|
|
Десетта годишнина од Дејтонскиот договор: Поглед кон иднината |
|
15/12/2005
Пред конфликтот во БиХ, хрватското беше најмалубројно од трите етнички населенија во земјата, а многумина се чувствуваат измамени од актуелните политички поделби. Во Херцеговина, традиционално закоравен бастион, многумина бараат создавање на трет ентитет. Останатите Хрвати не се согласуваат и наместо тоа сметаат дека БиХ треба да го остави сепаратизмот зад себе и да се стреми кон мултиетничка иднина.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 14/12/05
![]() Девојче положува цвеќе на неодамна откриениот споменик на последната босанска кралица, Катарина. Сите три етнички групи ја почитуваат Катарина, но од различни причини: Хрватите поради нејзиниот католички идентитет, муслиманите во неа гледаат симбол на трајната државнотворност на Босна и Херцеговина, додека Србите сочувствуваат со загубата на нејзините деца од Отоманската империја. [Getty Images] |
Десет години по завршувањето на жестокиот конфликт во Босна и Херцеговина (БиХ), Хрватите од оваа земја ја гледаат својата иднина на различен начин. Помеѓу нив не постои консензус за посакуваната политичка организација на земјата.
Пред конфликтот, Хрватите беа најмала од трите етнички групи во БиХ. Почнувајќи од 1991-та година, тие опфаќаа околу 17,6 отсто од популацијата во БиХ. Оттогаш не е направен попис на населението, но општа претпоставка е дека нивниот број е помал. За време на конфликтот, како и после него, многумина се исселија во странство – пред се во соседна Хрватска.
Во Сараево, бројот на Хрватите нагло се намали.
„БиХ е мојата земја; јас сум роден тука. Но, погрешно е да се очекува од Хрватите да го заборават својот етнички идентитет и да се сметаат себе си само за Босанци или Херцеговци“, вели 36-годишниот Ивица Таланга, сопственик на супермаркет. „Во Сараево, јас сум граѓанин со еднакви права. Но, го разбирам проблемот на родителите кои се плашат дека нивните деца ќе го изгубат хрватскиот јазик и традиција во училиштата и општеството со претежно бошњачко население. Верувам дека формирањето на една држава со неколку економски региони и внимателно развиен образовен систем кој ќе ги заштитува етничките права би овозможило цврста основа за подобра иднина за цела БиХ“, вели тој.
Скоро сите Хрвати се критични за Дејтонскиот Мировен Договор (ДМД) потпишан пред десет години. Но, нивниот став за сегашноста и иднината главно зависи од актуелните услови во регионите од БиХ во кои живеат.
Традиционално,најекстремни политички тенденции кај Хрватите има во Херцеговина, во југозападна БиХ. Хрватското население таму секогаш се залагаше за блиски врски со Хрватска. Денес, многумина таму тврдат дека би било подобро доколку Хрватите имаат сопствен ентитет, како што Босанските Срби ја имаат РС.
40-годишниот Анѓелко Барун од Ливно, директор на ХВИДРА – организација на хрватските воени инвалиди – смета дека единствената добра работа што се однесува до ДМД е фактот што тој стави крај на крвопролевањето.
„Државата се наоѓа во хаос. ДМД даде еден многу хаотичен државен механизам кој пред се им користи на неодговорните политичари да се збогатат, наместо да работат во полза на обичните граѓани што тие ги претставуваат“, вели тој. „Дејтонскиот договор не е вистинска работа бидејќи тој не обезбеди исти права за трите најголеми етнички групи. Единственото вистинско нешто сега е да се формираат три ентитети наместо два, по еден за секоја етничка група“.
Барун не верува дека создавањето на повеќе од три региони е прифатливо решение. Таа идеја премногу го потсетува на бивша Југославија.
„Малата верзија на Југославија нема да биде добра за Хрватите. Во ваквите држави, ние не сме на позиција да го развиваме нашиот јазик и традиција бидејќи Хрватите се малцинство“, вели Барун.
Здравко Беслиќ, 40-годишен новинар од Посусје, исто така смета дека три ентитети би биле подобра алтернатива за Хрватите во БиХ.
„Србите имаат свој ентитет, додека пак во Федерацијата, муслиманското насление е помногубројно од нас. На пример, ниту еден хрватски политички претставник не беше за заеднички радиодифузен систем, но тој сепак беше донесен со закон. Прашањето беше поставено на Уставниот Суд и двајцата хрватски судии не го поддржаа, но без оглед на тоа законот беше донесен.
Беслиќ вели дека е роден во БиХ и ја смета за своја земја. Но, во сегашните услови, тој не се чувствува како граѓанин.
„На спортските настани, го учам мојот син да навива за Хрватска, бидејќи неможам да бидам приврзан за БиХ се додека државата е организирана како што е сега“, вели Беслиќ.
Различни мислења можат да се слушнат во Посавина, регион во северниот дел од централна БиХ. Најголем дел од нејзината територија сега е во РС, додека пак Хрватите во нејзиниот федеративен дел се мнозинство над Бошњаците. Заради ваквата ситуација, локалните Хрвати не гледаат корист од создавањето на три моноетнички ентитети, бидејќи тие најверојатно нема да бидат вклучени во територијата на „хрватскиот“ ентитет кој ќе биде создаден според еден ваков договор. Наместо тоа, тие најверојатно ќе го изгубат својот конститутивен статус во српскиот или бошњачкиот моноетнички ентитет и ќе се соочат со полоши услови од тие сега.
Бројот на Хрватите во Посавина се намалува. Според Мирко Филиповиќ, католички францисканец, младите луѓе со кои тој разговара најчесто сакаат да ја напуштат земјата.
„Дејтон е само симбол“, вели тој. „Не би рекол дека тој стави крај на војната, бидејќи војната беше навистина завршена преку борбените операции и ситуацијата на бојното поле. Дејтон ја стави БиХ во лоша позиција. Тој му донесе корист само на воените профитери. Во Посавина бегалците почнаа да се враќаат во своите домови пет години по војната. И тоа не во огромен број, туку куќа по куќа. Во суштина, Хрватите не гледаат иднина за себе во оваа држава“.
„Единственото добро решение би биле уставни реформи кои би ја организирале земјата во неколку мултиетнички региони во кои ниту една етничка група нема да е мнозинство“, вели 50-годишниот францисканец. „Но, регионите не смеат да се базираат на политички решенија, туку да се засниваат врз логички и економски односи“.