17/04/2008
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс повика на почитување на турските „секуларни демократски принципи“, во врска со контроверзниот судски случај за затворање на владејачката партија.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 17/04/08
![]() САД го следат законскиот процес во врска со напорите за затворање на турската владејачка партија АКП, рече во вторникот (15-ти април) американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. [Getty Images] |
Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс имаше обраќање на 27-миот состанок на Американско-турскиот совет (АТС) во Вашингтон во вторникот (15-ти април), при што рече дека Вашингтон внимателно го следи судскиот случај против владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), со исламски корени. „Ние веруваме и се надеваме дека овој [случај] ќе биде решен во рамките на турскиот секуларен демократски контекст и од страна на неговите секуларни демократски принципи“, рече Рајс.
Главниот турски обвинител ја обвини АКП минатиот месец дека е „средиште на антисекуларните активности“ и побара забрана за нејзините водачи, вклучително и премиерот Реџеп Тајип Ердоган. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, го критикуваше случајот и го повика највисокиот турски суд да ги има предвид европските стандарди при донесувањето на одлуката. Рајс, пак, примени повнимателен пристап. Изразувајќи уверување во турската демократија, таа ги истакна секуларните принципи, како и слободната волја на јавноста.
„Турскиот народ, турските гласачи, ќе ги решат тешкотиите пред нив во рамките на нивниот секуларен демократски контекст“, рече Рајс.
Таа, исто така, ја повика Анкара да го измени членот 301, закон против „навредата на турската припадност“, кој обвинителите го користат против десетици писатели, вклучително и нобеловиот лауреат Орхан Памук. „И понатаму ја охрабруваме Турција да ги признае и заштити граѓанските права на сите верски и етнички групи, како што е со повторно отворање на семинаријата Халки на Севселенската
Патријаршија како стручно училиште“, рече таа. АТЦ, еден од двата главни форуми на земјата, има за цел зајакнување на турско-американските односи преку унапредување на стопанските, воените, технолошките и културните врски. Турскиот министер за одбрана, Веџди Ѓонул, турскиот генерал-полковник Хилми Акин Зорлу и американскиот генерал-полковник Џон Сетлер учествуваа на форумот.
Потврдувајќи ја поддршката за борбата на Турција против Курдистанската работничка партија (ПКК), Рајс истакна дека САД и нивните европски партнери работат на елиминирање на засолништето на терористичката група во северен Ирак и пресекување на неговите криминални и финансиски мрежи во Европа.
Сетлер ги повика турските носители на одлуки да применат повеќе одошто само воени средства против ПКК и да „заземат сеопфатен пристап и да допрат до курдското население“. Тој рече дека не се залага за општа амнестија за ПКК, туку за стратегија за делење на нејзините екстремни членови од оние кои е можно да им се вратат на нормалните животи.
Тридневната конференција, исто така, се фокусираше на билатералните економски врски. Турскиот државен министер за надворешна трговија, Курсад Тузмен, забележа дека можностите за фирмите на двете земји се ветувачки и дека сé повеќе американски претпријатија ги преместуваат своите регионални седишта во Турција.
Според Тузмен, 824 вакви фирми инвестирале 5,8 милијарди евра во Турција.