SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/03/26/feature-02

Чејни вети поддршка против ПКК и повика на соработка со ирачките Курди

26/03/2008

За време на посетата на Анкара оваа недела, американскиот заменик-претседател Дик Чејни изрази поддршка за борбата на Турција против терористичката ПКК, но ја повика Анкара да продолжи со дијалогот со регионалната влада на ирачките Курди.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times –26/03/08

photo

Американскиот заменик-претседател Дик Чејни (лево) во понеделникот (24-ти март) во Анкара се состана со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган. [Getty Images]

По деветдневната посета на Блискиот Исток и Авганистан, американскиот заменик-претседател Дик Чејни во понеделникот (24-ти март) беше во куса посета на Анкара, при што разговараше за борбата на Турција против терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) и ги охрабри властите да соработуваат со регионалната влада на ирачките Курди за ставање крај на борбата.

Во неделата Чејни разговараше за проблемот со ПКК со водачот на регионалната влада на ирачките Курди, Месуд Барзани, во Арбил. Потоа во Анкара, Чејни се состана со претседателот Абдула Ѓул, премиерот Реџеп Тајип Ердоган и началникот на Генералштабот, Јашар Бујуканит.

Исто како и американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, кој ја посети Анкара минатиот месец и се заложи за сеопфатен политички и социоекономски план за рушење на ПКК, Чејни ја истакна потребата за поширока стратегија.

Tурција спроведува воздушни рации против терористите на ПКК во северен Ирак со помош на американското разузнавање од декември 2007 година, а во февруари спроведе осумдневна копнена офанзива, при која беа убиени најмалку 240 милитанти, според турскиот Генералштаб.

Но, таа копнена офанзива ги вознемири ирачките Курди, кои ја протолкуваа како напад врз нивната автономија и курдистанската регионална влада.

Една од најважните теми на разговорите за време на посетата на Чејни беше потребата од посилна посветеност помеѓу сојузниците во НАТО на авганистанската мисија. Соединетите Држави вршат притисок врз сојузниците да обезбедат повеќе борбени трупи -- прашање за кое ќе се разговара на самитот во Букурешт следната недела.

Турција сигнализираше пред посетата на Чејни дека не е подготвена да учествува со повеќе војници во Авганистан, поради тековните борби против ПКК.

Сепак, турските власти истакнаа дека Анкара ќе ги почитува одлуките донесени на самитот.

Иранската нуклеарна програма беше третата клучна тема за која беше разговарано за време на посетата на Чејни. Тој го искажа очекувањето на Вашингтон дека Анкара ќе продолжи да ги поддржува меѓународните напори за убедување на Иран да се откаже од истата.

Всушност, Ердоган беше цитиран од страна на турските официјални претставници дека Иран треба целосно да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, за да ги елиминира сомневањата во врска со нејзината нуклеарна програма.

Чејни и турските претставници, исто така, накусо разговараа околу предложениот противракетен систем, кој ќе обезбеди заштита од проектили со краток и голем дострел за сите членки на НАТО, вклучително и Турција.

Соединетите Држави моментно преговараат само со Полска и Чешка за системот за противпроектилска заштита. Истиот нема да ги покрива Турција, Грција, Романија и Бугарија. Некои членки на НАТО тврдат дека ваквата заштите треба да се обезбеди за сите членки.