САД ги поддржаа БиХ и Црна Гора за МАП на НАТО

20/11/2009

Министрите на Американско-јадранската повелба се согласија да потпишат заедничка изјава за унапредување на соработката низ регионалните центри во Западен Балкан.

Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 20/11/09

Министрите за одбрана на седум држави од Југоисточна Европа и американското Министерство за одбрана се состанаа во средата (18-ти ноември), на разговори околу понатамошната соработка и процесот на проширување на НАТО.

На состанокот -- петти по ред на министрите за одбрана од Американско-јадранската повелба -- учествуваа американскиот вицепремиер Аријан Старова, министерот за одбрана на Босна и Херцеговина (БиХ) Селмо Цикотиќ, хрватскиот државен секретар за одбрана, Пјер Симуновиќ, македонскиот министер за одбрана, Зоран Коњановски, црногорскиот министер за одбрана, Боро Вучиниќ, и американскиот помошник министер за одбрана, амбасадорот Александар Вершбау. Им се придружија и словенечката министер за одбрана, Љубица Јелишиќ, и српскиот министер за одбрана, Драган Шутановац, од гостинските и набљудувачките земји.

По состанокот, Вершбау ја потврди американската поддршка за претходното одобрување на апликациите на БиХ и Црна Гора за Акцискиот план за членство (МАП). Тој рече дека полноправното членство во НАТО за Македонија ќе биде поддржано, веднаш штом ќе биде решено прашањето на името.

Тој истакна дека регионалната соработка мора да вклучи „размена на знаење и експертиза, како и комбинирана обука и распоредување и утврдување колективно водство на потребните реформи во членките на Повелбата“.

На состанокот во средата, министрите се согласија да потпишат заедничка изјава која предвидуваше унапредување на соработката преку регионалните центри во Западен Балкан. Тие истакнаа дека идеите за воспоставување Координативна ќелија, во Центарот на обука за операциите на поддршка на мирот (ПСОТЦ) во Сараево, ќе бидат наскоро претставени на политичко ниво.

Министрите ја истакнаа важноста на обезбедувањето поддршка за БиХ и Црна Гора, во нивните напори за интеграција во евроатланските структури, и рекоа дека очекуваат полноправна интеграција во НАТО на Македонија, во блиска иднина.

Потврдувајќи го своето верување дека продолжувањето на регионално избалансираното проширување претставува основен елемент на тековната трансформација на НАТО, министрите ги охрабрија шефовите на држави и влади на НАТО да ја потврдат својата политика на „отворени врати“.

„Со успешното надминување на бројните предизвици со кои се соочивме во изминатиот период, нашиот регион го покажа својот капацитет да се издигне себеси на ниво на стандардите што се очекуваат од идните членки на НАТО и ЕУ, и претставува модел за демократската трансформација“, рече Коњановски.

Цикотиќ истакна дека земјите во регионот мора да докажат дека нивните заеднички интереси се над интересите на одделните земји. „Важно е сите да научат нешто од искуството на БиХ пред 15 години, кога плативме висока цена за меѓусебната несоработка“, рече тој.

Американско-јадранската повелба претставува сојуз на држави од Јадранскиот регион, кои работат заедно на унапредување на своите обиди за пристапување во НАТО. Истата беше формирана од Албанија, Хрватска, Македонија и САД во 2003 година, а во 2008 година ѝ се придружија Црна Гора и БиХ. На 1-ви април оваа година Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас