SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2007/02/14/feature-03

Договорот за нафтоводот АМБО отстрани уште една пречка

14/02/2007

Планот за транспорт на касписка нафта преку Бугарија и Македонија до албанското пристаниште Валона е поблизу до реализација.

Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје --14/02/07

photo

Изградбата на нафтоводот се очекува да започне во 2008 година. [Getty Images]

Договорот за нафтоводот АМБО отстрани уште една пречка на крајот од минатиот месец, кога министрите за економија на Албанија, Бугарија и Македонија потпишаа договор во Скопје, според кој изградбата треба да почне следната година. Првата нафта се очекува да биде пренесена преку нафтоводот во 2011 година.

„Не чека многу работа“, рече претседателот на АМБО, Тед Фергусон. „Треба да се спроведат студии за животната средина и треба да се добијат дозволи за градба, за да може изградбата за отпочне на крајот од 2008 година.“

Осмислен во 1999 година, проектот АМБО со години се соочуваше со пречки, бидејќи регионалната нестабилност и конфликтите ги држеа инвеститорите на растојание. Во меѓувреме, главниот акцент беше ставен на нафтоводот Баку-Тбилиси-Чејхан.

Проектот конечно доби на интензитет во јули 2003 година, со потпишувањето на договорот од страна на претседателите на Албанија, Македонија и Бугарија. На 27-ми декември 2004 година, премиерите на трите земји потпишаа политичка декларација, по што следеше Меморандум на разбирање помеѓу претставниците на земјите и Фергусон.

На 30-ти октомври 2006 година Албанија и Македонија потпишаа протокол за влезните точки на нафтоводот -- албанското село Стеблеве и македонскот село Лакаица. Сличен протокол помеѓу Бугарија и Македонија беше потпишан подоцна, во 2006 година.

Нафтоводот ќе пренесува касписка нафта од бугарското пристаниште Бургас, преку Македонија, до Валона, за транспорт до европските земји и САД. Четири пумпни станици -- две во Бугарија и по една во Македонија и Албанија -- ќе бидат изградени по должината на нафтоводот.

Нафтоводот ќе биде долг 894 километри, од кои 273 ќе поминуваат низ Македонија. Се очекува истиот да има капацитет од 750.000 барели нафта дневно. Годишниот транзит на сурова нафта ќе биде помеѓу 30 и 40 милиони тони и целата инвестиција ќе изнесува 1,2 милијарди американски долари. Досега се обезбедени околу 80 отсто од средствата. Фергусон рече дека не се очекуваат тешкотии во обезбедувањето на остатокот од финансиските средства.

„Земјите што се директно вклучени во реализацијата на нафтоводот ќе имаат корист од наплатата на транзитните трошоци, кои се проценуваат на 30 милиони американски долари годишно за Македонија“, рече македонската министерка за економија, Вера Рафајловска. „Нафтоводот ќе отвори нови работни места и ќе го потпомогне економскиот развој на земите.“

За албанскиот министер Генц Рули, проектот има пошироко влијание. „Нафтоводот ќе придонесе за интегративниот развој и стабилноста во регионот, не само во поглед на енергијата, туку и во поширока смисла“, рече тој.