26/03/2008
Состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Словенија подоцна оваа недела можеби ќе биде последната шанса за Македонија и Грција да стават крај на својот спор околу името пред почетокот на самитот на НАТО во Букурешт следната недела.
(AП, Ројтерс, ДПА, МИА, Макфакс - 26/03/08; AП, ДПА, МИА, Макфакс, АНА-МПА, Балкан инсајт, прес-центар на ОН - 25/03/08)
![]() Маж на велосипед поминува покрај ѕид на кој пишува „Македонија“ на кирилица, во центарот на Скопје. Грција предупреди дека ќе го блокира влезот на својот сосед во НАТО поради тековниот спор околу името. [Getty Images] |
Специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, во вторникот (25-ти март) ги повика Скопје и Атина да го разгледаат неговиот нов предлог за компромис во нивниот 17-годишен спор околу името на Македонија, откако новиот круг разговори не резултираше со договор.
„Двете влади имаат силна желба за решавање на ова прашање“, изјави Нимиц за новинарите по своите разговори со македонскиот и грчкиот претставник, Никола Димитров и Адемантиос Василакис, во Њујорк. „Сметам дека предлогот што им го претставив на двете страни е фер, сметам дека е чесен, дека има географска димензија и јас искрено се надевам дека двете влади сериозно ќе го разгледаат.“
Иако тој не сакаше да ги открие деталите на, како што го опиша, единствениот предлог без опции, Нимиц изрази надеж дека истиот ќе обезбеди основа за решение.
Серијата опции што беа претставени во последниве месеци беа отфрлени од едната или од другата страна. Тие се сé уште многу оддалечени во своите позиции, рече Нимиц по разговорите во вторникот.
Сепак, Македонија се надева дека е можно да се постигне решение пред почетокот на тридневниот самит на НАТО во Букурешт на 2-ри април, за да може да добие покана за влез во пактот од 26 нации, заедно со Албанија и Хрватска.
Членка на НАТО од 1952 година, Грција се закани дека ќе го блокира членството на својот сосед ако не си го смени името, тврдејќи дека името Македонија имплицира територијални претензии кон северната грчка покраина со истото име.
Грција инсистира на тоа дека Македонија може да се нарекува само поранешна југословенска република Македонија (ФИРОМ), име под кое беше примена во ОН во 1993 година, и име што се користи во повеќето меѓународни организации. Сепак, со текот на времето, листата на земји што ја признаа оваа балканска држава под нејзиното уставно име, Република Македонија, се зголеми на повеќе од 120.
САД, кои се приклучија на таа листа во 2004 година, во вторникот ги повикаа Атина и Скопје да се обидат да стават крај на нивниот спор пред самитот на НАТО.
Искажувајќи ја својата подготвеност за компромис, македонските власти јасно ставија до знаење дека нема да бараат решение по секоја цена.
Премиерот Никола Груевски изрази скепса во врска со шансите за постигнување договор во текот на следните неколку дена.
Тој, исто така, предупреди дека грчкото вето би „предизвикало силно разочарување помеѓу македонските граѓани“, како и дека преговорите ќе западнат во толку „длабока криза“, што е можно неговата земја да одлучи да се повлече од процесот.
Последната можност што двете земји ја имаат за решавање на нивниот спор пред самитот на НАТО, ќе биде дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој се отвора во Брдо, Словенија, в петок.
Цитирајќи неименуван дипломат на НАТО, Ројтерс во средата објави дека се разговара и за резервен план. Според него, Скопје би добило условна покана за влез во Пактот, но ратификацијата би била одложена додека не биде постигнато решение.