09/02/2012
Ако Србија сака економски развој и интеграција во ЕУ, треба да ја интензивира приватизацијата, велат бизнис водачите.
Ивана Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 09.02.12
Само еден ден по состанокот во Давос, во Швајцарија, на крајот од минатиот месец, членовите на бизнис и политичката заедница се собраа во Белград на разговори околу последиците од светската економска криза во Србија, начините за поттикнување на финансискиот раст и негово поврзување со интеграцијата во ЕУ.
Вицепремиерката Верица Калановиќ истакна дека актуелната економска ситуација во Србија е резултат на нејзините сопствени недостатоци, заедно со глобалната рецесија, што го погодува секој граѓанин. Како одговор на тоа владата има пакет антикризни мерки кои вклучуваат интензивна поддршка за странските инвеститори, меѓу кои и некои големи брендови.
„Србија привлече повеќе од 1,5 милијарди евра од НЕТ [готовински] СДИ, повеќе од скоро сите наши директни конкуренти. Некои од нашите успешни проекти се: Јунајтед каларс оф Бенетон -- Италија, 43 милиони евра, 2.700 вработени; Бош -- Германија, 71 милиони евра, 620 вработени; и Јура -- Јужна Кореја, 15 милиони евра, 1.500 вработени“, рече министерот за економија и регионален развој Небојша Чириќ.
„Дури и за време на рецесијата“, рече Калановиќ за SETimes, „ние успеавме да донесеме во Србија брендови кои гарантираат дека ќе имаме подобар извоз и нови работни места.“
И покрај тоа, невработеноста останува повисока од 23 отсто и инфлацијата на крајот од 2011 година го надмина таргетот од 6 отсто, станувајќи 7 отсто за период од една година, според податоците што ги претстави гувернерот на Народната банка на Србија (НБС), Дејан Шошкиќ.
Оваа година целта е поамбициозна. „Нашата целна инфлација за оваа година е 4 отсто, +/- 1,5 отсто, нешто што ние сметаме дека е остварливо. Очигледно, ризици има. Ризиците, во основа, потенцијално доаѓаат од меѓународното опкружување, од меѓународните финансиски пазари и од фискалната страна -- ако остане во согласност со законски препишаниот инструмент со законот за буџетскиот систем.“
Богдан Лисовлик, од канцеларијата на ММФ во Србија, изјави на конференцијата дека инфлацијата паѓа, помогната од глобалните цени на прехранбените производи. Тој вели дека целта на НБС е на дофат.
„Најчест проблем е искушението за краткорочни „фиксирања“ -- обично се работи за оправдување на потребата за владино дејствување и честопати се работи за барање финансиска помош ... Единственото решение е да се остави владата да направи она што може да го прави добро и да му се даде шанса на приватниот сектор. Енергичниот приватен сектор е докажен темел на економскиот успех“, рече Лисовлик.
Еден од најуспешните бизнисмени во Србија, српскиот магнат Миодраг Костиќ, кој е сопственик на МК Груп, се согласува.
„Слушнав дека во Давос, некој рекол оти капитализмот нема алтернатива, но тоа не е случај во Србија. Тука, капитализмот има алтернатива, но јас не сум сигурен дека имаме консензус за тоа која е таа алтернатива. Тука, сите говорат за приватизацијата негативно, иако зголемувањето на продуктивноста е за четири или пет пати во приватните претпријатија, и, генерално, тие се нашите главни извозници. Но, во неприватизираните претпријатија, нивната вредност се намалува за 20 отсто.“
Костиќ додаде „Србија нема проблем со финансиите; Србија има проблем со менталитетот“.
Покрај тоа, Србија мора да промени некои економски навики, да се придвижи кон пристапувањето во ЕУ. Адријано Мартинс, заменик-шеф на делегацијата на ЕУ во Србија, изјави пред учесниците на конференцијата дека тука спаѓаат воспоставувањето слободна пазарна економија и капацитет за вршење конкурентски притисок на внатрешниот пазар на ЕУ.
Тој се одлучи за пооптимистички тон. „Времињата на криза се, исто така, времиња на можности. Ова е момент Србија да реши некои структурни проблеми и недостатоци со кои се бори со години.“