12/11/2009
Неколку дена пред гласачите да излезат на гласање, тројца осомничени се уапсени за, како што се верува, политички мотивиран напад.
Од Беса Беќири за Southeast European Time во Приштина -- 12/11/09
Пред првите независни избори во Косово в недела (15-ти ноември), кампања на насилство ја зафати поранешната српска покраина.
Косовската полиција потврди дека група луѓе фрлале камења на придружбата на премиерот Хашим Тачи во средата вечер (11-ти ноември), по митингот во Дечани. Неколку автомобили се оштетени, но нема пријави за повредени.
Дечани е под контрола на Сојузот за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај. Весникот Експрес објави дека се уапсени тројца осомничени.
„Поттикнати и организирани директно од Рамуш Харадинај ... имаше обид за насилство и заплашување на слободната волја на граѓаните“, објави Демократската партија на Косово (ПДК) на Тачи по инцидентот.
Американската амбасада во Приштина, исто така, го осуди нападот. „На насилството не му е место во кампањите, изборите или демократските процеси. Наводите за насилство од страна на една партија, во никој случај не ги оправдуваат насилните реакции од другите. Ги повикуваме сите политички водачи, партии и активисти да се воздржат од насилство и провокации.“
Повеќе од 1,5 милиони гласачи се регистрирани за гласање во првиот од двата круга гласања. Вториот ќе се одржи на 13-ти декември.
Исто така, има 1.806 лица со право на глас во странство. Гласањето ќе се одржи во 36 општини -- со исклучок на северна Митровица и Партеш, во областа на Гњилане.
Победничките кандидати -- од вкупно повеќе од 6.500 кои се кандидираа за позиции во собранието и 205 кои се кандидираа за градоначалничките места -- мора да освојат 50 отсто од гласовите за победа со просто мнозинство.
Европската мрежа на изборни набљудувачки организации (ЕНЕМО), предводена од Дарко Алексов, ќе го следи гласањето. Набљудувачите „ќе загарантираат независна и компетентна проценка на локалните избори“, рече Алексов.
Претседателот Фатмир Сејдиу вели дека овие избори претставуваат добра шанса да се докаже дека Косово „е подготвено да ги одржи -- на најдобар начин -- своите први избори како суверена и демократска држава“.
На крајот од минатиот месец, Сејдиу, Тачи и американскиот амбасадор во Косово, Кристофер Дел, ја посетија Централната изборна комисија. За време на посетата, Дел ја подвлече важноста на тоа што Косово само организира избори.
„Без УНМИК. Без ОБСЕ. Косово е тоа што ја води играта“, рече тој. „Конечно, и можеби најважно, сите граѓани на Косово имаат одговорност да ги направат овие избори успешни.“
Косовските водачи и меѓународните претставници ги повикаа косовските Срби да учествуваат на изборите, но Белград и понатаму се противи.
„Србите кои ќе учествуваат, нема да можат да сметаат на поддршката на Белград“, рече српскиот министер за Косово Оливер Ивановиќ за белградски Б92. „Кога само 3 отсто од населението учествува, тоа го поткопува легитимитетот.“
„Се плашам дека [српските кандидати] не разбираат оти со учество на изборите, тие паѓаат во замка, бидејќи, ова може да ги донесе сите Срби во судир со српската влада“, додаде тој.
Но, специјалниот известувач на ЕУ, Питер Фејт, за локалните медиуми изјави: „Ако локалните Срби не учествуваат на локалните избори ... тие ризикуваат да ја изгубат контролата на локалната власт во општините и териториите каде што тие претставуваат мнозинско население“.