Турција и Бугарија работат на проширување на економската соработка

18/04/2012

Eкономските и трговските односи меѓу Турција и Бугарија се прошируваат, додека политичките разлики се оставаат настрана.

Ериса Даутај Шенердем за Southeast European Times во Истанбул-- 18.04.12

Турција и Бугарија, двата соседи со историски проблематични политички односи, сега се залагаат за соработка во стопанството и трговијата, при што двете влади разговараат за гасоводни проекти, нови инвестиции и за идните можности.

Бројките зборуваат сами по себе, при што билатералната трговија е во пораст и покрај економските тешкотии во еврозоната. Турскиот извоз за Бугарија се зголеми петкратно меѓу 2001 и 2011 година, на 1,23 милијарди евра (1,62 милијарди американски долари). Слично на тоа, увозот од Бугарија воТурција се зголеми за 6,3 пати во истиот период, достигнувајќи 1,89 милијарди евра (2,48 милијарди американски долари) во 2011 година. Само меѓу 2010 и 2011 година, бугарскиот извоз за Турција скокна за 45 отсто.

Брзиот раст ги направи оптимисти бизнисмените во врска со идните економски односи, со нови трговски и инвестициски можности на хоризонтот.

Стојан Сталев, заменик-претседател на турско-бугарската Стопанска и индустриска комора (ТБЦЦИ) во Софија, изјави за SETimes дека Турција има неискористен потенцијал за трговија и инвестиции.

„И покрај географската близина на турскиот деловен главен град, Истанбул, бугарските производи досега претежно не успеваа да стигнат до огромниот пазар на овој град од 18 милиони луѓе. Многу малку бугарски претпријатија успеаја цврсто да навлезат во истиот“, рече тој, додавајќи дека бугарските претприемачи не се целосно свесни за можностите на Турција.

Поради економската криза во еврозоната и брзиот економски раст во Турција, Бугарија доби поволна трговска позиција во однос на Турција во изминатите неколку години, при што бугарскиот извоз за Турција се зголемуваше побрзо во споредба со извозот на Турција за Бугарија.

„Трговијата меѓу двете земји беше избалансирана до [пред две години], но турскиот извоз се намали откако економската криза на ЕУ ја погоди бугарската економија ... Нашата цел е да се доведе оваа ситуација до претходната состојба [на рамнотежа]“, рече за SETimes Јалцин Егемен, претседател на Турско-бугарскиот бизнис совет во турскиот Одбор за странски економски односи (ДЕИК).

Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја посети Турција во март и потпиша 17 договори, вклучително и оние за економска и енергетска соработка. Бугарија изрази намера да пристапи во Транс-анатолскиот проект за гасоводот, кој ќе пренесува гас од Азербејџан до Европа преку Турција.

Борисов на прес-конференција за време на својата посета рече дека напорите за изградба на гасовод за природен гас меѓу Турција и Бугарија може да се финализираат пред мај, со согласност на владите на двете држави.

Во другите настани на оваа тема, Турција, Бугарија и Грција одлучија да одржат серија бизнис состаноци на кои ќе се дискутира за соработката и размената на информации за бизнис и инвестициските можности, особено во врска со различни тендери, рече Егемен.

Досега најголемата турска инвестиција во Бугарија се фабриките за производство на стакло Шишеџам. Во 1997 година Шишеџам ја купи бугарската фабрика Соди за 35 милиони американски долари преку приватизација и го зголеми капацитетот на фабриката. Вкупната моментна инвестиција на Шишеџам во Бугарија изнесува околу 500 милиони американски долари, според Егемен.

Но, и покрај овие ветувачки бизнис договори меѓу Турција и Бугарија, некои експерти велат дека односите лежат на нестабилна основа. Музафер Кутлај, истражувач во турската Меѓународна организација за стратешко истражување (УСАК), вели дека Борисов се обидел да ги забрани турските публикации и да ги ограничи гласачките права на етничките Турци во Бугарија. „Сите овие прашања се одразуваат на економските односи и ... обемот на трговијата е далеку под потенцијалот на двете држави“, рече таа.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.