|
|
Десетта годишнина од Дејтонскиот договор: Поглед кон иднината |
|
15/12/2005
Босна и Херцеговина има уникатна политичка структура, а со тоа доаѓаат и уникатните проблеми. Да го земеме за пример случајот со Фата Орловиќ-бегалка, по националност Бошњачка, која започна правна битка во судот во ентитетот на Босанските Срби околу една православна црква во дворот од нејзината куќа.
Од Амер Обрадовиќ за Southeast European Times во Сараево – 14/12/05
![]() Граѓаните на Сараево го користат трамвајот со сé уште видливи штети од конфликтот во периодот 1992-1995 година. Босна и Херцеговина ја одбележува десетгодишнината од мировниот договор, со кој беше ставен крај на крвопролевањето што траеше повеќе од три години и земјата беше поделена во систем на посебни, но еднакви ентитети. [Getty Images] |
Фата Орловиќ, 60-годишна жена од Коњевиќ – Поле, е загрижена. Таа мора да му докаже на судот во Братунац дека нејзиниот убиен маж Самир Орловиќ беше навистина нејзин маж, дека неговиот брат Мухарем Орловиќ беше навистина нејзин девер и дека нивната врска со добродетелот Хамза Орловиќ е веродостојна.
На прв поглед, тешко е да се разбере зошто Фата се соочува со вакви проблеми. Постојат изводи од родените, венчаница, а нејзините деца се живи и можат да сведочат. Но, ова е Босна и Херцеговина (БиХ) по Дејтон- земја во која една постара жена мора да води правна битка со цел да се справи со еден единствено босански вид на проблем: православна црква изградена во нејзиниот двор.
Фата го преживеа конфликтот во БиХ како бегалка, живејќи од хуманитарна помош. Пред десет години, по потпишувањето на Дејтонскиот договор таа почна да го планира своето враќање дома. Кога конечно стигна на имотот на семејството Орловиќ, таа виде нешто многу поразлично од она што го очекуваше. Нејзината куќа беше урната, а на нејзино место имаше мала бела црква. Оттогаш, таа се обидува повторно да ја врати контролата врз нејзиниот имот, за конечно да може мирно да живее.
После четири години правни расправии, министерскиот оддел за бегалци конечно донесе одлука и официјално ја прогласи Фата за сопственик на имотот. Како резултат на тоа бегалката-Бошњачка сега е сопственик на православната црква, која не ја сака. Меѓувремено општината Братунац не успева да го сврти вниманието на властите на Република Српска да го затворат ова нелегално изградено верско место. Битката продолжува.
Истовремено, во градот Столац со доминантно хрвастко население во јужна БиХ, водачот на граѓанската група Нерин Диздар--Бошњак се соочува со друг вид проблем. Тој е обвинет дека го веел знамето на БиХ наместо тоа на Херцег-Босна, и мора или да плати 150 конвертибилни марки или да помине три дена во затвор.„Мојот татко беше сместен во затвор во 1993-та година под обвинение дека го загрозувал уставниот поредок на Херцег-Босна“, вели Нерин. „Слично нешто ми се случува и мене, само обвинението е формулирано на различен начин“, вели тој.
Дизард и неговата група, форумот во Столац, ја брануваат јавноста. Тие се осмелија јавно да го покренат прашањето за военото наследство на Херцег-Босна, како и јавно ги изнесоа проблемите како што е сегрегацијата во образованието, при вработувањето и во јавните институции. „ Самите знамиња не се проблемот тука. Тие се, да бидеме искрени, само парче ткаенина. Но тие се симбол за проблемот“, вели тој.
Дизар и Орловиќ се два примери за тоа како Бошњаците живеат по Дејтон, клучниот мировен договор кој стави крај на конфликтот во БиХ. Иако ја постигна својата основна цел да стави крај на крвопролевањето, тој исто така создаде една уникатна сложена политичка структура - во која ситуациите од романите на Кафка, како тие опишани погоре, се далеку од несекојдневни. Додека земјата напредува на патот за кој се надева дека ќе биде сигурен пат за повторно приклучување кон Европа, многумина се прашуваат дали актуелниот статус кво е одржлив.
Десет години по потпишувањето на договорот, БиХ сеуште е длабоко поделена. Политичките претставници на Босанските Срби, пред се, се непопустливи за зачувување на ентитетот на Србите. Хрватските политичари бараат јасна политичка визија, а во одредени случаи и се навраќаат кон политиката од минатото. Меѓувремено, Бошњаците се залагаат за унитарна држава. Главната политичка сила на Бошњаците, Партијата за демократска акција (ПДА) се смета себе си за „мултиетничка“, иако во суштина одржува цврсти врски со исламистичката заедница и нејзиниот водач, Мустафа Цериќ.
„Дејтонскиот договор одигра конструктивна улога само на денот кога беше потпишан.“, вели Сенад Сепиќ член на претседателството на ПДА и претседател на нејзиниот младински огранок. По завршувањето на војната, тој го започна патот за развој и подобар живот во Босна. Десет години подоцна крајно време е Дејтонскиот договор да биде заменет со устав кој ќе биде усвоен во една нормална процедура“, додава тој.
Дејтонскиот договор во неговата сегашна форма претставува пречка за економскиот развој на земјата, како и за градење на доверба меѓу различните делови од општеството. Ситуацијата е многу полоша имајќи ја предвид почетната позиција во која се наоѓаат клучните учесници во преговорите. Едноставно не можам да сватам како во оваа атмосфера би можеле да се случат било какви конструктивни промени“, вели Емир Шуљагиќ, новинар и публицист од Сараево.
Пред 10-годишнината од договорот се одржаа голем број собири, конференции и тркалезни маси, како оние локалните одржани во БиХ, така и меѓународни во Брисел и Вашингтон. Вниманието е насочено кон напредување кон една пост-дејтонска иднина, која подразбира значителни промени на структурата која постои веќе една деценија.
Но, остварувањето на овие промени нема воопшто да биде лесно. За да се случат вистински реформи политичарите во БиХ ќе мора да се справат со врската на граѓанството со етничката припадност. Дали е возможна една вистинска мултиетничка иднина во земја која е растргната од етнички поделби? Или дали единствената реална можноста е еден неспокоен соживот? Засега само една работа е јасна: одговорите со кои се појавуваат политичарите ќе имаат последици за сите граѓани.