27/03/2008
Портпаролот на КФОР во средата предупреди дека секое евентуално насилство против меѓународните мировници во Косово ќе добие соодветен одговор.
(Ројтерс, АКИ, Балкан инсајт, Б92, Њу Косова репорт, Макфакс - 26/03/08)
![]() Полицаец ги гледа протестите на српските студенти во близина на главниот мост во Митровица. Мировниците на НАТО велат дека имаат цврсти докази оти немирите на 17-ти март таму биле организирани од Белград. [Getty Images] |
Оние кои користат смртоносно оружје против војниците на КФОР треба да бидат подготвени да се соочат со соодветен одговор, предупреди во средата (26-ти март) портпаролот на мировните сили предводени од НАТО во Косово.
„Ние не сме полициски сили. Ние немаме исти правила“, рече полковник Жан-Лук Котар на прес-конференцијата во Приштина. „Не очекувајте КФОР да испрати цвеќиња кога на него се пука.“
Предупредувањето дојде по судирите на 17-ти март помеѓу стотиците српски бунтовници и меѓународните сили, вклучени во операцијата за преземање на судот контролиран од УНМИК во етнички поделениот град Митровица. Околу 300 демонстранти од локалните Срби ја зазедоа зградата насилно три дена претходно, одбивајќи да ги напуштат просториите.
Бунтовниците користеа автоматско оружје и фрлаа гранати, молотови коктели и камења на меѓународните сили за време на судирот, најголем откако Косово прогласи независност од Србија на 17-ти февруари. Еден 25-годишен украински полицаец загина во насилството, а повеќе од 100 луѓе од двете страни беа повредени, помеѓу кои и еден локален Србин, кој со денови е во кома.
Котард, француски полицаец, вели дека рачните гранати што биле фрлани од страна на демонстрантите за време на судирите во Митровица биле М75с, направени во поранешна Југославија. Според него, тие не експлодирале.
Гранатите беа „искористени за убивање луѓе за време на нападот“, рече тој, опишувајќи ги мирните протести и вооружените напади против меѓународните сили како две сосема различни работи.
„Јас правам разлика помеѓу граѓаните и убијците“, истакна Котард за време на заедничката прес-конференција во средата со УНМИК, додавајќи дека војниците на КФОР имаат право „да ги искористат сите соодветни средства“ како одговор на насилните напади против нив.
Меѓународните претставници, исто така, за новинарите изјавија дека имаат цврсти докази за вмешаноста на претставници на српското Министерство за внатрешни работи.
„УНМИК ги има имињата на членовите на српското Министерство за внатрешни работи кои се упатија кон судската зграда во Митровица на 17-ти март“, рече портпаролот на администрацијата на ОН во Косово, Александар Иванко.
Тој очекува тековната истрага за случајот да ги открие организаторите и извршителите на насилството.
Во меѓувреме, според извештајот во средата во приштинскиот весник Коха Диторe, разузнавачите на УНМИК откриле десет канцеларии на српското Министерство за внатрешни работи што работат во Косово: осум во северно Косово, вклучително и три во Митровица. Другите две се во централно Косово.
Српските тајни служби и нивната Дирекција за организиран криминал „си ја тераат работата во една таква станица сосема непречено“, според извештајот.