Грција беше домаќин на регионалната иницијатива на жени

28/03/2012

Целта на регионалната иницијатива е да се создаде мрежа на женски деловни здруженија. Исто така во бизнис-вестите: 5.000 Романци протестираат против дупчењето на шкрилци, а „Туркиш ерлајнс“ нуди повеќе летови за Белград.

Првата регионална конференција на Балканската коалиција на жени за професионална квалификација и обука за бизнис и за економија се одржа во Солун во петокот (23. март). На настанот, чија цел е создавање на мрежа на поддршка на женски деловни здруженија од регионот, учествуваа претставници на организации од Грција, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Хрватска и од Турција.

***

Во четвртокот (22. март), над 5.000 Романци заедно демонстрираа против дупчењето на шкрилци во источниот град Барлад. Демонстрантите извикуваа слогани против американската компанија „Шеврон“ која доби право да дупчи во регионот Васлуи.

***

Четири балкански земји ѝ се придружија на Италија околу проектот наречен „Агронет“, чија цел е да се зголеми прекуграничната соработка и самоодржливоста во однос на храната во јадранскиот регион. Иницијативата која ги обединува Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија и Словенија, беше претставена на 21. март во Љубљана и ќе трае до крајот на 2013 година.

***

Емирот од Катар, шеик Хамад бин Калифа Ал Тхани рече дека ќе обезбеди политичка поддршка за катарски инвестиции во Македонија. Во понеделникот (26 март), на состанокот со македонскиот премиер Никола Груевски во Доха, Ал Тхани рече дека економска делегација ќе ја посети Македонија следниот месец за да разговара за конкретни модели на поблиска деловна соработка. Груевски ги посочи можностите кои постојат во сферата на енергетиката, туризмот и во градежништвото, како и мерките преземени за привлекување на странски инвеститори.

***

Во петокот (23. март), турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз рече дека тим бугарски експерти е во Турција и работи на проект за изградба на гасовод за природен гас што би ги поврзал двете земји. Врската од 80 км ќе има капацитет од 1 до 3 милијарди кубни метри природен гас годишно, а целта е да се обезбеди доставување на касписки природен гас во Бугарија и во регионот.

***

Хрватскиот заменик премиер Радимир Цациќ ќе отпатува за Русија оваа недела за да бара инвеститори за дејностите на енергетиката и на бродоградбата на земјата. Во понеделникот (26. март), во интервју за државната телевизија, Цациќ рече дека ќе се сретне со руските гиганти во сферата на енергетиката „Лукоил“, „Газпром“ и „Зарубежнефт“, како и претставници од сферата на бродоградбата. Вестите дојдоа откако Владата во Загреб минатата недела ги одби понудите за три бродоградилишта што работат со загуба.

***

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ прими делегација на Самитот 100 деловни водачи на Југоисточна Европа на 21. март, за да разговараат за начини на промовирање на понатамошна деловна интеграција, како и за подобрување на деловната средина и на животните услови во регионот. Средбата беше трета по ред од низата средби чија цел е обезбедување на поддршка за иницијативата. Самитот ги собра деловните водачи од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и од Црна Гора.

***

„Туркиш ерлајнс“ нуди повеќе летови неделно од Турција за Белград. Од неделата (25. март), превозникот лета од Белград до дестинации во Турција десет пати неделно, во споредба со претходните седум пати. Бројот ќе се зголеми на 14 на крајот на мај, објави компанијата.

(Разни извори - 21.03.2012 - 28.03.2012)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.