојат и теоретски и реалистични причини за оваа очигледно делумна промена на јавната реторика која доаѓа од богатите земји. Во однос на економијата, аргументите кои ги истакнуваат добрите страни на слободната трговија ја даваат основата за рационализирање на трговската размена помеѓу земјите; сепак, овие аргументи губат дел од својата моќ и привлечност кога распределбата на профитот е во голема мера асиметрична и доминираат динамични конкурентни предности. Пред многу години, Пол Кругман и Хершел Гросман напишаа епохални трудови за она што тие го нарекоа „стратегиска трговија“. Може да се претпостави дека економскиот раст на азиските економии (а, највпечатливо тој на Кина во изминатите неколку децении) треба да биде оценет преку ваков политички објектив - имено, преку политиката на стратегиска трговија, која беше вметната во еден вид на индустриска политика насочена кон развој преку користење на пазарните сили на паметен начин.
Денес, новите информативни и комуникациски технологии (ИКТ) им даваат големи можности на земјите во развој, посебно во корист на добро образованите луѓе. Повторно, азиските земји имаа голем успех во однос на ова. „Ослободувањето на Индија“ во последната деценија е резултат на пазарно ориентирани реформи, кои се случуваат среде огромна група инжењери кои зборуваат англиски и компјутерски/софтверски стручњаци. Во исто време, само некои делови од Индија беа допрени од брз економски напредок, а поголемиот дел од земјата се уште се наоѓа во крајна беда.
Она што е значајно во глобалната економска игра е постоењето на значителни разлики во платите меѓу земјите и регионите. Овој фактор е причина за индустриската реалокација, бидејќи глобално-ориентираните претпријатија го префрлаат работењето во оние области каде има комбинација на ефтина работна сила и соодветна технологија. Интензитетот на овој процес зависи од разликите во платаите, како и од квалитетот на останатите производствени фактори. Водечките економисти за од главната струја од областа на трговијата, како Џагдиш Багвати, тврдат дека напредните економии не треба да се плашат многу, бидејќи тие се повеќе се специјализираат за производи и услуги со повисока додадена вредност; според тоа, сите земји ќе бидат побогати на крајот. Овој аргумент, сепак, неодамна беше оспорен од Пол Самуелсон од Институтот за технологија во Масачусетс, пишувајќи во Списание за економски перспективи, тој укажува дека „понекогаш зголемувањето на продуктивноста може да и биде од корист само на таа земја, додека пак постојано ќе и штети на другата земја со намалување на добивката од трговијата кој е можен помеѓу двете земји“. Самуелсон продолжува со тврдењето дека „аутсорсингот по 2000-та година е само она што требаше да биде предвидливо уште во 1950-та година“, бидејќи тоа е резултат на тоа што другите економии низ светот асимилираат нови технологии и се израмнуваат со Соединетите Американски Држави.
Во заднината на новите ИКТ и глобалните разлики во платите, веројатно се неизбежни големи промени во дистрибуцијата на индустриски и услужни активности. Покрај тоа, се чини дека некои водечки индустриски економии не држат чекор со овој процес што се однесува до реструктуирањето; заостанувањето им штети на некои од нивните сегменти на работна сила и ги изложува на притисок реалните плати. Како резултат на ова, загриженоста околу аутсорсингот и офшорингот расте. Лесно може да се сфати зошто постои ваква загриженост во западна Европа, каде платите се многу поголеми од она што го заработуваат добро образованите работници во источна и централна Европа. Иако формулирана повеќе во глобални отколку во континентални рамки, Лисабонската агенда беше производ на овој страв. Големите земји-членки на ЕУ првенствено се грижат за Азија и американската економија, а Лисабонската агенда ја сметаат за реакција на конкуретната политика.
![]() Поранешниот француски министер за финансии Николас Саркози ги обвинува новите земји-членки на ЕУ за наводно практикување на нефер конкуренција преку пониски даноци. [АФП] |
Стравот од аутсорсингот и офшорингот може да се сфати како аналоген на длабоката трансформативна криза од последната деценија во пост-комунистичките земји. Ова беше поднесено преку драматичен пад на производството бидејќи пренасочувањето на средствата -- според нови цени по кои пазарите се чистат - не можеше да се случи доволно брзо. Слични непријатности можат да се забележат денес кај некои групи работници во богатите економии, кои не можат да се натпреваруваат во новата глобална економија, додека пак креаторите на политиката реагираат на еден или друг начин. Протекционистичките мерки во разалични земји дополнително ја усложнуваат ситуацијата.
Вистината е во тоа што земјите со високо образована популација, значително ниво на инвестирање во образованието и напредна јавна политика имаат најголеми шанси да уживаат во плодовите на технологијата на глобално ниво. Бидејќи земјите од централна и источна Европа имаа релативно добро образована популација и ниски локални плати, тие имаа шанси да профитираат многу од аутсорсингот во рамките на Европа. Но нив ќе им треба интелигентна јавна политика со цел да го извлечат максимумот од оваа можност.