SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/06/feature-01

Премиерот на БиХ побара оставка од министрите

06/05/2008

Премиерот на Босна и Херцеговина Никола Шпириќ во понеделникот отпочна процедура за отпуштање на министерот за надворешни работи, Свен Алкалај, и двајца заменици-министри. Тројцата го прекршија законот на земјата за судир на интереси.

(AФП, ДПА, Фена, Дневни аваз, Независне новине - 05/05/08; Фенa -- 24/04/08 - 25/04/08)

photo

„Очекувам парламентот да понуди дефинитивно решение за овој случај“, рече премиерот на БиХ Никола Шпириќ. [Getty Images]

Премиерот на Босна и Херцеговина (БиХ) Никола Шпириќ во понеделникот (5-ти мај) побара од парламентот да го разреши министерот за надворешни работи, Свен Алкалај, и двајца помали владини членови, кои добија забрана за вршење јавна функција во следните четири години, но одбиваат да дадат оставка.

Минатиот месец Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ донесе одлука дека Алкалај, заменик-министерот за одбрана Игор Црнадак и заменик-министерот за цивилни прашања, Сенад Сепиќ, ги прекршиле законот на земјата за судир на интереси. Според истата, тројцата биле или лично, или преку нивните блиски роднини, поврзани со претпријатијата што имале договори со државните институции.

Во својата пресуда, изречена на 24-ти април, комисијата вели дека додека бил министер за надворешни работи, Алкалај бил член на осигурително претпријатие чии договори со босанските власти ја надминувале сумата од 52.500 евра годишно.

Беше донесен заклучок дека Црнадак го прекршил законот бидејќи неговиот татко бил директор на бањалучкото „Инцел холдинг“, а Сепиќ бидејќи неговиот дедо од сопруга бил директор на јавното претпријатие „Башбунар“ во Травник.

Отфрлајќи ја одлуката на ЦИК како политички мотивирана, Алкалај тврдеше дека истата била дел од партиска политичка кампања против него. Тој, исто така, инсистираше на тоа дека нема фактичка или законска основа за обвиненијата на комисијата против него, и дека тоа што бил член на управниот одбор на осигурително претпријатие само по себе не претставува кршење на законот. Покрај ова, тој рече дека го напуштил местото пред одлуката на комисијата.

„Како министер не стекнав никаква материјална корист, бидејќи се откажав од сите приходи од членството во управниот одбор“, изјави Алкалај за новинарите на прес-конференцијата во Сараево на 25-ти април, објавувајќи го своето одбивање да поднесе оставка.

Тој и двајца други заменици-министри поднесоа жалби против одлуката на ЦИК.

Шпириќ во понеделникот за новинарите изјави дека е негова законска обврска да иницира процедура за отпуштање на тројцата функционери, откако изборната комисија ја донесе својата одлука. Сега пратениците се оние што треба да одлучат дали тие треба да се сменети.

Премиерот, исто така, истакна дека никој не треба да се става над законот, особено во земја која се надева дека еден ден ќе влезе во ЕУ и во НАТО. „Многу важно е БиХ да се гради како законска држава“, рече премиерот.

„Очекувам парламентот да понуди дефинитивно решение за случајот“, рече тој. „Ако тие се согласат да го заменат министерот и двајцата заменици-министри, тогаш јас очекувам водечките политички партии да предложат нови кандидати што е можно побргу.“