SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2004/08/27/feature-02

Економските проблеми ја носат проституцијата во Турција

27/08/2004

Истражувањето спроведено од страна на Стопанската комора на Анкара го разоткри сé поголемиот проблем во Турција -- ширењето на проституцијата како резултат на економските проблеми во земјата.

Од Фатих Баран за Southeast European Times во Истанбул - 27/08/04

photo

Зголемениот број на работни места и услуги ќе го намалат бројот на жените кои се принудени да се занимаваат со проституција, изјави претседателот на Стопанската комора на Анкара, Синан Ајгун.

И покрај тоа што проституцијата е легализирана во Турција, повеќето жени кои се занимаваат со истата не се регистрирани, а голем број од нив се принудани да нудат услуги против своја волја, како што покажа новото истражување спроведено од страна на Стопанската комора во Анкара (АТО). Истражувањето покажа дека проституцијата во Турција се шири како резултат на економските проблеми.

Според проценките на истражувањето во Турција има околу 100.000 проститутки, од кои 30.000 чекаат да добијат дозволи. На секои 350 жени една е изложена на ризик од проституција или сексуална злоупотреба. Постојат педесет и шест јавни куќи, во кои работат 3.000 жени, додека уште 15.000 проститутки се регистрирани во полиција. Голем број од нив не се во состојба да добијат вработување во пријавените јавни куќи и работат на улица, велат истражувачите.

Според истражувањето, само во јужната провинција Дијакбакир, околу 6.000 жени работат нелегално како проститутки. Истанбул има најмалку 500 малолетни проститутки, меѓу кои и 12-годишни девојчиња. Покрај тоа, истакнуваат истражувачите, постои прилив на проститутки од Украина, Молдавија, Грузија, Азербејџан и Белорусија.

„Постои годишен прилив од околу 3 милијарди евра во проституцијата. Обезбедувањето во јавните куќи, бармените, сопствениците на ноќните клубови и хотелите, како и таксистите добиваат дел од колачот. Односно, стотици илјадници луѓе заработуваат за живот од проституцијата“, се вели во извештајот.

На прес-конференцијата на која беше обелоденето истражувањето, претседателот на АТО, Синан Ајгун, рече дека порастот на проституцијата, делумно, е резултат на деценијата на блага администрација, заедно со раширената сиромаштија. Најдобар начин за борба против овој проблем, рече Ајгун, би бил зголемување на вработеноста и услугите. „Со обезбедување на социјално осигурување и помош за сиромашните, помеѓу невработените и неписмените жени ќе биде намалат бројот на оние кои се принудени на сексуална злоупотреба“, рече тој.

Истовремено, криминалот општо, исто така, е во пораст во Турција, поради економската ситуација. „Во 2003 година имаше вкупно 321.805 случаи на кривични дела во Турција, што е многу повеќе од бројката од 259,895 во 2000 година. Уште поалармантно е тоа што во првите пет месеци од 2004 година пријавени се вкупно 143.924 случаи на кривични дела, а се очекува до крајот на 2004 година бројката да изнесува 350.000“, се вели во истражувањето. Педесет и два отсто од сите кривични дела се случиле во трите најголеми турски градови, во што води Истанбул, а по него следат Анкара и Измир.