Опозициските партии во Македонија ги здружија силите

08/02/2010

Здружените опозициски партии -- кои се нарекуваат себеси „Фронт“ -- бараат големи промени во Македонија, почнувајќи со нова влада.

Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопјe -- 08/02/10

Дванаесет политички партии во Македонија потпишаа договор за соработка минатата недела, со заедничка цел соборување на премиерот Никола Груевски и коалицијата што ја сочинува неговата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашата крајна цел е пораз на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече водачот на коалицијата Бранко Црвенковски, обелоденувајќи го новиот блок во Скопје на 1-ви февруари. Црвенковски, поранешен претседател на Македонија, рече дека голем број партии ги оставија настрана своите разлики за доброто на нацијата во едно клучно време.

Симболично наречен „Фронт“, повеќепартискиот блок е предводен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на Црвенковски. Коалицијата ја сочинуваат различни актуелни сојузници и поранешни ривали -- од левицата, ултралевицата и комунистите, па сé до претежно центристичките партии.

Нивна единствена цел е соборување на владејачката централно-десничарска коалиција, која е на власт од парламентарните избори во јули 2006 година. Набљудувачите се генерално скептични дека Фронтот ќе успее да ги оствари своите цели за брзо време, посочувајќи ги анкетите според кои владата на Груевски и понатаму е многу популарна меѓу народот.

Либерал-демократите -- кои жестоко го критикуваат Груевски, но во истовреме го предизвикуваат и Црвенковски -- не се приклучија на Фронтот. Исто така, учеството го одби и Демократската партија на Албанците, предводена од Мендух Тачи.

Љубе Бошковски (49) е поранешен министер за внатрешни работи во владата на Груевски. Ослободен од обвиненијата за воени злосторства во врска со тортура и убиства во 2001 година на етничките Албанци во селото Љуботен, Бошковски е сега жесток критичар на Груевски.

Претседателот на Нова алтернатива, Ѓорѓи Оровчанец, се обрати пред присутните на потпишувањето на повеќепартискиот договор, велејќи дека владата на Груевски не исполни ниту едно од своите ветувања.

„Немаме никакви инвестиции, немаме пари, немаме никакво производство, немаме пријатели.“

Груевски не сакаше да коментира за критиките против него, велејќи само дека не се плаши од губење на власта.

Аналитичарите посочуваат дека само мал број гласачи се наклонети кон повеќето партии кои се потпишаа во Фронтот.

Професорот Јове Кекеновски вели дека влијанието на обединетата опозиција е претежно психолошко, додека политичкиот експерт Алберт Муслиу ја поздрави консолидацијата на опозицијата, како коректив за актуелната влада.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас