Србија, Хрватска и БиХ сакаат да ги зајакнат економските врски

08/02/2012

На состанокот одржан во Сараево, балканските водачи се согласија да ја зајакнат економската соработка. Исто така во деловните вести: државната секретарка на САД, Хилари Клинтон, ја охрабрува Бугарија да ги збогати своите резерви на нафта и гас.

Во петокот (3. февруари), на состанок близу Сараево, српскиот претседател Борис Тадиќ, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и членовите на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина се договорија дека нивните земји треба да ги зајакнат економските врски за да ја надминат глобалната финансиска криза. Водачите зборуваа за повеќе прашања, вклучувајќи го и пристапот до фондови на ЕУ за регионална соработка.

***

Во понеделникот (6. февруари), ММФ и Романија се договорија за одобрување транша од 505 милиони од стенд-бај аранжманот на земјата со Фондот. Во меѓувреме, ММФ ја намали својата прогноза за економскиот раст на Романија за оваа година од 1,8 - 2,3 отсто на 1,5 - 2 отсто, наведувајќи го како причина намалениот извоз кон Западна Европа, главниот трговски партнер на земјата.

***

Минатата недела, бран протести се кренаа во Бугарија и во Романија, откако двете земји го потпишаа таканаречениот Трговски договор за борба против фалсификувањето (АЦТА) наменет за борба против фалсификуваната стока, генеричките лекови и повредите на авторски права на Интернет. Додека јавноста се плаши дека тој ќе ја ограничи слободата на изразувањето, властите уверуваат дека ќе се организира дијалог со граѓанското општество пред ратификувањето на договорот, чекор што е неопходен за да може истиот да стапи во сила во дадените земји.

***

Во неделата (5. февруари), државната секретарка на САД, Хилари Клинтон, ја охрабри Бугарија да ја намали својата енергетска зависност од Русија со тоа што ќе ги диверсифицира своите извори на снабдување со нафта и гас. Посетата на Клинтон е непосредно после прогласувањето на мораториум за планираното истражување на резерви на гас од шкрилци во северозападниот дел на земјата, наведувајќи ги како причина можните еколошки последици.

***

Минатата недела, откако банкротира унгарскиот авиопревозник „Малев“, многу западнобалкански градови останаа без директни врски со Будимпешта. Летовите на компанијата беа главна транзитна точка до другите дестинации во Европа.

***

Во четвртокот (2. февруари) рускиот гигант за гас „Гаспром“ изјави дека е заинтересиран да ги купи бензинските станици на австрискиот „ОМВ АГ“ во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Во декември, „ОМВ“ најави дека планира да ги продаде своите подружници на Балканот за да се ослободи од имот што не е толку профитабилен.

***

Истанбул беше домаќин на првиот бизнис-форум на Советот за соработка во заливот на Турција на кој биле претставени и се разговарало за можностите за соработка помеѓу двата региона. Настанот што се одржа во понеделникот (6. февруари) и во вторникот, се фокусираше на темите чисти енергетски ресурси, нафта и гас, превоз, банкарство и финансирање, земјоделство и безбедност на храната, мали и средни претпријатија и жените во претприемништвото. Форумот привлече над 165 лица вклучени во деловни активностви од земјите на Арапскиот Залив.

***

Црна Гора можеби ќе стане дел од гасоводниот проект „Јужен тек“. Вестите пристигнаа по средбата што се одржа во Подгорица во петокот (3. февруари) меѓу црногорските власти и претставниците на рускиот „Гаспром“ што ќе почне да го гради гасоводот кон крајот на годинава.

(Разни извори - 01.02.2012 - 08.02.2012)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас