БиХ се обидува да ја запре употребата на пиратски софтвер

18/04/2012

Инспекциите утврдуваат кои организации користат нелиценциран софтвер и даваат можност или за купување на лиценциран софтвер или одредување парична казна.

Бедрана Калетовиќ за Southeast European Times во Сараево -- 18.04.12

Босна и Херцеговина (БиХ) презема дејства за искоренување на употребата на пиратски компјутерски софтвер -- прашање што ја мачи Југоисточна Европа -- и властите се оптимисти дека напорите ќе ја стават оваа практика под контрола.

„Пиратските компјутерски програми може лесно да се купат на улица во повеќето градови на БиХ за само неколку евра. Нивната употреба е раширена како меѓу поединците, така и меѓу институциите“, рече за SETimes Ибрахим Тирак, директор на Инспекциската комисија на Федерацијата на БиХ.

Нелегалните преземања на софтверот се проценува дека ја чинат БиХ 11 милиони евра и 1,400 работни места годишно.

Властите започнаа инспекции низ целата земја пред три недели, за утврдување кои организации користат нелиценциран софтвер, а потоа даваат можност од пет до седум дена истиот да се купи легално.

Во рок од една недела инспекторите им наплатија на различни институции 360.000 евра во данок на додадена вредност за новокупен софтвер.

„Започнавме со инспекции на големите индустриски субјекти -- банките, микрокредитните организации, осигурителните друштва и градежните претпријатија“, рече за SETimes Бесим Дураковиќ, директор на канцеларијата на Инспекциската комисија за кантонот Тузла.

Дураковиќ рече дека властите се сирурни оти софтверското пиратство може да се стави под контрола, но само откако инспекциите ќе ги опфатат и поединците.

„Земјите каде што софтверското пиратство е поголемо од 66 отсто не може да очекуваат сериозни инвестиции“, рече за SETimes Мирна Милановиќ-Лалиќ, правен советник на Бизнис софтверската алијанса.

Црна Гора и Албанија водат во регионот по нелегалната употреба на комјутерскиот софтвер, која се проценува на 83, односно 77 отсто, според светското истражување претставено од Бизнис софтверската алијанса, меѓународно здружение кое ја поддржува софтверската индустрија.

Иако Хрватска има најнизок процент -- 53 отсто -- бројот на пиратски компјутерски програми, игри и оперативни системи забрзано расте. Нелегалната употреба на софтвер во БиХ се проценува на 66 отсто.

„Владата на БиХ одлучи да воспостави ред во сите социјални области. Заштитата на интелектуалната сопственост е од голема важност за БиХ, особено поради Светската трговска организација и спогодбата со [EУ] за стабилизација и асоцијација“, рече премиерот на Федерацијата на БиХ, Нермин Никшиќ.

Властите во БиХ рекоа дека инспекциите, исто така, имаат за цел подигање на свеста за употребата и дистрибуцијата на лиценциран софтвер со цел да се прекине ширењето на развиената сива економија.

Тие очекуваат медиумска поддршка за да се постигне максимално влијание, но, иронично, поголем дел од медиумите користи пиратски софтвер.

Един Шехиќ, кој собира информации за телевизиска станица основана и финансирана од сараевската кантонска влада, го опиша владиното двоумење да купи лиценциран софтвер со оглед на хроничниот недостаток на финансиски средства.

„Собирам [материјали] на компјутер кој нема лиценцирана програма, туку е купена нелегално за 5 евра. За да се лиценцира целата опрема потребни ни се многу пари, и владата сигурно нема да го дозволи тоа“, рече Шехиќ.

Основен софтверски пакет чини 180 евра; цената на специјализиран софтвер зависи од професијата, но чини многу повеќе.

Некои мали бизниси кои очекуваат да бидат казнети поради неможноста да купат лиценциран софтвер, се пожалија дека временскиот рок што го одреди владата е недоволен.

Бинаса Руждиќ, советник за недвижности, работи за една од двете организации кои очекуваат да бидат казнети.

„Тие нé казнуваат веднаш. Многу приватни сопственици нема да бидат во можност да го издржат [финансискиот] товар“, рече Руждиќ за SETimes.

Ефикасната заштита на интелектуалната сопственост е еден од предусловите за развој на ИТ индустријата, според Лејла Зукиќ-Кривдиќ, директорка на Мајкрософт БиХ.

„Инспекциите се спроведуваат со проверка на целиот софтвер, не само на оној на Мајкрософт како најчест. Ние ја поддржуваме иницијативата“, рече таа за SETimes.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.