Mobile | RSS | News Feeds | Facebook | Flickr | Twitter |

Железничката линија Приштина-Скопје симбол на промените

14/03/2006

Патничката железничка линија помеѓу Приштина и Скопје беше повторно отворена по шестгодишниот прекин предизвикан од кризата во регионот.

Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 14/03/06

photo

Многумина го поздравија повторното воспоставување на линијата како симбол на обновените врски по неколкугодишната криза во овој дел од Југоисточна Европа. [Getty Images]

По шестгодишниот прекин железничката линија помеѓу Приштина и Скопје беше повторно воспоставена на 27-ми февруари. Многумина го поздравија повторното отворање на линијата како симбол на обновените врски по неколкугодишната криза во овој дел од Југоисточна Европа.

Сега засега, отворена е единствено патничката линија. Но, членовите на бизнис заедницата би сакале повторно да биде воспоставен и товарниот транспорт.

„Подобар транспорт значи подобар бизнис“, вели Бесим Идризи, кој одржува врски со Косово преку неговиот бизнис со градежни материјали, како и преку неговото семејство и социјалните врски. „Моментно, транспортот на стока се остварува само со шлепери. Подобро е да се прекине со конфликтите и да се развива бизнисот.“

Проширувањето на услугите со цел да се вклучи и транспортот на стока најверојатно ќе зависи од трансформацијата на Македонски железници, процес што се очекува да отпочне наскоро. Железничкото претпријатие својата одлука ќе ја донесе врз основа на нивото на интерес.

Моментно, возот сообраќа двапати на ден. Според договорот со цивилните власти во Косово, царинските и полициските проверки се вршат на граничниот премин Блаце. Возот заминува од Скопје во 9 часот и 40 минути наутро, како и во 4 часот и 10 минути попладне. Застанува кај Скопје Север, Ѓорче Петров, Волково, Јанковиќ, Урошевац и Косово Поле, а последната станица му е во Приштина.

Свеченото отворање на линијата Скопје-Приштина се случи во декември, кога група македонски владини министри се возеа на оваа релација за првпат. Сепак, како што се покажа, тие избрзаа, бидејќи процедурите за контрола на патниците и стоката не беа утврдени, а недостигаа и објектите. Како резултат на тоа, отворањето на линијата се одложи.

Но, за само два месеци, објектите беа изградени и возовите сега сообраќаат на линијата. Ако започне и транспортот на стока, царинските и фитосанитарните инспекции на земјоделските производи ќе бидат вршени во Волково, на околу 10 километри од границата.