31/03/2008
Во ситуација кога турските власти стануваат поотворени за курдските проблеми, дали терористичката кампања на КРП ја губи својата смисла?
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times –31/03/08
![]() Симпатизер на РПК го носи знамето на оваа терористичка група. [Getty Images] |
И покрај тоа што продолжува воено да реагира на тероризмот на Работничката партија на Курдистан, турската влада сепак ветува дека ќе биде поотворена кон етничките Курди. Неколку дена по ограничената копнена офанзива врз базите на РПК во северен Ирак, премиерот Реџеп Тајип Ердоган објави нов амбициозен план за подобрување на економската перспектива во југоисточниот дел на Турција, главно населен со Курди, кој предвидува инвестиции до 15 милијарди долари.
Тој, исто така, вети дека ќе отвори нова државна телевизиска станица на курдски јазик и ги потсети припадниците на РПК за законот за амнестија кој нуди помали казни или предвремено ослободување на оние кои ќе се предадат и ќе понудат информации за групата.
Со ваквите чекори владата на Ердоган се надева да ги убеди Курдите во Турција дека Анкара се занимава со нивните проблеми и истовремено да ја намали привлечноста на РПК. Меѓутоа, терористичката организација со презир возврати на овие напори и покажа дека нејзиниот смртоносен вид на „револуција останува единствената реална опција. Социјално-економската програма на Ердоган не е ништо друго туку „продолжување на политиката на негирање на курдската реалност“, вели Дуран Калкан, висок припадник на групата.
Основана во сеумдесетите години на минатиот век како марксистичка група која се залага за „народна република“ во југоисточна Турција, РПК се бори за независна држава на Курдите која би го опфатила северен Ирак, како и делови на Иран и Сирија. За да добие поддршка од турските Курди за оваа грандиозна визија, групата ја искористува огорченоста предизвикана од економските разлики и владината политика за потиснување на курдскиот национализам.
РПК, исто така, се обидува да стекне политички капитал од тековната воена кампања на Турција, која извршува прекугранични напади врз базите на РПК во северен Ирак. „Турската војска ќе продолжи да се бори против РПК, додека пак владата ќе ја продолжи својата антикурдска политика во полето на политиката, економијата и општеството“, рече Калкин во интервјуто објавено на веб страницата на РПК.
Но, дали се ваквите тврдења уверливи? Делумно во комбинација со нивниот обид за влез во ЕУ, последниве години турските власти направија конкретни чекори за ублажување на рестрикциите на малцинските права. За прв пат после многу децении, една политичка партија која е поврзана со курдските цели и, како што тврдат многумина во Анкара, со РПК, има свои пратеници во парламентот.
Турската влада постојано повторува дека воената реакција на терористичкиот сепаратизам не е доволна; корените на курдското незадоволство, исто така, мора да се земат во обѕир. Владата се обидува да пронајде политичко решение во рамките на граѓанското општество. Меѓутоа, насилството во кое во изминатиот четврт век страдаа над 37 000 луѓе и понатаму продолжува.
![]() Демонстратори на митинг против РПК во Лондон. [Getty Images |
Примирјата прекршени заради несогласување помеѓу фракциите
Овој месец, Демократската конфедерација на Курдистан (ДКК), синџир од разни нелегални групи поврзани со РПК, повика на условно примирје и дијалог со турската влада. Но, таа исто така предупреди дека ќе дојде до „повеќедецениска војна“ ако не бидат задоволени нејзините барања. Иако тврди дека сака да преговара, оваа група исто така ги доведува во прашање основачките дговори и територијалниот интегритет на Турција, став кој според турските претставници е целосно неприфатлив.
РПК неколку пати прогласи еднострано примирје, но ниту едно не беше одржано. Фракционерството е делумно причина за тоа. Различни групи следат различни политики, а некои моќни сили во РПК и понатаму сметаат дека насилството е начин за остварување на нивните цели.
Иако ДКК повика на дијалог, командантот на РПК Бахоз Ердал, жител на Сирија, вети дека ќе продолжат нападите врз турските војници и другите мети. Во меѓувреме, Калкин нагласи дека „воената клима е одржлива и претставува единствен начин преку кој Курдите ќе ги остварат своите политички цели“.
‘РПК во најслаба, но најопасна точка’
Денесе РПК се наоѓа во најслабата, но најопасна точка“, вели Седат Лацинер, претседател на Меѓународната организација за стратешки истражувања. „Бидејќи се наоѓа под голем притисок, оваа терористичка група би можела да се обиде со сензационални напади, исто така користејќи и бомбаши самоубијци со цел да ја покаже својата сила“.
Од декември Турција извршува воени операции врз терористите на РПК во северен Ирак, а во февруари започна осумдневна копнена офанзива, убивајќи најмалку 240 терористи, според податоците на Генералштабот. Успешната воена кампања во комбинација со вештата дипломатија ги отсече логистичките и финансиските извори на РПК, вели Лацинер.
Покрај тоа, додава тој, сега оваа група е политички изолирана. Заради тоа сега би можела, како што направи во минатото, да побара поддршка од глобалните или регионалните играчи, која би можеле да ја искористат како еден вид на „кооперант“ за нивната регионална политика.
РПК е во состојба да опстои делумно заради нејзината структура која потсетува на октопод, со криминални активности низ регионот и во Европа. Според податоците од извештајот за тероризмот од 2007-та година на американскиот стејт департмент, оваа организација ги финансира своите операции со криумчарење на дрога и луѓе во Европа, како и преку класично собирање на пари од своите симпатизери.
Многу експерти за безбедност, како домашни така и странски, долго време тврдат дека заради природата на заканата која РПК ја претставува не е препорачливо да се користат само воени средства. Наместо тоа, Турција мора да соработува со другите земји, особено во Европа, со цел да го спречи финансирањето и регрутирањето на нови членови. На домашен план, владата мора да се обиде да ги убеди Курдите да веруваат во граѓанското општество и владеењето на правото.
Еден од проблемите кои РПК ги користеше во минатото е социјално-економската неразвиеност. Денес, премиерот Ердоган промовира еден амбициозен план вреден 15 милијарди долари за да ги зголеми инвестициите и економската перспектива во југоисточниот дел од Турција како клучен елемент во пошироката борба против тероризмот.
Уште една причина за гневот на РПК е традиционалното ставање на безбедноста пред човековите права. Чувството дека Курдите се дискриминирани и немањето на самоопределеност и помогнаа на РПК да се афирмира во последните две децении. Се до неодамна, дури и идејата за радио и телевизиски програми на курдски јазик беше контроверзна во Турција.
Во 2004-та година воведени се некои емисии на курдски јазик. Владата на Ердоган вели дека планира да оди понатаму. Посебна државна телевизија ќе емитува програми не само на курдски, туку и на арапски и фарси. Премиерот истакнува дека неговата влада ќе продолжи со нови реформи. Тој, исто така, му наложи на еден од своите заменици да помине време во регионот и да согледа какви се очекувањата таму.
![]() Курдски земјоделци работат на поле со памук во близина на турската граница со Ирак. Владата во Анкара најави амбициозен план за зголемување на економскиот развој во областите од Турција во кои доминира курдско население. [Getty Images] |
ПДО смета дека владината програма е „недоволна“
Меѓутоа, и покрај нејзините напори, турската влада се соочува со скептицизам. Про-курдската Партија за демократско општество (ПДО) соопшти дека не е импресионирана. „Прво треба да седнеме и да разговараме без ограничување“, вели Сири Сакик, влијателен пратеник на ПДО. „Ако владата на АКП е искрена во своите напори да го реши курдскиот проблем, ајде да излеземе на референдум и да видиме кои се барањата на курдскиот народ“.
ПДО бара Турција да го признае курдскиот идентитет во својот устав и некој вид на автономија на југоисток. Заради сличностите помеѓу платформата на ПДО и барањата на РПК, не беше возможно да дојде до дијалог помеѓу владата и главната курдска партија во Турција.
Особено во контекст на тероризмот на РПК, Ердоган се соочува со голем притисок од јавноста која од него бара да не соработува со ПДО. Тој неодамна го одби барањето на членови на партијата да се сретнат со него и рече дека нема да го направи тоа се додека ПДО не ја дефинира РПК како терористичка група и јасно не се откажат од насилството. Јавноста е огорчена заради насилството на РПК од минатиот октомври, кога во терористички напади настрадаа најмалку 47 луѓе, меѓу кои 35 војници и тоа само за еден месец. Од 1984-та година во конфликтите загинаа над 37 000 луѓе.
Во меѓувреме, постојат се повеќе докази дека неуспехот на ПДО да се одвои од РПК ја намалува поддршката на оваа партија кај етничките Курди. Во ноември 2007-та година групата за истражување Метропол спроведе анкета во југоисточниот дел од Турција. Над една третина од анкетираните (35,1 отсто) рекле дека ПДО не ги претставува етничките Курди, додека пак само 38,6 отсто рекле дека таа целосно ги претставува.
Според Метропол, ПДО „го изградила својот политички легитимитет врз демократските права на населението во регионот и врз решавањето на курдското прашање. Но, тие мораа да се соочат со силни негативни критики заради неодамнешните терористички акции. „Една од главните причини, според истражувачите, е неуспехот на партијата да ја нарече РПК терористичка организација“.
Анкетата утврди дека поддршката за целите на РПК е мала. Мнозинството (64,5 отсто) се спротивставиле на создавањето на курдска држава во северен Ирак, а дури 95,2 отсто рекле дека повеќе би сакале да останат во Турција отколку да одат да живеат во една таква држава. Над половина од анкетираните (51,5 отсто) рекле дека прекуграничните акции врз базите на РПК во северен Ирак се неопходни.
Запрашани кој е нивниот омилен политичар, речиси 60 отсто го навеле премиерот Ердоган. 65 отсто рекле дека на последните избори гласале за АКП, а уште повеќе (68,3 отсто) рекле дека повторно би го направиле истото. Меѓутоа, истражувачкиот тим предупреди дека овие бројки се разликуваат од реалната излезност на изборите. Можеби некои од анкетираните не сакаа да признаат дека ја поддржуваат ПДО, велат истражувачите.