Македонскиот „Гранд кањон“

20/07/2009

Од прекрасните сталагмити до ендемичните суштества кои брмчат низ зафрлените места, Кањонот Матка е македонски скапоцен камен.

Од Димитар Боцевски за Southeast European Times во Скопје -- 20/07/09 Фотографии на Томислав Георгиев

На помалку од 20 километри југозападно од Скопје, Кањонот Матка е идеално место за проучување на зелените македонски пејзажи.

Кањонот, кој се протега на околу 5.000 хектари, е преполн со пештери, патеки за пешачење и бистри, брзи реки -- рај под отворено небо.

Карстните пештери се растурени низ целиот кањон, од кои некои се долги и повеќе од 100 метри. За ентузијастите по спелеологија -- проучување на пештерите -- локалните чамци прават тури низ подземните реки секој ден, така што посетителите може да ги погледнат варовничките сталактити и сталагмити.

Љубителите на вода може да уживаат во возењето кајак во блиската река Треска. Местото е познато по своите можности за слалом во диви води. Таму се организираат бројни меѓународни и регионални шампионати во возење кајак.

„Матка е, исто така, македонскиот збор за „матка“. Прекрасниот женски манастир во близина на кањонот на реката [Tреска] -- кој драматично ги расцепува гранитните карпи -- го добил името по Марија, мајката на Исус, и е посветен на мајките „од кои тече целиот човечки живот“, се вели на македонскиот национален туристички портал.

Манастирот Матка, познат и како Св. Богородица, кој се наоѓа на брегот од реката Треска, има фрески кои датираат од 15-тиот век, според Adventure Guide Macedonia.

Неколку други манастири и цркви може да се најдат близу кањонот, како што е манастирот Св. Андреј, кој се смета дека датира од крајот на 1300-тите години.

Уметноста и религијата не се единствените работи кои виреат во Кањонот Матка. Топлата медитеранска клима создава услови за најразлична флора и фауна.

Десетици ендемични ноќни и денски пеперутки летаат во околината. Исто така, има ретки видови лешинари и орли, и ноќни суштества кои се претежно непознати во ентомолошката заедница.

За оние кои сакаат да ја истражат Матка, и да ги ѕирнат уникатните животни што се кријат во шумите и околу каменестите пејзажи, десетици пешачки патеки се свиваат и испресекуваат низ кањонот. Шетачите кои трагаат по малку поголем предизвик можат да се качуваат по високите карпести ѕидови. Има патеки за неискусни планинари, како и за експерти.

Посетителите обично го завршуваат денот со вкусна храна на терасата од ресторанот на хотелот Матка, гледајќи во езерото на кањонот.

Скопје го смета Кањонот Матка за „споменик на природата“ од 1990-тите.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас