Наука и технологија: Училиштата во Бугарија ќе добијат безжичен интернет пристап

05/05/2008

Новиот пилот-проект во Бугарија ќе обезбеди безжичен интернет пристап во главните училишта во земјата. Исто така во вестите оваа недела: турските научници го открија најстариот храм во светот.

Бугарскиот министер за образование и наука, Даниел Валчев, го претстави пилот-проектот за воспоставување безжичен интернет пристап во најголемите училишта во Бугарија. Како дел од проектот, секој наставник ќе добие лап-топ, додека секое од училиштата ќе добијат мулти-медијални проектори за училници. Првата фаза од проектот ќе опфати 31 училиште.

***

Панкипарската гимназија во Никозија беше домаќин на Меѓународниот конгрес на кипарски студии кој траеше до сабота (3-ти мај). Конференцијата се одржа со официјална поддршка на кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и архиепископот Хрисостомос Втори. На настанот присуствуваа европски и американски интелектуалци.

***

Тим турски aрхеолози откри храм во Турција, најстар во светот. Научниците проценуваат дека храмот Гобекли Тепе датира од 10.000 год. п.н.е. Комплексот се состои од 20 камени кругови, секој со дијаметар од 30 метри. Археолозите досега ископаа само четири. Тие шпекулираат дека храмот служел за ритуали на оплодување.

***

Црногорските претпријатија и граѓани во четвртокот (1-ви мај) започнаа со поднесување на апликациите за регистрирање на интернет страници под новиот домен .me, кој ќе го замени доменот .yu. Властите ќе ги прифаќаат апликациите до 20-ти мај.

***

Јапонската влада и УНИЦЕФ ќе донираат 80 соби-ладилници за складирање вакцини за Aлбанијa. Собите ќе бидат дистрибуирани низ целата земја, со што вакцините ќе бидат достапни и за децата во најоддалечените села.

***

Мајкрософт Aлбанијa, најновата канцеларија на Мајкрософт, беше отворена на 28-ми април во Тирана. Претпријатието ќе помогне во градењето на пазарот на ИТ во Албанија и ќе ги поддржува локалните институции во воспоставувањето дигитални информативни сервиси за граѓаните. Владата ја започна соработката со Мајкрософт пред една година.

***

Хакери ја нападнаа веб-страницата на прес-центарот на турскиот Министерски совет во четвртокот (1-ви мај). Наслов „Хакирано од Каран“ се појави наместо интернет-страницата на институцијата, заедно со пораките до премиерот Реџеп Тајип Ердоган во кои се критикува назначувањето на илјадници дипломци во верските училишта. Вебмастерите привремено ја затворија страницата и отворија нова додека ја поправаа интернет-штетата.

(Разни извори – 28/04/08-/5/05/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас