02/12/2008
Јужна Кореја и Турција сакаат да ја зајакнат својата трговија. Исто така во дипломатските вести: холандскиот министер за европски прашања, Франс Тимерманс е во Атина, и црногорскиот премиер е во Атина.
Јужнокорејскиот премиер Хан Сеунг-су во понеделникот (1-ви декември) пристигна во Анкара, на дводневна официјална посета на Tурција. Хан се состана со колегата Реџеп Тајип Ердоган. Тој ќе се состане и со претседателот Абдула Ѓул и локалните бизнисмени, на разговори околу зајакнувањето на билатералната трговија.
***
Холандскиот министер за европски прашања, Франс Тимерманс, се наоѓа во официјална посета на Грција. Тимерманс во понеделникот (1-ви декември) се состана со заменик-министерот за надворешни работи, Јанис Валинакис. Тие разговараа околу напорите за решавање на актуелната финансиска криза, иднината на ЕУ и други прашања, како што се климатските промени, енергетската сигурност и илегалната имиграција.
***
Mакедонска делегација предводена од премиерот Никола Груевски во понеделникот (1-ви декември) ја заврши дводневната официјална посета на Норвешка. Министерот за одбрана, Ане-Грете Стром-Ериксен, ја потврди поддршката на Осло за полноправната интеграција на Македонија во НАТО. Делегацијата, исто така, се состана со премиерот Јенс Столтенберг, претседателот на парламентот, Торбјорн Јагланд, и претседателот на Центарот за мир и човекови права од Осло, Кјел Магне Бондевик.
***
Tурскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, во понеделникот (1-ви декември) пристигна во Азербејџан, на покана од колегата Елмар Мамедјаров. Една од темите на нивната агенда беше иницијативата на Турција за изградба на платформа за стабилност и соработка во Кавказот и мерките за нејзиното спроведување.
***
Комесарот на ЕУ за образование, обука, култура и млади, Јан Фигел, во неделата (30-ти ноември) допатува во тридневна официјална посета на Кипар на покана од министерот за образование и култура, Андреас Димитриу. Фигел ќе ги прошета училиштата на островот и ќе се состане со претседателот Деметрис Христофиас.
***
Српскиот претседател Борис Тадиќ на 26-ти ноември се состана со данскиот премиер Андерс Фо Расмусен во Белград. Тадиќ потврди дека соработката на Србија со Хашкиот трибунал за воени злосторства и спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ претставува посветеност на меѓународната заедница, а не само напори за исполнување на критериумите на ЕУ. Расмусен ја изрази целосната поддршка на својата земја за кандидатурата на Белград за членство во ЕУ.
***
Косовскиот премиер Хашим Тачи во понеделникот (1-ви декември) се состана со директорот за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Пјер Мирел. Тие разговараа за престојниот состанок на Механизмот за следење на стабилизацијата, иницијатива чија цел е одржување на напредокот на Косово кон влезот во ЕУ.
(Разни извори 25/11/08-02/12/08)