Остануваат прашањата поврзани со романската револуција

24/11/2009

Поминаа две децении по падот на комунизмот, но некои специфични настани и понатаму остануваат предмет на критичко разгледување, дури и сега.

Од Пол Чикои за Southeast European Times во Букурешт -- 24/11/09

Романија ја помина најкрвавата транзиција од комунизам во демократија во Источна Европа, процес кој сé уште не може да биде уредно сумиран во историските книги.

Повеќе од 1.500 смртни случаи беа регистрирани во судирите помеѓу демонстрантите и властите во декември 1989 година, кои го забрзаа падот на тоталитарниот режим на Николае Чаушеску.

„Жално е што 20 години по овие настани, сé уште не знаеме што се случило“, рече претседателот Трајан Башеску минатата недела, повикувајќи на темелна истрага на историските настани.

Романската револуција започна во Темишвар, втор по големина град во Романија, каде што илјадници жители на парохијата започнаа протест против одлуката на владата за присилно префрлање на свештеникот Лазло Токес во едно село.

Токес јавно го критикуваше режимот и честопати беше цитиран во странскиот печат. Ова ја поттикна тајната полиција, Секуритате, да го држи на око.

Но, протестот на жителите на парохијата наскоро привлече илјадници луѓе, кои го исполнија централниот плоштад во Темишвар и извикуваа „Долу Чаушеску“.

Како што растеше бројот на демонстрантите, романската армија се вклучи да ги задуши протестите.

А.Г., армиски регрут, бил однесен во Темишвар со стриктна наредба да собира разузнавачки податоци и пасивно да се меша во протестите.

„Луѓето беа сосема избезумени и лути откако армијата отвори оган, не препознаа поради нашите атлетски тела, кратко потстрижена коса и љубопитен изглед, и не бркаа по улиците“, изјави тој за SETimes.

А.Г. објасни дека наредбите за задушување на немирите останале на сила „додека министерот за одбрана, генерал Василе Милеа, не изврши самоубиство. Тогаш сé се смени. Армијата го положи оружјето и почна да се спријателува со народот“.

Протестите во Темишвар наскоро се проширија и во Клуж-Напока, Сибиу и Букурешт.

Чаушеску ја повика јавноста на митинг на 22-ри декември 1989 година, но таа се сврте против него. Стотици илјадници луѓе се собраа пред седиштето на поранешната комунистичка партија, сега наречен Плоштад на револуцијата. Чаушеску се обиде да избега, но беше фатен во близина на Тарговиште и егзекутиран на Божиќ, по брзата судска постапка.

Дваесет години подоцна, Романија е демократска земја и членка на ЕУ и НАТО. Сепак, прашањето за тоа дали револуцијата од 1989 година беше државен удар или народно востание, предизвикано од полудецениското угнетување, сé уште останува.

Многумина во земјата се прашуваат зошто поскомунистичкото романско раководство го сочинуваат многу поранешни комунистички високи функционери, и зошто архивите на Секуритате не се целосно достапни.

Сепак, земјата продолжува да се оддалечува од своето комунистичко наследство.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас