18/04/2012
Неодамнешните убиства во Македонија предизвикаа стравувања дека меѓуетничките тензии ќе се влошат.
Александар Павлевски за Southeast European Times во Скопје -- 18.04.12
Шокираноста на јавноста, по убиствата на петмина Македонци во близина на Скопје на 12-ти април, почна да се намалува, но владата и државните институции вложуваат максимални напори за зачувување на стабилноста на земјата.
Водечките аналитичари за безбедноста во Македонија велат дека нема опасност од понатамошно влошување на меѓуетничките односи, ниту, пак, од развивање на некаков конфликт, како што шпекулираат меѓународните медиуми.
„Никој не очекува ситуацијата да ескалира. Нема услови на теренот за ваков развој на настаните, ниту, пак, граѓаните од албанска и македонска етничка припадност ќе поддржат еден таков конфликт“, рече за SETimes Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.
Mакедонија има полн институционален капацитет за справување со ситуацијата, изјави за SETimes Методи Хаџи-Јанев, професор во Воената академија на Македонија.
Популарноста што ја уживаат владејачките партии им дава дополнителна слобода за влијаење и контрола на масите“, рече Хаџи-Јанев.
„Има високо ниво на соработка меѓу регионалните влади и меѓу безбедносните служби“, додаде тој.
Петар Шкрбина, воено-безбедносен аналитичар и пензиониран полковник на југословенската армија, рече дека сега постои согласност оти убиствата биле планирани и, како што тој тврди, извршени од обучени терористи.
„Постојат индикации дека убијците намерно го избрале Велигден за да ги убијат младите луѓе и да предизвикаат реакција меѓу македонското население, што би водела до поголем меѓуетнички конфликт“, рече Шкрбина.
Аналитичарите велат дека два други неповрзани настани по убиствата ја предизвикале раширената шпекулација во меѓународните медиуми, но иако се важни, истите не претставуваат фундаментална безбедносна закана.
Прво, македонската полиција ги спречи протестите во центарот на Скопје на околу 1.000 фудбалски навивачи, претежно тинејџери, како реакција на масакрот.
Граѓанското движење „Разбуди се!“ ги отфрли сите тенденции да се припише колективна вина за кривичното и потенцијално терористичко дело, и апелираше до властите да спречат какви било собири на групи кои користат екстремистички идеологии, како што се фудбалските хулигани.
Минатиот месец имаше слични протести во Гостивар, кога албанските фудбалски навивачи демолираа продавници и возила во сопственост на Македонци, но немаше осуда од страна на албанските политички водачи.
Во изјавата, групата рече дека Македонија „опстојува благодарение на здравите меѓуетнички односи меѓу двата народи кои го сочинуваат апсолутното мнозинство. Затоа македонските непријатели постојано се обидуваат да ги нарушат и да ги отежнат таквите односи, со надеж дека ќе ги реализираат своите национал-шовинистички агенди“.
Второ, паравоената Армија за ослободување на окупираните албански земји во Митровица, во Косово, й постави ултиматум на македонската влада, барајќи да „се повлече од окупираните албански земји или ќе има напади врз славомакедонските полициски и воени сили“.
Шкрбина тврди дека иако предупредувањето не треба да се игнорира, тоа истовремено не заслужува премногу внимание, бидејќи најверојатно се работи за маргинализирана група од Косово која се обидува да добие на важност.
„Сепак, тоа нема да ги спречи да прават проблеми во регионот“, рече Шкрбина.
„Фактот дека предупредувањето не е директно поврзано со преземање одговорност за убиствата и доаѓа неколку дена подоцна, покажува дека [групата се обидува] да го искористи трагичниот настан за да си даде себеси етничка димензија. Тоа претставува ... закана во регионален политички контекст против многу влади, не само македонската влада“, рече за SETimes Фросина Ташевска-Ременски, професорка на Факултетот за безбедност во Скопје.